Македонија
Интензивно чистење на улиците во Карпош
Утринава цистерните на локалната самоуправа ги миеја локалните улици низ Карпош 3, а се чистеше и околу контејнерите, со машините под висок притисок т.н. вапови. Овие активности се интензивирани како резултат на ширењето на ковид-19 (коронавирус), со цел да се обезбедат почисти улици и населби.
Сепак, активностите за редовно миење на улиците продолжуваат и во претстојниот период, откако Општина Карпош набави две цистерни, со грант од Светска банка (Министерство за финансии).
При денешниот теренски увид, градоначалникот Стефан Богоев истакна дека Општината продолжува со следење на ситуацијата со коронавирусот на локално ниво, а се преземаат и дополнителни мерки:
„Следува вонредна дезинфекција на училиштата и градинките, која ќе се темпира пред почетокот на наставата. Веќе два дена се поставуваат постери на фреквентни места со препораки од властите, со цел да се обезбеди поголема информираност на карпошани. Укинати се приемните денови во административните простории, но комуникацијата ја продолжуваме по електронски пат. На овој начин можат да се извадат и потврди за редовен ученик или одење во градинка“, рече Богоев.
Градоначалникот упати апел и до младите, но и до сите граѓани, да се придржуваат до препораките, со цел да се спречи ширење на вирусот, кој е активен на глобално ниво.
Богоев истакна дека овој пат институциите покажуваат подготовеност и дека од оваа криза може да научиме и системски трајно да се подобриме во работењето.
„Сега, не е време за политички надмудрувања, затоа што јавното здравје нè засега сите. Тоа не познава партија, религија ниту националност! Мојата порака до младите е дека кафето можат да го испијат дома, а на ‘Нетфликс’ сигурно имате неизгледана серија! Да бидеме солидарни! Со нашата дисциплина да му помогнеме на медицинскиот персонал и на здравствените власти, кои периодов се жртвуваат за нашето здравје. Сме поминале многу кризи, но малку сме научиле! Овој пат имаме шанса СИСТЕМСКИ ДА СЕ ПОДОБРИМЕ, да поставиме нови практики, и во политиките, но и во начинот на размислување кај сите нас!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.