Македонија
Захариева: Нема да подлегнеме на притисок за Северна Македонија, ЕУ не е Југославија
Бугарија нема да подлегне на притисок за интеграциите на Северна Македонија, изјави за БТВ вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, по повод синоќешната средба со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.
Захариева потврди дека двајцата разговарале за претстојното свикување на меѓувладината конференција, но истакна дека датумот треба да биде објавен од двете страни.
„Европската Унија не работи како Југославија, таа работи поинаку и ние и’ зборуваме за тоа на Република Северна Македонија од 2019 година“, рече Захариева, потсетувајќи на почитување на Договорот за добрососедство и неопходноста од напредок во дијалогот.
Таа рече дека никој, вклучувајќи ги и САД, не може во иднина да ја притисне Бугарија да попушти и да дозволи пристапни преговори на Македонија со ЕУ, доколку не се исполнети условите.
Захариева вчера оствари средба со министерот Бујар Османи во Софија, каде што разговараа за акцискиот план. По средбата, од Софија стигна порака дека Бугарија ја поддржува европската интеграција на земјава, со исполнување соодветни услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон ЕУ
Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски имаше воведно обраќање на Инаугуративниот меѓународен симпозиум на Меѓународната асоцијација за безбедност на администратори на кампуси на агенциите за спроведување на законот (IACLEA).
Овој симпозиум ги опфати темите поврзани со сајбер безбедноста, спречувањето на криминалот од омраза, обезбедувањето при собири од поголеми размери, спречувањето и борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, а на истиот свое учество имаат и реномирани меѓународни експерти од оваа област, вклучително и од македонското министерство за внатрешни работи.
Истакнувајќи ја меѓусебната соработка во борбата против транснационалниот криминал, Тошковски во своето обраќање потенцираше дека:
„Географијата нé прави соседи. Историјата нé прави пријатели. Економијата нé прави партнери, а неопходноста од заедничко дејствување против сите закани и опасности – нé направи сојузници. Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон Европската унија. Во Европската Унија – регионалната соработка е средство за постигнување стабилизација, еден од чекорите за натамошна интеграција на ЕУ. Со други зборови, сите сме „за“ регионална соработка, но заради различни причини.“
Сервисни информации
Сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента
Од 9.10 часот сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Бојмацалиев: 27 милиони денари вложени во објектот на ЕВР Гази Баба
Денеска, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, оствари работна средба со раководството на Единицата за внатрешни работи Гази Баба, каде што беше брифиран за активностите и изготвените планови од СВР Скопје, а по кои постапуваат полициските службеници од оваа организациска единица, во насока на гарантирање на безбедноста на училиштата, јавниот превоз, сузбивање мигранти, обезбедување спортски натпревари итн.
„Во делокругот на кривичните дела на подрачје на ЕВР Гази Баба случени се 248 кривични дела што се гонат по службена должност, каде што за нив се сочинети 40 кривични пријави против 61 сторител и расчистени се 43 кривични дела“, информира Бојмацалиев. Притоа тој истакна дека вработените во ЕВР Гази Баба имаат драстично подобрени работни услови преку реконструираниот објект во вредност од 27 милиони денари.
„Кога станува збор за ЕВР Гази Баба, целиот објект е квалитетно решен и просторниот проблем на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи – Скопје при Одделот за граѓански работи, но и на Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје, унапредувајќи го квалитативното ниво на работа на овие организациони единици, кои се од исклучителна важност“, рече Бојмацалиев.
Во оваа пригода Бојмацалиев ги посети и раководителите на организациските единици во рамките на СВР Скопје, кои во моментот во ЕВР Гази Баба слушаат обука „Улогата на полицијата за време на изборите 2024“, во насока на гарарантирање безбеден и мирен изборен процес.
„Уверен сум дека колегите на обуката ќе ги утврдат веќе стекнатите знаења што ги демонстрирале и во претходните изборни циклуси. Можам да кажам дека МВР е целосно подготвено за спроведување фер, слободни и демократски избори по европски терк“, рече Бојмацалиев.