Македонија
За здравството во буџетот се предвидени 7,1 милијарди денари
Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција го презентираше Предлог-буџетот за 2020 година. Тој истакна за здравството, во буџетот предвидени се 7,1 милијарда денари, што претставува зголемување за 634 милиони денари, во споредба со буџетот од минатата година.
„Оваа година ја почнавме со зголемување на платите на здравствените работници. Со овој тренд на зголемување на платите и подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал продолжуваме и во 2020 година. Во изминативе две години, вкупното зголемување на платите за докторите специјалисти е 40 проценти. 20 отсто на медицинските сестри, а 23 проценти на медицинските сестри во Клиниките. 20 отсто повисоки плати имаат и лекарите специјалисти од наставниот кадар, 25 отсто општите лекари и 15 проценти за сите здравствени соработници“, рече министерот.
Тој спомена и дека в година завршуваат градежните активности на реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. Продолжуваат градежните активности во Општата болница во Струмица, како и реконструкција и доградба на Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје.
„Нашите приоритети и цели се реконструкција на Котларата во Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир и реконструкција на кровот во Заводот за нефрологија во Струга. Средствата за оваа намена за реконструкција и доградба на објектите во јавно-здравствените установи во Република Северна Македонија изнесува 207.770 милиони денари. Со средствата предвидени за изградба на новите Клинички центри во Скопје и во Штип, во висина од 812 милиони денари, ќе продолжи изградбата на новата Клиничка болница во Штип и новиот Универзитетски Клинички центар во Скопје“, рече министерот.
Како што посочи, во 2020 година предвидена е и набавка на медицинска опрема за јавно-здравствените установи во државава. Завршени се постапките за набавка на медицинска опрема за Универзитетската Клиника за дигестивна хирургија и апарат за компјутеризирана томографија за болницата во Струга.
„За првпат, Министерството за здравство од оваа година го обезбеди лекот Спинраза за пациентите со спинална мускулна атрофија и таблетарната форма за пациентите со ретката болест Гоше. За 2020 година, го зголемуваме буџетот за ретките болести за 42 милиони денари и тој изнесува 527 милиони денари. Со Предлог-буџетот за 2020 година, обезбедуваме инсулини, инсулински игли, глукагон, ленти за мерење на шеќер и пумпи за континуирано снабдување на инсулин, во висина од 750 милиони денари“, додаде министерот.
Тој подвлече дека имунизацијата останува приоритет и во 2020 година, а буџетот за оваа намена изнесува 395 милиони денари.
Со оваа програма, вели министерот, се обезбедуваат вакцини за континуирана имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации. Поради епидемијата од морбили (мали сипаници) потребно е да се набават нови дози на МРП вакцината.
Министерот додаде и дека програмата за целосно здравствено осигурување, се обезбедуваат услови за плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување на државјаните на Република Северна Македонија кои немаат ниту еден основ на здравствено осигурување. Министерството за здравство како обврзник за пресметување и уплатување на придонесот за задолжително здравствено осигурување ќе може на месечна основа да го плаќа придонесот. Оваа ставка изнесува 2.9 милијарди денари.
„Се грижиме за пензионерите, покрај укинувањето на квотите за лекови на рецепт и обезбедувањето на лекови во секое време, во кој било период од месецот, исто така во 2020 година продолжуваме со обезбедување на болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната. Во оваа програма, предвидени се средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за децата на возраст до 18 години чии семејства се корисници на социјална парична помош. За оваа намена одвоени се 89.4 милиони денари“, нагласи министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари од централниот митинг во Струга: Зголемување на минималната плата до 800 евра за борба против имиграцијата
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари, ја изрази својата заложба за борба против имиграцијата преку зголемување на минималната плата во нашата земја. Во рамките на идната влада се планира зголемување на платите и до 800 евра, со што ќе се создадат нови можности младите мажи и жени да останат и да придонесат за развојот на државата.
Преку грантови за технологија и иновации, Таравари рече дека владата има за цел да ги поддржи нивните креативни идеи, фокусирајќи се на развојот на земјата како атрактивна алтернатива за младите.
„Иселувањето кај нас е над секоја норма, бројките се алармантни. Не можеме да останеме рамнодушни на оваа ситуација. Така како следна влада на ВЛЕН ќе донесеме одлука за покачување на платите. Ќе се заложиме минималната плата до крајот на нашиот прв владејачки мандат да биде 800 евра. Преку грантови за технологија и иновации, ќе ги поддржиме младите мажи и жени со нивните креативни идеи, кои првенствено служат за нашиот развој како држава. Ова ќе биде дополнителна причина да ја гледаат иднината овде со нас, недалеку од нивните домови, недалеку од нивниот роден град“, рече Арбен Таравари на централниот митинг во Струга.
Македонија
(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија
„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја славиме Македонија како твоја и Македонија како горда! Ви ветуваме дека ќе докажеме дека нема да ве срамиме, дека нема да ги заборавиме државните и нациолнални интереси, кои тие не само што ги заборавија, туку и ги погазија! Молам за доверба!“, рече Горданa Силјановска -Давкова, кандидат за претседател на Македонија.
„Верувајте ми, има моменти во историјата! А таков е овој, кога мора да сме заедно! Кога како никогаш досега, потребна ни е вашата поддршка! Без вас не може да направиме единство! Без вас Македонија не може да биде ниту твоја, ниту горда! Без вас не може да дојдеме до победа! Вие го имате првиот и последниот збор! Ви веруваме!
Денес е Денот на светското културно наследство. Охрид е незаменлив и ценет, драгоцен дел од него. Охрид е споменик и дом на европското христијанство! Да го чуваме! Не заборавајте: Без Охрид, Македонија нема да биде почитувана!
Час поскоро, активирајте го универизтетот на Плаошник! Оваа власт не знае што е култура, за неа културата е бизнис. Ако започна изградбата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, мора да доврши.
Во насока на јакнење на културниот туризам ќе покренам организирање на меѓународен форум – Плаошник форум, на кој ќе се дискутира соработката на цивилизациите, религиите и културите. Сето ова во соработка со УНЕСКО и Министерството за култура! Упатувам порака дека: Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите! Дијалог на религиите! Центар на културен дијалог! Затоа сум горда на него!“, додаде Горданa Силјановска -Давкова.
Македонија
Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ
Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од големиот народен митинг во Охрид, од каде што традиционално ВМРО-ДПМНЕ ја почнува кампањата за парламентарните избори.
Мицкоски посочи дека долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, а понекогаш и се занемаруваше и никогаш како сега не било важно како сега да се случи обединување, да се обезбеди национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија“, рече Мицкоски.
Додаде дека со Левица и ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но смета дека во моментов, најважно за Македонија е да се фокусираат на оние кои што ја киднапираа државата од граѓаните.
„Но, ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски.