Македонија
Иванов ги одликува Акан Сувер и Исмаил Серагелдин со Медал за заслуги за Македонија
Претседателот Ѓорге Иванов, денеска, со Медал за заслуги за Македонија ги одликува професорите Акан Сувер и Исмаил Серагелдин и ѝ го додели признанието Повелба на Република Македонија на организацијата „Македонија 2025“.
Д-р Акан Сувер е одликуван со Медал за заслуги за Македонија за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување, со што даде значаен придонес за промовирање на македонските вредности и позиции во Република Турција и поширокиот европски и азиски простор со личен ангажман како основач и претседател на Фондацијата „Мармара“.
Д-р Исмаил Серагелдин е одликуван со Медал за заслуги за Македонија за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување, со што даде значаен придонес за промовирање на меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог и разбирање за промовирање на македонскиот модел на соживот со личен ангажман како основачки директор на новата Александриска библиотека во Александрија.
На организацијата „Македонија 2025“ ѝ се доделува признанието Повелба на Република Македонија за значаен придонес во економскиот развој и развојот на капацитетите на институциите на Република Македонија, унапредување на бизнис-секторот и промовирање на Република Македонија во странство.
„Преку овој форум македонската економија и македонските компании имаат ширум отворена врата за соработка во целиот евроазиски простор. Тоа е и врска меѓу Република Македонија и Република Турција“, рече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател истакна дека д-р Исмаил Серагелдин, долгогодишниот директор на новата Александриска библиотека, е вистински глобален мислител кој се залага за економски праведен систем, адаптација кон климатските промени, искоренување на сиромаштијата и гладот. „Како копретседател на Меѓународниот центар ‘Низами Ганџави’, тој е страсен поборник за слободата на мислата, совеста и верата и слободата на изразување. Д-р Исмаил Серагелдин го промовира македонскиот модел на соживот и почитување на различноста“, рече претседателот Иванов.
Претседателот Иванов при доделувањето на Повелбата на Република Македонија на организацијата „Македонија 2025“ рече дека оваа организација придонесува за создавање просперитетна иднина за младите во Република Македонија. „Македонија 2025“ напорно работи на внесување на меритократијата, прагматизмот и чесноста во македонското општество и држава, во македонската бизнис-заедница, меѓу младите професионалци. Со тоа придонесува кон градење посилна нација“, изјави македонскиот претседател.
Професорите Акан Сувер и Исмаил Серагелдин, како и Вера Ставроф, која го прими признанието во име на организацијата „Македонија 2025“, во своите обраќања изразија благодарност и ја истакнаа честа за доделените признанија, кои за нив претставуваат потврда и препознавање за нивната работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.
Македонија
Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи
Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските избори освои само 8.103 гласа, односно 0,90 %. Тоа е помалку од бројот на собрани потписи за претседателската кандидатура зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.
Јакимовски во неговата општина освои 2.143 гласа, а во родната Крива Паланка за Јакимовски гласале 182 граѓани.
Тој вчеравечер призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Силјановска-Давкова. Додаде дека не е задоволен од изборниот резултат.
Поразот на Јакимовски вчера беше главна тема на социјалните мрежи.
Стевчо Јакимовски ни комшиите не го гласале. Пошо да го гласаа ќе тепаше у прв круг.
— Ракун (@HumoroidM) April 24, 2024
Стевчо има повеќе квадрати во една општина свои отколку гласови
— БУГАРСКИ ПАСОШ🇲🇰 (@NemamBgPasos) April 24, 2024
И доктортот Нико Беќаровски за него објави хумористичен статус.
„Стефчо Јакимовски собра повеќе потписи од гласови“, напиша тој на „Фејсбук“.
Стевчо Јакимовски во првиот круг заврши последен по бројот на гласови на претседателските избори.
Македонија
Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро
На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија.
Тој соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, а беше познат и како крал на местенките во фудбалот.
Соработуваше со големи музички ѕвезди, како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгоевиќ, „Бјело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и многубројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.