Македонија
Кацарска: Состојбата во Уставниот суд е проблем на државата и е на штета на граѓаните
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска во Судот одржа работен состанок со претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Димитар Ковачевски. Претседателката Кацарска на состанокот информираше за сериозноста на ситуацијата со која е соочен Уставниот суд во последните шест месеци бидејќи функционира со пет судии од вкупно девет, колку што се предвидени во Уставот. Поради недостаток на судии повеќе од 30 предмети не може да добијат мнозинство и се одолговлекуваат за понатаму, а штетата ја трпат граѓаните, посочи Кацарска.
„ Судот не може во целост да ја оствари улогата на заштитник на граѓанските слободи и права и да одлучува за согласноста на законите со Уставот како и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите. Поради наведените причини, оваа состојба не е проблем само за функционирањето на Уставниот суд, туку и на државата и токму затоа денеска на работен состанок ги повикав тројцата претставници на најважните институции кои ја водат државата. Ги информирав за сериозноста и отежнатото функционирање на Уставниот суд и согласно нивните надлежности и тежината на нивните функции очекувам државата да се вложи во побрзо надминување на оваа состојба”, рече Кацарска.
Претседателката на Уставниот суд алармираше дека во декември оваа година завршува мандатот на уште еден судија и ако до тогаш не се комплетира Судот, државата ќе влезе во уставна криза.
„ Уставниот суд функционира на граница на кворум и многу луѓе се засегнати од предметите кои заостануваат, како на пример Законот за социјална заштита, Законот за јавно обвинителство, одлуки со кои се оспоруваат Детални урбанистички планови, барања за слободи и права на граѓаните”, истакна Кацарска.
Претседателката на Уставниот суд посочи дека освен предметите кои не добиваат мнозинство, проблемот со недостатокот на судиите се рефлектира и врз можноста да се спроведат големи реформи во Уставниот суд, како што е донесувањето на нов Акт, бидејќи Судот се уште работи според Деловник кој е донесен во 1992 година.
По споделувањето на информациите од страна на претседателката на Судот Добрила Кацарска, тројцата претседатели констатираа дека моменталната ситуација е загрижувачка и дека во интерес на државата и на сите граѓани е Уставниот суд да работи во комплетен состав и согласно нивните надлежности најавија поддршка за надминување на овој проблем.
Во рамки на овој работен состанок претседателката на Судот Добрила Кацарска го отвори и прашањето за воведување на уставна тужба во услови на комплетиран состав на Уставниот суд, побара поддршка и нагласи дека со овој уставен инструмент ќе се отвори можноста за граѓаните побрзо да дојдат до правдата во Република Северна Македонија, наместо со години да чекаат одлуки од Европскиот суд за човекови права, да не се изложуваат на големи трошоци пред судот во Стразбур и да им се овозможи овде во својата држава да ги користат сите правни лекови.
Една од темите на состанокот беше и административно-финансиска независност како и условите за работа во Судот со кои беа запознаени Пендаровски, Џафери и Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски до СДСМ и Ковачевски: Нека не ве чуди што ве снајде вчера
Мириса на промени, бранот започна и нема запирање. Она што го говорев кога дојдов тука пред некоја недела, стана вистина. Народот не сака да биде под јаремот на стотина души од ДУИ со држава дадена на услуга на Али Ахмети, вели Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг во Струга во рамки на претседателските и парламентарни избори.
Мицкоски порача дека народот е посилен од секое сценарио на владата на СДСМ и ДУИ, и им се заблагодари на граѓаните за поддршката и победата.
„Народот покажа дека е посилен од секое сценарио, од секоја шема направена од истите политичари кои со години крадат и се богатат на грбот на сиромашниот и напатен народ. Им доаѓа крајот, цунамито се крена, а потресот го направивте вие народот на Македонија и ви благодарам за тоа“, кажа Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски им порача на СДСМ и Ковачевски да не се чудат што ги снашло, односно како што рече тој нека не се чудат јас ќе им одговорам, ги снашол народ.
„Нека не се чудат што ги снашло. Јас ќе им дадам одговор. Ги снашол народ“, порача Мицкоски.
Мицкоски додаде дека вчерашниот резултат е одговор за предавствата, аферите, криминалот и понижувањата на Македонија и граѓаните од владата на СДСМ и ДУИ.
