Македонија
Зајкова: Се очекува да биде усвоен законот за субвенциониран студентски оброк што го предложи ЛДП
Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк кој го иницираше Либерално демократската партија ја доби неопходната поддршка во Собраниските комисии, и се очекува на почетокот на наредната недела да биде усвоен на пленарна седница на Собранието, вели Моника Зајкова, потпретседателка на ЛДП.
Преку Законот за субвенциониран студентски оброк, кој што тимот на ЛДП го подготви врз основа на сличен проект што веќе со години функционира во Словенија, од партијата велат дека се обезбедува можност студентите за значително пониска цена да можат да се хранат кај регистрирани даватели на услуги, коишто ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука за субвенционирање на студентскиот оброк.
Зајкова објаснува дека студентите од Министерството за образование и наука ќе добиваат финансиска поддршка во износ од 120 денари дневно, наменета за купување на приготвена храна. На тој начин се обезбедува финансиска поддршка, но и поквалитетен и поздрав живот за младите во периодот на студенстките денови.
„Согласно предложеното законско решение право на субвенциониран оброк ќе имаат редовните студенти на додипломски студии на државните и на приватните универзитети државјани на Република Северна Македонија, кои се регистрирани во системот, по пат на посебна пријава која студентот ќе ја поднесе при запишување во тековната академска година , а кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по било кој основ поголем од минималната нето плата во Републиката за тековната година“, дополнува Зајкова.
Оваа можност студентите ќе имаат право да ја користат од понеделник до петок од осум часот наутро до 20 часот навечер.
„Морам да истакнам дека значењето на овој проект го препознаа и Владата којашто даде позитивно мислење за ова законско решение, но и пратениците од сите пратенички групи кои на комисиските седници во Собранието го поддржаа предлогот на ЛДП и дадоа свој придонес во подобрување на содржината на истото. ЛДП се грижи за развојот и иднината на нашата младина. Студентите се нашата иднина и заслужуваат да ги имаат истите придобивки и истите услови за студирање како нивните врсници во Европа“, завршува Зајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и Бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Идната наша влада ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Главен фокус на идната влада во здравството ќе биде укинување на дуализмот. Ќе се спроведе спојување на клиниките во еден интегриран Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“. Интегриран Клинички центар во Скопје ќе значи подобри услуги за пациентите и намалување на трошоците при јавните набавки, кои ќе бидат вршени централизирано. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заокружи целиот процес со Клиничкиот центар во Скопје со изградба на нов објект“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, истовремено владата ќе биде силно фокусирана и на довршување со градбата на Клиничката болница во Штип.
„По изградбата на Клиничката болница истата ќе биде опремена со најсовремена опрема и истата ќе се доекипира со соодветен медицински кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го има здравјето на граѓаните на прво место, затоа континуирано ќе вложуваме во здравството. Време е да ја вратиме државата на народот“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.