Македонија
Кисела Вода бара решение за проблемите со Центарот за зависности
Вчера се одржа првата иницијална средба за надминување на проблемот што со години го имаат жителите на Кисела Вода поврзан со Центарот за превенција и третман на зависности од дроги, лоциран на ова подрачје.
„Како иницијатор инсистирав на состанокот да присуствуваат сите засегнати страни, што значи дека учество во дискусијата ќе земат и претставниците од Министерството за здравство, од Министерството за внатрешни работи, конкретно од СВР Скопје, од Оддделението за недозволена трговија и од ПСОН Кисела Вода, претставници од ЈЗУ Психијатриска болница Скопје, од Центарот за превенција и третман на зависност од дроги – Кисела Вода, невладините организации ХОПС и „Доверба“ и, секако, претставници на жителите од овој дел на градот, кои заедно со нас како локална самоуправа се најзасегнати од ова прашање“, истакна градоначалникот Филип Темелковски на почетокот на работниот состанок во Општината.
Тој назначи дека иако ингеренциите за надминување на проблемот се во рацете на други институции, сепак, како прв човек на општината, каде што се наоѓа Центарот за зависности, чувствува одговорност да реагира и да преземе активности бидејќи во Општината секојдневно пристигнуваат поплаки од локалното население за расфрлен медицински отпад, висока стапка на криминални активности и нарушувања на јавниот ред и мир. Во текот на дебатата беа отворени повеќе прашања што опфаќаат повеќе аспекти на проблемот и повеќе можности за нивно надминување.
Државниот секретар од Министерството за здравство говореше за третманот на овие пациенти, за функционирањето на Центарот и за потребата од носење долгорочно квалитетно решение, кое ќе биде во интерес на сите. Жителите на Кисела Вода, кои беа присутни, истакнаа дека иако чувствуваат емпатија кон оваа категорија луѓе, чувствуваат емпатија и кон своите деца и соседи и дека нивното секојдневно живеење во близина на оваа институција е ризично и неподносливо. Јасно и децидно истакнаа дека бараат институциите да изнајдат решение. Претставниците од Центарот и од ЈЗУ Психијатриска болница Скопје укажаа на проблемите со кои тие се судираат, како, на пример, зголемениот број пациенти и недостигот од време за индивидуална работа со нив.
Се говореше и за потребата од категоризација на пациентите бидејќи повеќето од нив редовно ја земаат терапијата и никому не му прават проблеми, но постои група што е криминогена и која не е ниту на прагот на ресоцијализација и интеграција во општеството. Сепак, заклучија и дека честопати таа линија знае да биде многу тенка и лесно премостлива кога лицето ќе се најде во криза. Од страна на невладините организации ХОПС и „Доверба“, кои работат со оваа категорија лица, беше истакната потребата од психосоцијална поддршка, како и поголема информираност кај населението, но и кај институциите за потребите за подобрување на третманот на зависниците. Говореа за позитивни примери и за тоа како изгледаат третманите во поразвиените земји.
Претставниците од МВР рекоа дека и досега и отсега на располагање ги стават своите капацитети во насока на превенција, но и справување со последиците од зголемениот криминал во близина на Центарот за зависности. Сепак, и тие се согласни дека е потребно долгорочно системско решение во кое повеќе инстутиции ќе дадат свој удел.
Присутните граѓани му се заблагодарија на градоначалникот Темелковски за брзата реакција на нивните барања и за овој прв чекор и се надеваат дека тој ќе води кон финално решение. Тој, пак, се заблагодари за досегашната конструктивност на сите фактори во дејствувањето за изнаоѓање решение. Од страна на државниот секретар од Министерството за здравство беше дадено ветување дека во наредните 30 дена ќе има засилени активности за анализи и одлуки за решавање на проблемот. Во тој правец тој најави одделни и групни состаноци со сите засегнати страни, подигнување на проблемот на повисоко владино ниво и непрекината комуникација со Општина Кисела Вода. Следната средба ќе се биде по завршувањето на предвидените активности во зададениот рок од тие триесетина дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.