Македонија
Канцеларијата на Заев распиша конкурс за детски раскази и песни за публикацијата „Моето патување во Фантазија“
Канцеларијата на премиерот Зоран Заев распишува конкурс за избор на раскази и песни за публикација на детската книга „Моето патување во Фантазија“. Темата произлегува од предновогодишниот настан „Писмо од Фантазија“ на кој, при дружењето на премиерот Заев со ученици, беше презентирана бајка, дизајнирана и напишана на начин кој ги стимулира детската имагинација и креативност во педагошки и пошироки цели, како поттик децата да читаат книги.
Конкурсот наречен „Моето патување во Фантазија“ ги поттикнува децата да напишат расказ или песничка во која раскажуваат за нивните авантури во земјата Фантазија и како со своите дела, читањето и љубовта кон книгите им помагаат на хероите и јунаците во борбата за спас на земјата Фантазија, со што нема да се дозволи исчезнување на нивните херои од приказните.
Песничките и расказите ќе ги разгледува седумчлена комисија составена од четворица реномирани детски писатели, по еден претставник од Министерството за образование и наука и Министерството за култура и претставник од Владата на Република Северна Македонија, како претседател на Комисијата и уредник на изданието.
Право на учество на конкурсот имаат сите ученици од II, III и IV одделение од јавните и приватните училишта во земјата. Секој ученик има право да пријави само еден расказ или една песничка.
Авторските дела (раскази или песни) на учениците се доставуваат до нивните одделенски наставници/наставнички, како нивни ментори, во дигитална форма ( документ во Мајкрософт ворд), на мајчиниот или на кој било друг јазик на кој учениците најкреативно се изразуваат. Расказите треба да се во формат соодветен за рани читатели (до 500 зборови), додека песничките до четири (4) строфи.
Насловот на документот во Мајкрософт ворд треба да го содржи името на песничката/расказот, додека на самиот документ под делото треба да стои име и презиме на ученикот/ученичката што го има напишано, име и презиме на менторот/менторката, телефон и е-пошта на менторот/менторката.
Одделенски наставници/наставнички сите собрани раскази или песнички треба да ги испратат по пат на официјална е-пошта на своите раководители на училиштата најдоцна до 9 јуни 2019 година, до 12:00 часот. Раководителите на училиштата добиените песнички и раскази, преку официјалните е-пошти ги испраќаат на [email protected] најдоцна до 10 јуни 2019 година, до 18:00 часот. Сите електронски пораки кои ќе пристигнат по овој рок ќе се сметаат за некомплетни и нема да се земат предвид. За дополнителни прашања или информации, заинтересираните можат да напишат на: [email protected]
По завршувањето на роковите, комисијата ќе ги разгледа делата и ќе донесе одлука кои раскази и песни ќе станат дел од печатена публикација и тоа заклучно со 30 август 2019 година, додека резултатите од избраните раскази и песни јавно ќе се објават во септември 2019 година.
Избраните дела ќе бидат објавени во публикацијата „Моето патување во Фантазија“, која ќе се печати во тираж и ќе биде промовирана на предновогодишен настан во декември 2019 година, а потоа донирана за збогатување на библиотечниот фонд во сите основни училишта и градски библиотеки ширум земјата. Повеќе детали на: vlada.mk/detski-konkurs.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.