Економија
Ковачевски-Брнабиќ: Силната регионалната соработка е основа за забрзан економски развој
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска оствари средба со премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ.
Премиерот Ковачевски и премиерката Брнабиќ на оваа средба, на која присуствуваа и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги потврдија долгогодишните и традиционално добри билатерални односи кои дополнително се зајакнуваат од година во година, низ интензивен и пријателски политички дијалог потврден со редовни и чести средби и посети на високо ниво.
Претседателот на Владата, Ковачевски, истакна дека унапредувањето на односите меѓу двете земји продолжува во насока на продлабочување на односите со посебен акцент на економската соработка.
Од посебно значење, беше речено на средбата, беше помошта и поддршката од Република Србија за време на ковид-кризата кога оваа земја го помогна справувањето со пандемијата со вакцини и друга медицинска помош.
Ковачевски на средбата со премиерката на Република Србија се заблагодари за отстранувањето на забраната за извоз на житни производи и масло за јадење со што покажа разбирање и солидарност како дел од својата определба за соработка во регионот.
Претседателите на Владите на Северна Македонија и Србија, Ковачевски и Брнабиќ, ја потенцираа комуникацијата и партнерството на највисоко ниво во рамките на Иницијативата Отворен Балкан како дополнителен импулс за регионална соработка, добрососедство и имплементација на европските вредности во нашиот регион.
Ковачевски и Брнабиќ оценија дека иницијативата треба да продолжи да функционира како платформа за регионална соработка на сите нивоа, притоа потенцирајќи дека е отворена поканата на претстојниот Самит на Отворен Балкан во Охрид да учествуваат и другите земји од регионот со што ќе се почувствува поголема придобивка за сите граѓани од Западен Балкан.
На средбата стана збор и за подготвеноста на двете страни за организирање на третата заедничка седница на двете Влади како позитивен поттик за натамошниот развој и интензивирање на односите и соработката, особено во економската соработка.
Србија е трет најголем трговски партнер на Северна Македонија и премиерите Ковачевски и Брнабиќ констатираа дека вкупна вредност на трговската размена од над 1 милијарда долари, којашто забележа раст токму за време на пандемијата е јасен знак дека економската соработка треба да продолжи да се унапредува со континуирани Б2Б средби и бизнис форуми, како и со заедничко вмрежување за настап на трети пазари.
Како посебно значајни за поврзување на регионот беа оценети автопатските и железничките инфраструктурните проекти на Коридорите 10 и 8.
Во однос на евроинтеграцијата на регионот, претседателите на Владите, Ковачевски и Брнабиќ, оценија дека сега е вистински момент Северна Македонија и Србија да ги почнат преговорите со ЕУ и дека тој чекор ќе биде позитивен сигнал за целиот регион од аспект на неговата геостратешка важност и стабилност.
На средбата како позитивен беше оценет моментот на придвижување на односите меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со цел за надминување на меѓусебните прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.