Македонија
Ковачевски-Стефанишина: Безрезервна поддршка за Украина и храбриот украински народ
Како дел од активностите предвидени за време на учеството на конференцијата за безбедност ГлобСек Братислава 2022, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска оствари билатерална средба со вицепремиерката на Украина, задолжена за европска и евроатлантска интеграција Олха Стефанишина.
На средбата премиерот Ковачевски ја осуди воената агресија на Руската Федерација на Украина и ја истакна цврстата поддршка на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници пред 2014 година.
Ковачевски на средбата со украинската вицепремиерка Стефанишина изрази почит за храбрата одбрана на Украина и херојскиот отпор на народот на оваа земја во одбраната на својата земја.
Премиерот Ковачевски во разговорот ја реафирмираше подготвеноста на Северна Македонија за целосна политичка и практична поддршка за помош на Украина и во таа насока ја посочи одлуката за повторното отворање на нашата амбасада во Киев како уште еден знак за солидарноста со Украина и за одржување на билатералните односи и во услови на војна.
Северна Македонија, рече Ковачевски на средбата со вицепремиерката Стефанишина, им се приклучи на напорите предводени од ЕУ за организирање ефикасна хуманитарна помош преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ и е подготвена да ги прифати и засолни сите на кои им е потребна заштита, кои бегаат од војната во Украина.
Ковачевски уште додаде дека Северна Македонија целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и се вклучи во пакетот санкции против Русија, како и во поддршката на Украина во случајот против Русија пред Меѓународниот суд на правдата.
Претседателот на Владата Ковачевски потенцираше дека Северна Македонија како најмлада земја-членка на НАТО, е силно посветена на политиката на отворени врати на Алијансата заснована на заслуги и е подготвена да ја поддржи Украина со нашето искуство и експертиза од нашиот процес на евроатлантска интеграција.
Двете земји, беше споделено од соговорниците на средбата, од воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година имаат многу добри билатерални односи за кои беше истакнато дека останува интересот после војната да бидат унапредени со огромниот потенцијал за соработка на различни полиња.
Премиерот Ковачевски на средбата ја прифати поканата на вицепремиерката на Украина, задолжена за европска и евроатлантска интеграција Олха Стефанишина, да го посети главниот град на Украина Киев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.