Македонија
(Интервју) Александар Петличковски: Во државата од пред неколку недели доминира стелт омикронот
„Во моментов во државата доминира стелт омикронот-БА2, дојден е пред неколку недели, а делта-сојот воопшто го нема“, вели претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, во интервју за „Макфакс“.
Според него, новиот сој на стелт омикронот е позаразен, но со иста клиничка слика од претходниот и тоа, како што оценува, не остава простор за поголема загриженост и паника меѓу населението.
„Лично не мислам дека во иднина ќе има нова варијанта на ковид која ќе биде загрижувачка“, вели Петличковски додавајќи дека сепак треба да бидеме претпазливи.
Првиот човек на Комисијата за заразни болести не очекува дека кај нас ќе има нов пик на пандемијата, туку според него, „тоа ќе биде една продолжена опашка од пикот кој е во залез“.
Според проценките на Петличковски, граѓаните ги очекува подобар период, особено во текот на летото.
Најави нови одлуки на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести и укинување на протоколи кои се донесени уште на самиот почеток на пандемијата.
„Неколку институции имаат испратено барање за промена на протоколите, меѓу нив ФФМ, Пинг-понг асоцијацијата, сите сакаме да ги прочешламе и да донесеме одлуки“, рече тој.
На прашањето кога конечно ќе можеме да ги тргнеме маските, Петличковски вели: „Јас очекувам секој ден да паднат маските и мислам дека секој ден сме сè поблиску до паѓање на маските, но го немаме тој луксуз да одиме со фрлање на маските а да не сме сигурни дека тоа нема да предизвика сериозна штета“.
„И додека ние очекуваме релаксирање на состојбата со Ковид-19, дел од земјите во Западна Европа се затвораат. Ќе бидеме внимателни. Јас лично не мислам дека ќе дојде до драматична ситуација“, вели првиот човек на Комисијата за заразни болести.
За тоа дали затаил здравствениот систем во борбата со пандемијата од Ковид-19, причините за високата смртност, за укинувањето на маските во основните училишта и следните чекори на Комисијата, во интервјуто со претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наместо покачена 12 отсто, вработените во културата не добија никаква плата, од утре излегуваат на протести
Доколку до крајот на денот не биде исплатена платата за месец март на 3.000 вработени во културата, од утре тие излегуваат на протести пред Министерството за култура со можност да се протестира и пред Министерството за финансии. Ќе протестираат се додека не им биде исплатена платат на сите работници. Вработените во културата алармираат дека за некој ден, освен без плата, ќе останат и без здравствено осигурување.
„Пред точно 18 дена на ова исто место бевме убедувани дека шириме паника и дезинформации меѓу вработените во културата и дека има само една вистина, а тоа е дека платата за месец март ќе биде исплатена со досега највисоко усогласување од 12 отсто, за да денес сите сме согласни дека синдикатите беа во право и пред 18 дена и пред 6 месеци. И денес, на 18 април, плата за март се уште нема. Да биде целава ситуација уште потрагична, за неколку дена 3.000 вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување“, рече претседателката на Синдикатот за култура, Вера Атанасовска.
Покрај протестите, Атанасовкса извести дека повеле постапка за тужба за доцнењето на платата. Овој пат, ќе настојуваат и да се лоцира одговорноста за ненавремено исплаќање на веќе одработеното.
Претседателката кажа дека утрово ја побарале од Кабинетот на министерката за култура за да и јават дека попладнево треба да оди на состанок во Министерството за финансии, а вработени во Министерството за култура истовремено се јавувале во културните институции и им кажувале да прифатат да се исплати платата без усогласувањето. Атанасовска, денес пред Министерството за култура постави низа прашања за неисплатената плата и најавата за состанок во Министерството за култура.
„Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии? Сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата? Што се случува и кој е одговорен за колапсот што го создадоа во културата? За неуспехот на Владата, особено на Министерството за култура, да ги исполни своите обврски со тоа што не ги исплати ветените плати на сите вработени во културата согласно законите и договорите? Ова тотално исмевање на довербата на сите вработени во културата не само што ја загрозува егзистенцијата на оние кои што се посветени на уметноста и на културата туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции. Зошто Министерството за култура не ја исполнува својата обврска? Дали е тоа поради предизборна војна на партии или работата е уште подлабока – тотално потценување на уметноста и културата во рамките на владините приоритети? Без разлика на причината, ефектот останува ист – деморализирана култура работна сила и намалена национална култура во колапс и пред протест и штрајк“, рече Атанасовска.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов даде безрезерва поддршка на културните работници и ја повика министерката уште денес да ја исплати неисплатената плата за март.
