Македонија
ЗНМ со осуда за Мицкоски поради етикетирање на новинари од 1ТВ
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ja осудува објавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во која, како што велат од здружението, тој на непримерен начин ги опишува новинарите и уредниците на 1ТВ и нивното работење.
Како што се наведува во соопштението, Мицкоски на „Фејсбук“ обвинил дека новинарите биле пристрасни и дека биле плаќани на сомнителен начин.
„Го потсетуваме Мицкоски дека работата на медиумите и новинарите ја оценува јавноста и професионалните здруженија и таквите паушални оценки, особено од високи политички претставници, единствено придонесуваат во намалување на довербата на јавноста во медиумите. Освен тоа, Мицкоски го нарушува принципот на пресумпција на невиност земајќи предвид дека овој случај е во истражна постапка, а според објавите во медиумите нема индиции за вмешаност на новинарите од оваа телевизија“, истакнуваат од ЗНМ.
Од таму апелираат до лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и до останатите политичари да престанат со ширење на квалификации за новинарите бидејќи, како што велат, тоа не е во духот на европските вредности и на долг рок може да предизвика само негативни последици во слободата на изразувањето.
ЗНМ ќе ја извести меѓународната заедница за овој тренд на водење на црни кампањи кон новинарите од страна на политичарите, бидејќи доколку дојде до посериозен напад врз некој од нашите колеги главниот дел од одговорноста ќе ја имаат токму тие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.