Македонија
Иванов до Заев: Поведи постапка за импичмент, мојот став за договорот со Грција е конечен
Претседателот Ѓорге Иванов го повика премиерот Зоран Заев да поведе постапка за импичмент. Во соопштението испратено од кабинетот на претседателот, Иванов реагира на сите изнесени невистини и закани од страна на претседателот на Владата, Зоран Заев, во емисијата „Само вистина“ на телевизијата „Канал 5“.
„Го повикувам Заев со истото двотретинско мнозинство, кое е неопходно за менување на Уставот на Република Македонија, веднаш да поведе постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката, односно импичмент. Мојот став во однос на штетниот договор за името е конечен и останува непроменет и покрај сите искажани закани и притисоци“, се вели во реакцијата на претседателот.
Заев вчера во интервју изјави дека е можно собраниското мнозинство да побара импичмент за претседателот Ѓорге Иванов ако не го потпише договорот со Грција откако граѓаните на референдум би се изјасниле позитивно. За евентуалното повторно поведување на оваа постапка, според Уставот, неопходно е двотретинско мнозинство во Собранието и во Уставниот суд.
„Има желба за окрупнување на парламентарното мнозинство и тоа ќе го направиме исклучиво за импичмент на претседателот ако мораме. Граѓаните се тие што ќе решат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење“, рече Заев.
Постапка за утврдување одговорност на претседателот поведува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии. Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.
СДСМ како опозиција иницира постапка за импичмент на Иванов на 13 април 2016 година, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај тој ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Иванов ги упати преостанатите 34 лица што не сакаат да бидат помилувани да си поднесат барање за поништување на одлуките што се однесуваат на нив. Потоа, на 6 јуни Иванов ги поништи и другите одлуки за помилување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.