„Изборите вчера беа одговор за тоа што ја одземаа контролата на државата затоа што донесоа предавства понижувања и криминал. Затоа што направија 600.000 луѓе да живеат само со 150 денари на ден, 80.000 ги оставија во тешка сиромаштија. Направија да сме на врвот во Европа по инфлација и криминал, тешко се живее. Тоа оди се на контото на Ковачевски, Али Ахмети и Стево Пендаровски“, рече тој и додаде:
„Што се не се случи овие години, рекети, скандали, афери, Соравии, запалени болници, превртени автобуси, крах при ковид кризата, печалење од болните на Онкологија, за кој нема одговорност. Сето тоа е начинот на кој владее оваа власт. Одговорот стигна вчера. Дупла победа во Струга против Стево Пендаровски и СДСМ“.
Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има план и програма Платформа 1198 со која ќе ја трансформира Македонија напред и вели дека работата се уште не е завршена, односно дека финалето следува на 8 мај каде што граѓаните ќе треба да дадат црвен картон на владата.
„Работата не е завршена. Победата е голема. Финалето следи на 8 мај. Имаме противник кој нема да жали средства ниту методи за да си ги задржат фотелјите. Добија жолт картон вчера, на 8 мај треба да добија црвен. Црвен картон за цела влада. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавства. Сите нивни понижувања кои ги прават посебно изминатите денови. Ова е револуција на народот на Македонија и таа нема да запре. Затоа ве молам, ве молам за поддршка од сите. Повикувам за сеопшто државно обединување на народот и сите сегменти на општеството против оваа влада“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Сајкоски: На 8 мај да излеземе сите масовно и да ја донесеме големата победа на ВМРО-ДПМНЕ за нашата Македонија
Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ 5 на денешниот митинг во рамките на претседателската и парламентaрната кампања во Струга потенцираше дека сите заедно треба да се обединат за идејата за економски развиена држава, за држава со добра инфраструктура, добро образование и добро здравство.
„Сакам да ви порачам една работа која што треба сите да ја сфатиме во периодот што доаѓа, дали сакаме да живееме во подобра држава? Дали имаме раст и развој? Дали сакаме да имаме подобра економија? Дали сакаме нашите деца да останат тука? Ако го посакуваме тоа да се обединиме околу идејата за Македонија развиена држава, околу идејата за Македонија за добра инфраструктура, околу идејата за подобро образование и здравство, зошто и на моите браќа Македонци муслимани од околината и на Албанците што живеат тука и на сите стружани, охриѓани, кичевчани па и на тие и од Битола и од Ресен и од цела Македонија им е потребна добра инфраструктура и поголем економски развој и подобро здравство. Затоа да се обединиме околу ВМРО-ДПМНЕ, околу коалицијата „Твоја Македонија“ и да донесеме огромна победа предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Сајкоски.
Тој во текот на своето обраќање побара за 12 дена по изборите да се донесе влада како во 90-тите години кога граѓаните излегоа на референдум за самостојна Македонија.
„Да донесеме влада онаква каква што очекувавме во 90-тите години кога излеговме на референдум за самостојна Македонија и на следните избори за 12 дена излезете референдумски, излезете со идеја со онаква каква што излегувавме во 90-тите години“, кажа Сајкоски.
На крај Сајкоски порача:
„Излезете сите и оние кои не излегле првиот пат од разни причини. Да се обединиме за заедничка Македонија, за твоја, за наша Македонија, за развиена Македонија, за Македонија која ќе ги врати нашите деца однадвор, но и ќе ги задржи они кои сакаат да си одат од нашата држава. Сите обединете за голема победа на 8 мај, за победа на Македонија, за победа на ВМРО-ДПМНЕ“.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Постојниот простор на СВР Охрид ќе се стави во функција на градот, надземно ќе биде убав парк, а подземно катна гаража
„Денеска на покана на министерот и градоначалникот сум во Охрид, да дадам и јас лично поддршка на проектот кој тие двајца го најавија дека тоа ќе биде еден од приоритетите на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Станува збор за простор на СВР Охрид кој ќе се стави во функција на општина Охрид или ќе биде надземно убав парк, а подземно катна гаража“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ценам дека треба да се слушаат потребите на граѓаните, треба да се слушаат потребите на тие кои се избрани од граѓаните.
Ценам дека на овој начин ќе се овозможи еден поголем комфор во рамките на градското централно подрачје во Охрид во оној дел каде што е туристичка зона и ценам дека како држава треба да поддржуваме проекти кои ќе значат додадена вредност за средините во кои се прават. Еден од тие проекти е овој овдека.
Така што уште еднаш од мене голема благодарност и до министерот и до градоначалникот на поканата. Очекувам вакви и слични проекти и во иднина во други области во Македонија“, изјави Мицкоски.