Македонија
Колев: Има индиции за злоупотреби поврзани со автопатот Штип – Миладиновци
Повеќе од една година институциите не успеваат да се справат со пуштањето на автопатот Штип – Миладиновци, изјави претседателот на Граѓанско-демократска унија, Петар Колев.
Тој рече дека не само што граѓаните не може да користат нешто за што ќе плаќаат, туку никој не собрал смелост да пројави одговорност и да ни соопшти што е проблемот.
„Не е завршен проектот? Има ли пропусти кај изведувачите, подизведувачите или можеби контролата? Има ли некој одговорен за тоа? Колку ќе нè чини автопатот? Има ли луѓе од претходната и сегашната власт кои злоупотребиле средства предвидени за овој проект?
Некакви тендери наместени, провизии, проценти? И, најважно, ќе сноси ли некој одговорност за сето ова?“, праша Колев.
Тој побара од премиерот Зоран Заев да пројави одговорност пред граѓаните од истокот, да излезе и да каже јавно што е проблемот.
„Обелоденете сѐ што е поврзано со автопатот, а има индиции за злоупотреби. Ја разбравме неможноста на МВР и Спасовски да се справат со живи луѓе што може да се движат (го визирам економскиот гуру Груевски и неговиот патент во економијата како да станеш милијардер за 10 години?), но проектите, кредите и банкарските сметки, како и тендерите и друго, се на хартија, нема како да им избегаат. Во спротивно, длабоко во мене, но и во голем дел од граѓаните, останува чувството за политички пазар помеѓу СДСМ и ДПМНЕ, во кој новата власт ја заштитува старата од кривична одговорност во замена за полна власт и непречено решавање одредени прашања. Не би шпекулирал со урбани легенди, но злите јазици, како во земјата така и надвор, зборуваат за материјални репарации во замена за мир и слобода“, истакна Колев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.