Македонија
ИЈЗ: Намалување на бројот на новозаболени и починати, зголемување на бројот на оздравени
Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 29 јуни до 5 јули 2020 година бележи намалување на бројот на новозаболени и починати, а зголемување на бројот на оздравени лица во споредба со претходната недела на известување.
Во овој период направени се вкупно 8.422 тестирања, а регистрирани се 917 позитивни случаи на Ковид-19 што е за 186 случаи помалку од претходната недела. Во последните три недели бројот на новозаболени на неделно ниво бележи пад, како и процентот на позитивни случаи од тестирани. Во периодот од 29 јуни до 5 јули овој процент изнесува 10.9%.
Регистрирани се случаи во 25 града при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (45.9%) и во Тетово (10,3%). Во 17 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години 22,9%, потоа лица од 50-59 години – 19,8%, забележано е благо намалување во однос на претходниот период кај лица помеѓу 40–49 години и благо зглемување на процентот кај лица помеѓу 30-39 и 20-29 години. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа од 0-9 години – 3.1%, и од 10-19 години – 4.1% од вкупниот број на новозаболени.
Од случаите во овој период кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 113 лица или 13,4% што претставува намалување за 4% во однос на претходната недела на известување, а кај 205 лица или кај 25% регистрирано е присуство на коморбидитети.
Во периодот 29 јуни до 5 јули, регистрирани се 46 смртни случаи, што е 11 помалку од претходната недела на известување. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 67,4%. Кај 38 од смртните случаи (82,6%) регистрирани се претходни коморбидитети.
Оздравени се водат 613 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 166 лица повеќе од претходната недела на известување (21-28 јуни). Ова е исто така важен и позитивен индикатор кој влијае на намалување на растот на активни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одѕивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а намалку во Врапчиште
Процентот на избирачите кои гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информираше претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголема е излезноста во Новаци – 42,87, а најмала во Врапчиште 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Останатите се во обработка.
Македонија
Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач
Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 09.30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаде Ангеловски.
Тој посочи дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
До 11 часот е пријавено дека на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до 9 часот, се искачи на 12,78 отсто.
Македонија
Најдена испукана димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информира за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, тоа се одвива мирно, без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и учесниците на изборите – во текот на гласањето, до завршувањето, да се воздржат од какви било инциденти.