Македонија
Кацарска: Ниту еден политичар не може да ми влијае за некој предмет
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, тврди дека врз неа не може да влијае ниту еден политичар ниту, пак, да ѝ се јави за да ѝ каже како да одлучи за некој предмет. Коментирајќи ги критиките од ВМРО-ДПМНЕ дека за претседателка е избрана поради затворските пресуди што ги донела за осудените во предметот за упадот во Собранието на 27 април, Кацарска вели дека тие не допираат до неа бидејќи се невистини, но допираат до нејзините мајка и ќерка.
„Критика што не е заснована на факти не допира до мене. Зарем по 34 години судиски стаж, некој може да го оспорува мојот избор во Уставниот суд? Имаше од кого да учам. Критиката од опозицијата е секојдневна. Жалам што тоа допира до мојата ќерка и до мајка ми, до мене не. Сѐ додека чесно си ја вршам мојата работа, до мене тоа не допира. Во поглед за предметот за 27 април, криво ми е што се изнесуваат такви невистини. Не може да станува збор за уставобранители, луѓе што влегле насилно во Собранието, кои поставиле експлозивна направа, кои тепале пратеници, новинари, полицајци. Жалам што не се направи план за тоа судење да оди во живо постојано. Два месеца по 10 часа во судница гледавме снимки од кои се згрозуваме. Политиката врз мене не може да влијае. Ви ветувам дека ниту еден политичар, никогаш, не може да влијае врз мене“, рече Кацарска.
Коментирајќи за изборот на нови уставни судии, таа рече дека се надева оти ќе се изберат професионални и чесни судии.
„Не постои политичар што може да ми се јави и да ми каже како да одлучам по некој предмет. Кои судии ќе ги изберат политичарите, тоа можете да разговарате со претставниците на политичките партии. Се надевам дека ќе изберат професионалци и чесни судии. Се надевам ќе имаат сенс за тоа кого ќе го предложат и изберат за судии во Уставниот суд“, додаде Кацарска.
Таа смета дека Уставниот суд е затворена институција и дека ќе работи на тоа новинарите да имаат пристап до сите информации. Кацарска рече дека веднаш им кажала на службите новинарите, за разлика од порано, да бидат пуштани во просториите со мобилни телефони.
„Јас бев изненадена кога дознав дека вам новинарите ви е забрането да влегувате со мобилни телефони. Од наредната седница ќе влегувате слободно со мобилни телефони. Барав да ми се даде одлука, заклучок, за ова од судиите, но ми кажаа дека нема нешто такво. Рекоа само дека било кажано од таа и таа дата новинарите да не влегуваат со телефони. Новинарите ми кажаа дека не можете да знаете за кој предмет станува збор, сѐ што е спорно – ќе се средува. Судот максимално ќе се отвори за јавноста. Ќе има многу новини во Уставниот суд. Сѐ она што е според законот мора да го спроведуваме. Јас прва го отворив Кривичниот суд во 2005 година. Кога дојдов во Уставниот суд, не ми беше јасно тоа што е целосно затворен. Сакам максимално да го отворам судот, тука нема да има никакви проблеми“, рече Кацарска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Вчера се случи почетокот на крајот на власта на СДС и ДУИ
Резултатите од вчерашниот прв круг на претседателските избори испратија јасна порака – Македонија ќе биде повторно горда, Македонија ќе биде повторно своја. Граѓаните ќе жиеват достоинствено и со гордо крената глава. Доаѓа време кога граѓаните на Македонија ќе бидат во прв план пред и над се, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Како што рече, вчера се случил почетокот на крајот на власта на СДСM и ДУИ.
„Граѓаните дадоа жолт картон на корумпираната власт, и црвен картон на политичките партии кои донесоа понижувања, национален срам и порази. Вчера се случи политичко цунами, кое ќе финализира на осми мај со уште поголема победа за ВМРО-ДПМНЕ и испраќање на СДС и ДУИ во опозиција. Професорката Гордана Силјановска Давкова според последните резултати освои 362.682 гласови, а има повеќе од двојна предност пред Стево Пендаровски кој освои нешто на 180.000 гласови. Преку 182.000 гласови разлика. Во исто време кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова победи во 60 општини со убедлива предност, а Пендаровски само во две општини и таа предност и таму е минимална. Повеќе од 350.000 граѓани ја избраа чесноста и достојноста, и одговорниот пристап на професорката Гордана Силјановска Давкова наспроти лагите и политиканството на Пендаровски и СДС“. рече Муцунски.
Тој издвои дел од резултатите по општини каде Силјановска победи.
Во општина Аеродром, во победнички Аеродром, Силјановска Давкова во првиот круг освои 21.145 гласови, Пендаровски 8.950 гласови или разлика од 12.195 гласови.
Во Битола Силјановска Давкова освои 21.582 гласа, а Пендаровски 11.543 или разлика од 10.000 гласови.
