Македонија
Здравствени работници направиле прекршоци во случајот на стружанката која почина од коронавирусот
Има прекршувања во случајот со почината стружанка од коронавирусот, која и покрај тоа што имала упат од матичниот лекар, не била примена во охридската болница, извести денеска Иринка Сотирова-Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Вонредниот надзор во болницата, кој почна вчера, сè уште трае, а комплетен извештај директорката најави дека ќе има до крајот на денот.
„Од досега добиените информации, ќе ви потврдам, да, утврдено е прекршување во однос на неовозможување здравствена заштита на пациент кој побарал здравствена заштита. Се однесува на здравствен работник кој бил дежурен во времето кога пациентката е донесена на преглед. Точен е податокот дека матичниот лекар за пациентката има издадено упат на 25 овој месец. За сите други прашања, ќе можам да одговорам и ќе го информирам и министерот во целокупниот извештај, кој ќе биде подготвен денеска, затоа што сè уште се земаат изјави од лицата што вечерта работеле или дежурале тој ден или следниот во охридската болница“, рече директорката Сотирова-Бухова.
На инфективното одделение во охридската болница работат тројца специјалисти и двајца специјализанти како високомедицински кадар, доктори и повеќе сестри.
„Одговорноста што ќе ја имаат и ќе се утврдува понатаму, ќе се утврдува од страна на ДСЗИ по членовите овозможени од Законот за здравствената заштита“, најави директорката Сотирова-Бухова.
Таа извести дека Обвинителството, иако јави дека има постапка за починатата стружанка, сè уште не побарало информации од Инспекторатот.
„Ние како Државен санитарен и здравствен инспекторат обврзани сме да ги информираме сите институции кои може да постапуваат по ова прашање“, рече Сотирова-Бухова.
Нагласи и дека инфективното одделение во охридската болница функционира и ќе биде примен секој што ќе дојде со упат.
Министерството за здравство во саботата јави дека починала 66-годишна стружанка, која, според епидемиолошката анкета, била на гости во Дебар пред да се прогласи кризната состојба на 13 март и семејството било во домашна самоизолација. Кога ѝ се јавиле симптоми на 24 март, закажала тестирање. Тестот ѝ бил направен два дена подоцна, на 26 март. Резултатот, кој бил позитивен на коронавирусот, стигнал следниот ден на 27 март, но стружанката и покрај упатот од матичниот лекар, не била примена во болница и починала на 28 март.
Министерството за здравство најави ревизија на целиот случај во истиот момент кога јави за смртта на стружанката, а и охридското Обвинителство извести дека поведува постапка. Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера најави дека денес ќе ја разреши директорката на охридската болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Едукативен мото настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори, ќе им биде презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Низ дружење со претставници и членови од мото клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење на електрични превозни средства“, велат од општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа Медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот Закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски” – Битола а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и Висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на Факултетот ќе бидат Клиничката болница Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид , Специјалната болница за нефрологија Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти кои ке станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на Медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места, да студираат во своето место. Значително ќе допринесе во создавањето на нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување на високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.
Скопје
Герасимовски: Конечно, Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.