Македонија
(Интервју) Тито Петковски: Не се чувствувам изневерено од Мисовски, не го заслужува моето внимание
Во Македонија сите работи се ставени на глава, ништо не е нормално, а таквата состојба е креација на политичарите, оценува поранешниот собраниски спикер Тито Петковски во интервју за „Макфакс“.
Додава дека алчноста на политичарите нема граница.
„Никој не ни е крив што сме толку сиромашен народ, сами ја испуштивме работата. Не обезбедивме средства да се прехраниме, како и енергија, ќе се снајдеме некако, но тоа ќе биде врз џебот на граѓаните“, одговара Петковски на прашањето какви ќе бидат последиците од енергетската криза врз граѓаните.
За заговорите за можно враќање на Никола Груевски во белата палата, Петковски дециден: „Тоа е премногу“.
„Дали Груевски ќе се врати? Па тој треба во затвор да оди. Бил премиер на една држава. Па која претстава ја имаат луѓето кога премиер на една држава со сите пари ќе си побегне. И ни срам ни перде тој дели лекции како треба да биде во државата“, вели Петковски.
Појасни дека нема контакт со Горан Мисовски по неговото повлекување од лидерската позиција на НСДП.
„Не се чувствувам изневерено затоа што видов за какви личности се работи. Во овој случај изневерена е партијата. Немам контакт со Мисовски. Луѓето што посегнаа да фалсификуваат записник за да напредуваат во политичката кариера не го заслужуваат моето внимание“, додава Петковски.
За преписката со сегашниот спикер на Собранието, Талат Џафери, за судирот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска, спорот со Бугарија, позицијата на Македонија кон руско-украинскиот конфликт, за решавањето на енергетската криза, во интервјуто за „Макфакс“ со поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска на средба со Јоли: Соработката со Албанија дава резултати
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска оствари средба со префектот на округот Корча, Нерти Јоли, со кој разговараа за соработката помеѓу Северна Македонија и Албанија во областа на културата, за досегашната реализација на проектите и можноста за нови.
„Имаме одлична соработка и секоја укажана прилика ја користиме за продлабочување на пријателските врски меѓу двете држави. Традиционално добрите односи со Албанија дополнително ги зајакнуваме со прекуграничната соработка, како најдобар европски модел за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Префектот на округот Корча, Нерти Јоли на средбата рече преку сериозна и темелна соработка на двете држави, важни проекти и иницијативи се реализирани во културата, инфраструктурата и туризмот, изразувајќи интерес за партнерство во идните проекти.
Костадиновска-Стојчевска и Јоли се согласија дека Пустец е посебен за двете држави и дека со унапредување на соработката не само во областа на културата ќе може да се направи многу повеќе за граѓаните од двете страни на границата.
Министерката потенцирање дека успешно реализираната иницијатива „Денови на македонската култура во Корча“ во која учество зеде и Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана и Министерството за култура има големи придобивки во контекст на унапредувањето на културната соработка меѓу двете држави и изрази уверување дека оваа манифестација, со поддршка на округот Корча ќе стане традиционална, бидејќи е убава можност за промоција на македонската култура и истата ги негува релациите со Македонците во Корча.
На средбата беше истакната и петнаесетгодишната соработката помеѓу битолскиот универзитет со албанскиот универзитет Фан С. Ноли, како и за поддршката за промоција и афирмација на македонскиот јазик во Албанија, за што министерката Костадиновска –Стојчевска изрази верување дека иницијативата за изучување на македонскиот јазик на Универзитетот Фан С. Ноли во Корча ќе има уште поголем од младите и идни студенти.
Македонија
Нема докази дека уапсените за убиството на докторот се сторителите
Нема докази дека лицата кои беа приведени за убиството на докторот во Железара се сторителите.
Од Обвинителството велат дека продолжуваат со дејствија, со цел идентификација на сторителите.
-До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело. Од тие причини, јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан, велат од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.
Македонија
Постигната либерализација во товарниот транспорт за и од трети земји со Црна Гора
Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија и Министерството за собраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол за либерализација на товарниот транспорт за и од трети земји.
Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период.
Ова беше постигнато на состанокот на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока кој се одржа во Скопје.
До сега, двете земји врз база на реципроцитет разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.
Либерализацијата е чекор напред кон отстранување на сите админстративни постапки во однос на дозволите, процес што ќе придонесе за побрз и ефикасен транспорт како и зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.
Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.