Македонија
Каевски: Наместо проекти и решенија, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги задолжуваат општините
Масовна партизација, поскапи услуги за граѓаните и задолжување на општините, тоа е учинокот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски за првите 16 месеци власт, истакна на денешната прес-конференција Дарко Каевски, портпарол на СДСМ и пратеник.
Наместо проекти и решенија за развој, градоначалниците и советничките групи од ВМРО-ДПМНЕ, вели Каевски, ги задолжуваат општините, кои важат за едни од најбогатите и финансиски најстабилни.
„Градоначалникот на Гази Баба со обврзница од пет милиони евра ја задолжи Општината, без притоа да биде наведено на кој рок ќе биде издадена обврзницата, без да биде наведено колкава е каматната стапка. Тој пример го следи и градоначалникот на општина Бутел, кој ќе издаде обврзница во вредност од два милиона евра или неверојатни 55 отсто од годишниот буџет на Општината. Претходно, постапка за издавање обврзница издаде и Општина Аеродром, предводена од Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ, а обид за издавање имаше и Општина Штип“, рече Каевски.
Според него, освен што овие обврзници се издаваат во период кога каматните стапки се значително високи, заедничко за сите обврзници е што тие ќе може да бидат откупени од кој било приватен субјект.
Со тоа, оценува Каевски, се создава опасност обврзниците да бидат купени од големи градежни компании и крупниот бизнис и потоа да може да влијаат врз работата на градоначалниците при носењето урбанистички планови или одредени тендерски постапки.
Појаснува дека ваквото масовно задолжување лично го најави шпицниот градоначалник Мицкоски.
„16 месеци изминаа, а градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ не сработеа ништо. Потрошија милиони за партиски вработувања, за набавка на скапи мобилни телефони и компјутери, се искараа за провизии и тендери, а интересите на граѓаните се целосно игнорирани. Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособната и најнеуспешна локална власт досега“, посочи Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.