Македонија
ЗНМ за претставката на новинарката Василевска: „МКД.мк“ и „СДК.мк“ го прекршија Кодексот
ЗНМ преку соопштение се изјасни по претставката на новинарката Ана Василевска за текстови објавени кон крајот на јули 2020 година во порталите „МКД.мк“ и „СДК.мк“ во врска со Агенцијата за филм и одлуката на антикорупциската комисија да постапува во рамките на нејзините надлежности.
Василевска реагира на спомнувањето на нејзиното име во тие текстови, без да биде контактирана како втора страна и без да се објави демант, со што смета дека е нанесена штета на нејзиниот професионален углед.
„Имено, во посочените текстови за Василевска стои дека има конфликт на интереси како член на Советот на Агенцијата за филм и рецензент истовремено. Со претставките е приложен и извештај од инспекцискиот надзор, кој ги негира наводите за постоење конфликт на интереси.
Врз основа на приложените докази Советот на честа е на став дека има прекршување на Кодексот на ЗНМ во членовите 1 и 3, со кои се наложува проверка на информацијата и настојување на новинарот за објавување деманти.
– Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
– Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.
Точно е дека медиумите го објавиле ставот на директорот на Агенцијата, Тозија, но не побарале став и од Василевска, чие име се спомнува во текстовите. Советот на честа им препорачува на колегите новинари, без оглед дали се членови на ЗНМ или не, во своите написи, особено кога станува збор за конфликт на интереси или за информации поврзани за финансии, да користат прецизни термини бидејќи во конкретниот случај не станува збор за конфликт на интереси, туку за преклопување, или во краен случај неспојливост на ангажмани на субјект од облигациониот договор“, се наведува во соопштението на ЗНМ.
Советот на честа на ЗНМ ѝ препорачува на Ана Василевска да испрати личен демант до посочените портали бидејќи Кодексот ја предвидува оваа обврска за медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беќаровски навести дека си оди од Токсикологија: Дон Кихот конечно го напушта оклопот
Доктор Нико Беќаровски навести дека ќе си замине од Клиниката за Токсикологија.
Во статус на социјалните мрежи, Беќаровски порача дека е време на приватните клиники да се отвори Одделение за детоксикација и Клиничка токсикологија.
„35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кохот конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, пишува Беќаровски.
Ова се случува откако вчера на прес-конференција заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно ја прозваа економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, дека не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо, тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица кои немаат соодветно образование.
Беќаровски кој е раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката рече дека едниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборант- барал урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази, лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето на јазици – со оглед на тоа што македонскиот не го зборува, а Беќаровски се обидел да комуницира со неа на англиски јазик.
Министерот за здравство Илир Демири најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и економската директорка бидејќи немал сознанија за прекршок.
Македонија
Дожд и снег на повисоките места: ЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
ЦУК апелира за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, со доумерен ветер и со снег на повисоките места.
Кога се оди со возило на планините е препорачливо да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот, велат од ЦУК.
„Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, се наведува во соопштението.
Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
„Во реонот на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, во повеќе наврати ќе се извршат минирања на теренот“, информираат од ЦУК.
Македонија
Странски новинари, преведувачи: вкупно 942 набљудувачи ќе ги следат претседателските избори
Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април.
Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.
Парламентраните избори во земјава ќе ги следат над 2000 домашни и странски набљудувачи.
Изборите за шеф на државата ќе ги следат и странски новинари.
Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.