Македонија
Катица Јанева од гаражата на СЈО однесена во нејзиниот дом во Козле
По еден и пол час минат во просториите на СЈО, откако претходно беше приведена во нејзиниот дом во Козле, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, повторно ќе се врати на домашната адреса, каде што, според информациите, треба да биде спроведен претрес.
Автомобилот што ја пренесуваше специјалната јавна обвинителка тргна од гаражата на СЈО, од каде што Јанева уште еднаш ќе го посети својот дом, а се очекува во текот на денот таа да биде изведена пред судија на претходна постапка.
Врз основа на информациите што ги даде обвинителката Вилма Русковска, од канецелатијата на Јанева во СЈО бил одземен нејзиниот службен компјутер.
Денеска Обвинителството побара притвор за Јанева бидејќи, според нивните сознанија, стекнала имотна корист од 298.000 денари.
Според истрагата, Јанева стекнала 298.000 денари имотна корист, претежно во мебел и предмети.
Јанева, според Обвинителството, имала намера да му ја олесни положбата на Камчев со тоа што под неизменети околности притворот му го заменила со домашен. Камчев требало да стане заштитен сведок или да му биде понудена спогодба, да му се врати пасошот и тој да плати минимална штета за предметот „Империја“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Решението за градба кај болничкиот комплекс „Воена болница“ да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит Пазар, но наместо да ги запечатат им дозволиле да си работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државен пазарен инспекторат, и тоа: С.Б.(32), Ј.Р.(54), В.М.(47), Б.С.(46),С.С.(61) и Р.Б.(37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службена положба и овластување.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит Пазар, а за кои што било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење а подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење на дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот како и да им изречат глоба во износ од 1000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници, ниту им издале решение за забрана за вршење на нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите каде што ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту пак им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна парична глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Македонија
Митрески – Бомгартнер: Северна Македонија и Франција имаат одлични односи, меѓусебната соработка и поддршка ќе се продлабочат
Претседателот на Собранието Јован Митрески денес оствари средба со aмбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер.
Изразувајќи задоволство од одржувањето на средбата, Митрески ја констатираше одличната соработка меѓу двете држави и особено соработката на парламентарен план.
Амбасадорот Бомгартнер, честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, се сложи со констатациите за интензивираната динамика на меѓусебна соработка. Во тој контекст, ги поздрави средбите на парламентарци од Собранието на Република Северна Македонија и Националното собрание и Сенатот на Француската Република во изминатите години, како позитивен тренд кој треба да продолжи и во иднина.
Информираше за претстојната посета на претседателката на Групата за пријателство од Лилијана Танги на земјата, како дел од набљудувачката мисија на ОБСЕ за претстојните претседателски и парламентарни избори.
Беше посебно поздравено одржувањето на втората едукативна активност во Собранието „Имам став-Млад франкофонски парламент”, во рамките на одбележувањето на март – месец на Франкофонијата, еден исклучителен настан и манифестација која полека прераснува во една убава собраниска традиција.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните собраниски активности, текот на изборите и конституирањето на новиот парламентарен состав. Беше изразена општа согласност за потребата од унапредувањето на соработката во доменот на културата, економијата, енергетиката и други области од взаемен интерес за двете земји, како и за потребата од зголемување на бројот на француски инвестиции во земјата.