Македонија
Ковачевски: Заврши времето на изобилство, ова е време на штедење на електрична енергија
Премиерот Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање истакна дека Владата има план за справување со енергетската криза и веќе ги има ставено во функција сите свои капацитети, посочувајќи дека зимата која ни претстои ќе биде многу тешка за што е потребно одговорно однесување и трошење на електричната енергија од сите субјекти.
„Ова е време на штедење, заврши времето на изобилство со електрична енергија во Европа, меѓутоа ова и време за одговорност. Не може личните интереси на некого да бидат над државните интереси на граѓаните“, рече Ковачевски.
Премиерот посочи дека со планот се опфатени: под број 1 ставање во функција на сите производствени капацитети на државата. Број 2 обезбедување на енергенси за нивно непречено функционирање. Број 3 непречена отвореност во текот на целиот период пред нас на прекуграничните капацитети заради снабдување на електрична енергија од странство која недостасува во нашиот систем.
„Веќе се работи на оспособување на блок три во РЕК Битола. Вчера го замолив менаџментот на РЕК Битола да ги повика медиумите за да можат да се уверат со каква технологија работи РЕК Битола бидејќи во голем дел е експониран во јавноста, да можат преку медиумите и граѓаните да видат дека се работи за технологија 50 години стара направена во време на Југославија. Јас изразив и изразувам голема благодарност до сите вработени до сите технички лица и инженери кои работат и во РЕК Битола и во Осломеј и во ТЕЦ Неготино кои навистина со натчовечки напори и голема посветеност успеваат во тие капацитети да произведат електрична енергија. Јас се надевам дека ќе ја прифатат мојата молба за да можат медиумите, граѓаните да се уверат за каква технологија се работи, која е 50 години стара.
Исто така, потоа во функција е ставен ТЕЦ Осломеј, кој долги години не работеше и ставен е во функција ТЕЦ Неготино. Поточно, ставен е првиот котел во функција во ТЕЦ Неготино и тој веќе произведува електрична енергија со моќност од 80 мегавати на час енергија и се работи на пуштање на вториот котел“, рече Ковачевски.
Премиерот го повика претседателот на Комисијата за финансирање и буџет да ја свика Комисијата за да го одобри заемот од ЕБРД со кој треба да се обезбеди ликвидност на ЕСМ.
„Неодобрувањето на овој заем значи дека нема да има ликвидност во ЕСМ, ако некој има цел да нема ликвидност во ЕСМ за да не може да се обезбеди електрична енергија во државата, и со тоа да се предизвика некаква друга последица а не редовно снабдување со електрична енергија треба да каже. Со оглед на тоа дека сметам дека сите овде работиме за доброто на граѓаните, како што кажав и вчера јас замолувам и укажувам овие важни закони што поскоро во најбрз рок да се донесат“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач
Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 09.30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаде Ангеловски.
Тој посочи дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
До 11 часот е пријавено дека на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до 9 часот, се искачи на 12,78 отсто.
Македонија
Најдена испукана димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информира за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, тоа се одвива мирно, без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и учесниците на изборите – во текот на гласањето, до завршувањето, да се воздржат од какви било инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија – 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија – 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјата право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3.480 избирачки места.