„Ја повикуваме министерката за култура денеска, место да ги повикува во Министерството за финансии да се објаснуваат, да направи максимални напори платите денеска до крајот на работното време да легнат на сметките на овие луѓе. Доколку не, се гледаме утре на протест, се гледаме и другиот ден и така се до исполнување на нашите барања. Не бараме преку леб погача, бараме плата. Платата веќе сме си ја изработиме а работиме и за нова плата која треба да биде исплатена во мај. Недозволиво е ова да ни се случува особено не 15 дена пред избори. Сите да ги имаат тоа на ум“, рече Трендафилов.
Пред две недели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на посебна прес-конференција уверуваше дека вработените во културата за март ќе добијат покачена плата.
Македонија
Сексизам, дискриминација, навреди и говор на омраза од Пендаровски и лица вклучени во неговата кампања: Силјановска-Давкова со нова преставка
Гордана Силјановска-Давкова денеска поднесе нова преставка до Државната изборна комисија, Комисијата за заштита од дискриминација, ОБСЕ – Организација за безбедност и соработка на Европа, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Мисија за набљудување на изборите (ЕОМ) при ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права, Националниот демократски институт, Хелсиншки комитет за човекови права.
Во преставката, како што се истакнува во соопштението, се констатира дека и покрај потпишаниот Кодекс за фер и демократски избори во периодот од 10 до 14 април 2024 година различни лица вклучени во неговата кампања, вклучително и самиот кандидат Стево Пендаровски, го кршат Кодексот и предизвикуваат вознемирување и повреда на личното достоинство на Гордана Силјановска-Давкова, во согласност со член 10 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Објективизација и потчинетост на мене како жена се забележува во: говорот на кандидатот за претседател Стево Пендаровски на митингот на СДСМ во Кавадарци на 10 април 2024 година: „Христијан Мицкоски да набави „џи-пи-ес“ за неговата кандидатка“; говорот на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на митингот на СДСМ во Општина Карпош – Скопје на 12 април 2024 година: – „Јас не ја кандидирав тетка ми Жана за претседател на држава, па да морам да ја шетам по цела Македонија“;
Дискриминација врз основа на пол, возраст и сексизам се забележува и во јавното обраќање на граѓанин на митинг на СДСМ во Куманово на 14 април 2024 година: „Од баба невеста не бидува“, се наведува во дописот.
Ваквите изјави и однесување, според Силјановска-Давкова не се осудени од: кандидатот Стево Пендаровски, раководството на СДСМ, ниту, пак, од Форумот на жени на СДСМ; напротив од однесувањето на Ковачевски и Пендаровски овие постапки се одобрени и поттикнати со смеење, ракоплескање, и триумфално однесување.
„Навредите и говорот на омраза и јавното демонстрирање на мизогинија се користат на митинзи и на други јавни настапи со цел да се влијае врз јавното мислење и да се предизвикаат реакции на исмејување од страна на присутните граѓани во толпата. Сето ова води кон поттикнување и охрабрување дискриминација и сексизам.
Со својата кампања Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, ги прекршува човекови права на Гордана Силјановска-Давкова и повредува неколку одредби од Уставот за кои се образложува во преставката“, се нагласува во соопштението.
Сексизам, дискриминација врз основа на пол и возраст од страна на Пендаровски и лица вклучени во неговата кампања:
Македонија
ДУИ симулира седница на која Бугарите влегоа во Уставот, Села е претседател на Собранието, а Османи на државата
„Европскиот фронт“ предводен од Демократската Унија за интеграција симулираше конститутивна седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се случувало ако победат на парламентарните избори и ако Бујар Османи биде избран за претседател на државата.
Симулативната седница на Собранието ја отвори претседателот на ДУИ, Али Ахмети, а откако ги поздрави пратениците и присутните, најпрво избра двајца заменици Фатима Османовска и Бејџан Иљаз, а како прва точка на дневен ред ја предложи верификација на мандатите на пратениците и втора точка избор на претседател на Собранието.
Зиадин Села на симулативната седница беше избран за претседател на Собранието, а трета точка на дневниот ред, беа предложени уставните амандмани со кои бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ ќе станат дел од Уставот, преку измена на уставот со гласање на 120 пратеници.
Четврта точка на дневниот ред беше за време на симулацијата беше Свечената декларација на Бујар Османи, како претседател на државата.