Во Бутел 7.370 наспроти 2.197 или 5.173 гласови разлика.
Во Велес 12.482 гласа за Силјановска, а 5.083 гласови за Пендаровски или 7.399 разлика.
Во Гази Баба 18.125 гласа спрема 4.782, односно 13.343 разлика.
Во Ѓорче Петров, Силјановска во прв круг има 11.694 гласови, а Пендаровски 4.650, или 7.044 гласа разлика.
Во Гевгелија Силјановска има 6.354 гласа, а Пендаровски 3.303.
Во Кавадарци Силјановска има 9.792 гласа, а Пендаровски 4.766.
Во скопски Карпош 14.482 гласа наспроти 9.130 гласа или 5.352 гласови разлика.
Во Кисела Вода 18.183 наспроти 6.205 односно 11.978 гласови.
Во Кичево 7.068 спрема 2.093 или разлика од нешто под 5.000 гласови. Во Охрид за Силјановска 14.702 гласа, а за Пендаровски 5.534 гласа или 9.168 разлика.
Во Прилеп 18.085 спрема 9.668, односно разлика од 8.417 гласа.
Во Струмица, 11.808 за Силјановска, а 9.008 за Пендаровски или 2.800 гласа разлика.
Во Штип, 12.058 спрема 5.610 или разлиика од 6.448 гласови. Во Кочани 8.079 спрема 3.905 или 4.174 гласа разлика.
Помеѓу Силјановска Давкова и Пендаровски тројна е разликата во Тетово, двојна е разликата во Струга, Радовиш и Ресен, и убедливо водство има речиси во сите останати општини во Македонија.
„Народот бара промени, граѓаните сакаат власт која ќе се грижи за државата и која ќе има капацитет да испорача резултати, реформи, подобар живот, европски стандарди во здравството, образованието, правосудството, и земјоделството. Влада која ќе ги направи потребните економски реформи и кои ќе донесат повеќе работни места, повисок стандард, поголеми плати и пензии, помала сиромаштија и инфлација“, рече Муцунски.
Македонија
Таткото на Вања ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата
Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа укинат му е притворот и определени се мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.
„Врховниот суд ја извести јавноста дека по одржаната јавна седница, Советот за казниви дела донесе решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје, КСЖ-320/24 од 2.4.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А. Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, велат од Врховниот суд.
Претходно денес, бранителот на осомничениот Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, на седницата рече дека решението со кое е продолжена мерката притвор е донесено без доволно образложенија во кои не се наведува ниеден доказ со кој се докажува зошто овој човек би требало да остане во притвор. Дополни дека осомничениот не може да се даде во бегство затоа што важноста на патната исправа му истекла и дека тој активно учествува во истрагата.
Ѓорѓиевски истакна дека е обвинуван за некои работи, кои и ден-денес не ги разбира.
„Бев прикажуван екстремно спротивно од она што сум како родител и татко. Сакам и јас да знам што точно се случува затоа што и јас водев истрага, знам парченца од тие делови. Би сакал да го дочекам моментот кога ќе го дознам идентитетот на тие луѓе, сите се еднакво криви“, рече тој.
Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва на 3 декември. За делата грабнување и убиство на свиреп начин првообвинет е Љубомир Палевски-Палчо за кого се чека екстрадиција од Турција. Таткото е осомничен дека помагал во грабнувањето.
Македонија
Висок функционер од НАТО се сретна со Џафери: „Вие сте ценета членка во алијансата“
Џафери – Лапсли: Северна Македонија е ценета членка на алијансата, која посветено ги развива одбранбените капацитети
Техничкиот премиер Талат Џафери вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли, во рамките на неговата посета на Скопје.
Џафери му посака срдечно добредојде на помошникот на генералниот секретар Лапсли и воедно го потврди придонесот на Северна Македонија во НАТО, кој во континуитет се зацврстува. Достигнувањето на 2,05 % од БДП во буџетот на одбраната, од кои 30 % се за модернизација на Армијата, се силен индикатор за тој придонес.
Воедно, со учеството во колективната безбедност преку мултинационалните сили на алијансата во Романија, во Бугарија и во Латвија, како и во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, земјата дополнително се позиционира и како еден од столбовите на регионалната стабилност.
На средбата двете делегации имаа можност да разговараат за самитот на НАТО во Вашингтон во духот на 75-годишнината на алијансата, како и за актуелните одбранбени планови имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба во Европа и светот.
Воедно, двете делегации ја потврдија и поддршката што земјите членки, вклучително и Северна Македонија, ја даваат за Украина.
Од страна на помошникот на генералниот секретар Лапсли беше истакнато дека Северна Македонија е ценета членка во алијансата имајќи го предвид целокупниот придонес што досега го има дадено. Алијансата е пообединета и посилна од кога било во својата историја, а со зачленувањето на Финска и Шведска, НАТО станува гарант на безбедноста на над 1 милијарда граѓани од демократскиот свет.