Македонија
Кампања за правилно одлагање на кабастиот отпад во општина Карпош
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, Абдусамед Шабани, и градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев, денеска во Центарот за селекција на отпадот во Карпош ги промовираа планираните активности што ќе се одвиваат во рамките на кампањата за правилно постапување со кабастиот отпад на територијата на оваа скопска општина.
Тие ги информираа граѓаните дека кабастиот отпад, во којшто спаѓа стариот мебел, електронската и електричната опрема, не смее да се одлага на јавни површини, како и за можноста овој вид отпад да се одложи во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, без плаќање паричен надоместок.
„Нашата соработка со општината Карпош претставува само дел од кампањата што ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје ја започна за подигнување на јавната свест за важноста и значењето на правилното одлагање на отпадот. Во оваа пригода им се заблагодаруваме на сите јавни личности што прифатија да учествуваат во нашата кампања и да ја пренесат пораката до граѓаните дека секое несовесно и неправилно одлагање отпад на јавни површини резултира со создавање диви депонии што ја загадуваат животната средина. Ги поттикнуваме жителите на Карпош да ја користат можноста за бесплатно одлагање на кабастиот отпад во овој центар што се наоѓа токму во нивната општина и на тој начин да придонесат за одржување на чиста и здрава околина“ – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.