Македонија
Кацарска: Ако до декември не се изберат судии, целосно ќе се блокира работата на Уставниот суд
Зарем само пет судии треба да дискутираме за указите за преспанскиот договор, за Законот за употреба на јазиците каде е оспорена уставноста?, праша јавно претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, откако со месеци чека Собранието да ги избере четворицата судии со што ќе се пополнат празните столчиња. Според неа, несериозно е пет судии да носат толку важни одлуки кои се важни за иднината на Македонија.
„Ваквиот однос на пратениците е несериозен. Како да не ја сфаќаат улогата на Уставниот суд. Во последно време и самата се прашувам дали можеби некому одговара Уставниот суд да е во ваква ситуација“, рече Кацарска.
Ако до декември не се изберат судии, целосно ќе се блокира работата на Уставниот суд, бидејќи уште еден судија ќе остане без мандат.
„Единствена надлежност на Уставниот суд е да се обрати до претседателот на Собранието пред да истече мандат на некој од судиите. Тоа е направено во април минатата година, кога Џафери е информиран дека на тројца судии престанува мандатот. Потоа во месец ноември испратив и писмо со кое го информирав дека на еден судија му престанува мандатот во јануари. Тоа се моите надлежности. Јавноста знае дека испратив и писмо со апел да се најде начин да се изберат четворицата судии“, посочи Кацарска.
Ако Уставниот суд биде блокиран, според Кацарска, угледот на Уставниот суд ќе биде максимално нарушен и меѓународно.
„Согласно Деловникот имаме деловничка надлежност да работиме и со пет судии, кои ќе бидат присутни. Но тежината на одлуките кои ги носиме, дури и оние кои се носат едногласно со пет гласови ‘за’ е сепак поинаква во споредба доколку за таа одлука би дискутирале сите девет судии. Не залудно Уставот предвидува, девет судии да го сочинуваат Уставниот суд. Притоа, сакам да нагласам дека има важни предмети за граѓаните на оваа држава, несериозно да одлучуваме само пет судии за тие предмети“, додаде Кацарска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Не очекувам власта да престане со црната кампања
Црната кампања е карактерна особина на оваа влада. Не очекуваме дека ќе престане таа нивна црна кампања која изобилува со монтажи, со навреди, со многу измислици и клевети, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на општина Гевгелија, запрашан од новинарите дали во пресрет на почеток на изборната кампања очекува фер кампања од власта.
Тој истакна дека, што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, нема да води црна кампања затоа што македонските граѓани знаат дека Македонија од осамостојувањето немала полоша влада, од оваа на СДСМ и ДУИ и затоа ќе води позитивна кампања со презентација на проекти и решенија за проблемите на граѓаните.
„Нашата цел е во оваа кампања да водиме позитивна кампања, односно да зборуваме за проекти и да зборуваме за решенија на проблемите на граѓаните, а не да се оптеретуваме со тоа, кој колку бил лош бидејќи сите граѓани знаат дека владата на СДСМ и ДУИ беше лоша. Односно, да бидам попрецизен, полоша влада од осамостојувањето на Македонија немало“, рече Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Владата на ВМРО-ДПМНЕ со обновливи извори на енергија ќе обезбеди поголемо и поквалитетно снабдување со електрична енергија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Гевгелија одговарајќи на новинарски прашања истакна дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе вложува во обновливи извори на енергија како што е ветерниот парк Богданци, со цел поголемо и поквалитетно производство на електрична енергија.
Во овој регион недалеку се гледа ветерниот пак Богданци кој го реализираше владата на ВМРО-ДПМНЕ, продолжуваме и понатаму исто во околината, втората фаза, но и други можности се испитуваат за одреден вид на јавно приватно партнерство помеѓу денешно ЕСМ и приватни инвеститори за изградба на вакви енергетски капацитети, со што ќе се зголеми производното портфолио од обновлива енергија во Македонија, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека на тој начин ќе се обезбеди поквалитетно снабдување со електрична енергија до нашите граѓани, а воедно порача дека ќе се укине таксата за пристап до мрежа која ја наметна оваа власт.
– Она кое е важно, онаа наметната такса за пристап до мрежата која ја наметна октроираниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, целосно партизираниот Бислимовски, ќе биде укината. Цениме дека нема потреба од таков тип на оптоварување на граѓаните, изјави Мицкоски.
Македонија
Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите
Собранието со 78 гласа „за“ го донесе предлог-законот за измени и дополнување на Законот за извршување на санкциите.
Законот има цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина како во затворите така и генералната и општата безбедност во државата, пред сè, преку воспоставување законска основа и формирање единици за затворско разузнавање и единици за интервенции, воспоставување систем за видеонадзор и користење боди-камери во установите, намалување на корупцијата во казнено-поправните установи, решавање на проблемот со пренатрупаноста и регулирање и унапредување на правата од работниот однос на сите категории вработени лица во КПУ и ВПУ, извести Министерството за правда.
Покрај зголемување на безбедноста на установите, унапредување на правата на осудените лица и децата, со овој предлог-закон се оди кон подобрување на статусот и на вработените во пенитенцијарниот систем. Постојат повеќе причини за донесување на предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите, како, на пример, менување во голем дел на кривичното законодавство во земјата, со тоа и предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите како важна алка во кривичното законодавство и кривичноправниот систем во целина, потоа менување на затвореничката структура во Македонија, а во голем дел појавата на сè поголем број радикализирани осудени лица, потребата од заострување на начинот на кој осудените лица по доставување на упатните акти имаа можност за менување на адресата на живеење и со тоа таканаречено избирање на казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната и условите во неа, се додава во соопштението на Министерството за правда.