Македонија
(Видео) Инспекторатот изврши контрола во ОХИС – се излеале 6 тони вода при миење цистерна со хемикалии
При миење цистерна, во која требало да се изнесе метил акрилат мономер надвор од државата како опасен отпад, пукнала цевка и на тој начин се излеале 6 тони води со елементи на опасната хемикалија во ОХИС, вели Пејо Кировски, раководител на одделението за инспекциски надзор на животната средина.
Тој не може да потврди колку е ова опасно за граѓаните и вели дека тоа ќе го испитаат надлежните институции. Подготовката за извозот ја вршела фирмата избрана на тендер „Екоцентар 97“.
Течноста се излеала во бетонската када, специјално изработена за таа намена, која се наоѓа на отворен простор и така фактички се раширил непријатниот мирис на кој реагирале граѓаните. Се миеле ѕидовите на цистерната за таа да биде деконтаминирана, но се случило да пукне цевката и водата да се излее. „Со анализи надвор од земјава треба да се утврди колкави елементи на метил акрилат мономер имало во водата“, вели Кировски.
Случајот со излевањето на цистерната од ОХИС во МВР го пријавиле граѓани што почувствувале главоболки, печење во грлото и очите. Тие веднаш за случајот ја информирале и скопската полиција по што попладнево беше извршен увид на местото на инцидентот, а беше повикана и Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на АРМ.
Инспектори од државниот Инспекторат за животна средина координирано со овластените инспектори за животна средина на општина Кисела Вода и Градот Скопје и екипа на Министерството за внатрешни работи со Дирекцијата за заштита и спасување извршиле инспекциски надзор во кругот на ОХИС-Органско Хемиска Индустрија „Наум Наумовски Борче”, Скопје каде се случило излевање на вода со која била чистена празна цистерна во која претходно бил складиран метил акрилат мономер кој е целосно и безбедно препакуван, соопшти Министерство за животна средина и просторно планирање.
Во соопштението се додава дека инспекциските служби на централно и локално ниво постапиле по дојава од жители кои утрово почувствувале непријатна миризба во околината на фабриката. Истекувањето се случило на локација каде правен субјект од Скопје препакува и отстранува историски отпадни хемикалии во течна состојба кои се неупотребливи и останати од поранешната фабрика, а кои ќе се извезуваат во странство.
„Истечена е вода од цистерна во која бил претходно складиран метил акрилат мономер. Откако е испразнета цистерната, фирмата имала обврска истата да ја исчисти. При перењето попуштил вентил и течноста се излеала во бетонска када која е надвор од објектот и затоа се почувствувала непријатна миризба во околината. Лабораторијата на МВР зема проба која ќе биде лабораториски испитана, по што ќе следува понатамошно водење на инспекциската постапка. Од страна на Државен инспектор за животна средина ќе биде изготвен записник за констатирана состојба на лице место, а правниот субјект е веднаш задолжен да работи на терен цела ноќ за да целата излеана течност од кадата биде преточена во соодветно пакување, а утре ќе биде извршен контролен инспекциски надзор од страна на ДИЖС.
Отпадниот материјал е планирано целосно да биде извезен надвор од Северна Македонија.
Инаку, историскиот течен опасен отпад е безбедно преточен во специјални ADR буриња од страна на правниот субјект Екоцентар 97, Скопје (http://ekocentar97.mk/), во август месец годинава, врз основа на одобрен Елаборат за животна средина од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање како изведувач на активностите, во депото каде беше лоциран историскиот течен опасен отпад, а во соработка со подизведувачот бугарската фирма Сириус Стар од Русе. Преточувањето на течниот опасен историски отпад од старите буриња безбедно се направи со соодветна опрема во нови ADR специјални буриња кои се сместени во затворен наменски магацин и истите се обележани согласно Правилникот – листа за видови отпад. Активностите беа проследени со вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Складираните буриња е планирано да се извезат надвор од државата согласно важечките законски процедури за извоз од Законот за управување со отпадот“, се вели во соопштението.
—
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беќаровски навести дека си оди од Токсикологија: Дон Кихот конечно го напушта оклопот
Доктор Нико Беќаровски навести дека ќе си замине од Клиниката за Токсикологија.
Во статус на социјалните мрежи, Беќаровски порача дека е време на приватните клиники да се отвори Одделение за детоксикација и Клиничка токсикологија.
„35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кохот конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, пишува Беќаровски.
Ова се случува откако вчера на прес-конференција заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно ја прозваа економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, дека не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо, тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица кои немаат соодветно образование.
Беќаровски кој е раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката рече дека едниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборант- барал урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази, лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето на јазици – со оглед на тоа што македонскиот не го зборува, а Беќаровски се обидел да комуницира со неа на англиски јазик.
Министерот за здравство Илир Демири најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и економската директорка бидејќи немал сознанија за прекршок.
Македонија
Дожд и снег на повисоките места: ЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
ЦУК апелира за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, со доумерен ветер и со снег на повисоките места.
Кога се оди со возило на планините е препорачливо да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот, велат од ЦУК.
„Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, се наведува во соопштението.
Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
„Во реонот на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, во повеќе наврати ќе се извршат минирања на теренот“, информираат од ЦУК.
Македонија
Странски новинари, преведувачи: вкупно 942 набљудувачи ќе ги следат претседателските избори
Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април.
Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.
Парламентраните избори во земјава ќе ги следат над 2000 домашни и странски набљудувачи.
Изборите за шеф на државата ќе ги следат и странски новинари.
Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.