Македонија
(Видео) Иванов: ЕУ да не ни дава празни ветувања
Ако ЕУ не ни ја обезбеди иднината, ние ќе се занимаваме со минатото, порача претседателот Ѓорге Иванов на прес-конференцијата на Процесот Брдо-Бриони.
„Се занимаваме со проблеми од 17-от век, а не размислуваме дека децата ќе ни се родат во 22-от“, рече Иванов.
Тој изјави дека отворените билатерални прашања на државите имаат различна природа и последици за сите држави посебно и ја повика ЕУ да овозможи паралелно движење на преговорите за членството и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција по примерот на Словенија и Хрватска.
„Конечниот збор го има Европскиот совет, а не Европската комисија. А политичкото прашање не може да се реши само со технички пристап и бара храброст, одлучност и креативност од Унијата. Нема подобар пример за тоа од Словенија и Хрватска, кои со помош на Европската Унија успеаја да најдат начин за паралелни преговори. Благодарение на таквиот европски пристап, денес Словенија и Хрватска се лидери на Процесот Брдо-Бриони“, изјави Иванов.
Претседателот порача дека најважното што ги поврзува земјите од регионот е желбата за членство во Унијата, па порача ЕУ да не ни дава празни ветувања бидејќи, како што рече, членството за нас не е празен идеал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Државјанин на Турција приложил фалсификуван пасош на Ќафасан
Денеска на Граничниот премин Ќафасан, полициски службеници го привеле Т.С.Т.(48) од Република Турција затоа што при пасошка контрола било констатирано дека на увид приложил фалсификувана патна исправа.
Известен бил Јавен обвинител, а тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Струга за понатамошна постапка.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување билатерален договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на Министерството за внатрешни работи за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста, кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото-настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото-настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори ќе им бидат презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Преку дружење со претставници и членови од мото-клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење електрични превозни средства“, велат од Општина Кисела Вода.