Македонија
ЗНМ: Малтретирани новинари од страна на службеници во Комунална хигиена – МВР итно да реагира
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја осудува постапката на службеници од секторот за односи со јавност и од обезбедувањето на „Комунална хигиена – Скопје“ кои денеска, како што појаснуваат од таму, сериозно ги прекршиле правата на новинарите Фуркан Салиу и Авни Тахири, преку „насилно одземање на нивната опрема и нивно незаконско задржување против нивна волја“.
„Според колегите, овој скандалозен настан се случил денеска во просториите на ова јавно претпријатие во Скопје. Во овој инцидент службеничка која се претставила како одговорна за односи со јавност, по претходна вербална расправа со двајцата новинари, на колегата Салиу му го одзела телефонот и одбивала да го врати. Истовремено, тројца членови на обезбедувањето од Дирекцијата на ’Комунална хигиена – Скопје’, против волја на двајцата новинари ги задржале во просториите на оваа институција и истите биле ослободени дури откако пристигнале припадници на МВР, кои дошле набргу по претходна пријава од новинарот Тахири“, информираат од Здружението.
Инцидентот, додаваат од таму, претставува тешка повреда на правата на новинарите и попречување во нивната работа како и правото на слободно движење.
„Колегите Салиу и Тахири уредно закажале средба со претставници за односи со јавност за прилог поврзан со прашања од работните односи во оваа институција и истите имале обврска да одговорат на новинарските прашања, а не да ја одземаат нивната опрема како и незаконски да ги држат против нивната волја во просториите на јавното претпријатие. Затоа ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи веднаш да го истражи овој случај и да ја извести јавноста за оваа недозволива постапка кон новинарите од страна на службениците на Јавното претпријатие ’Комунална хигиена – Скопје’. Освен ова, бараме од страна на ново назначената директорка на оваа институција, Косана Мазнева, итно да ја испита постапката на вработените и да покрене дисциплински мерки во рамки на своите законски надлежности“, се наведува во напишаното од страна на Здружението на новинари на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: пет имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија ќе се одржат седмите претседателски избори, а до затворање на избирачките места во 19 часот, на сила е изборен молк.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.