Македонија
Комисијата за заразни болести предлага отворање на казината и теретаните
Министерот за здравство, Венко Филипче, кажа дека денеска на состанокот на Комисијата за заразни болести се разговарало за дополнително попуштање на мерките, пред сѐ на мерките коишто сега значат забрана за работа на повеќе економски оператори.
„Донесена е одлука да се предложи на Владата да се отворат според строгите протоколи, казината, автомат-клубовите, и апаратите во обложувалниците. Понатаму, да профункционира јавниот превоз во Тетово, и кон крајот на оваа недела и отворање на теретаните и фитнес-центрите, но согласно веќе утврдените протоколи коишто за сите овие претходно наведени оператори Комисијата ги работеше заедно со претставниците на нивните здруженија“, кажа Филипче.
За отворањето на границите и условите под кои тоа ќе функционира, министерот Филипче образложи дека дополнително ќе биде разговарано во текот на денешниот и утрешниот ден, по што јавноста ќе биде информирана.
„Епидемијата е се уште во полн ек, состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Ова повторно не води до заклучок дека вирусот е тука, ќе мора да продолжиме да живееме со него и да се навикнеме на правилата за лична заштита и по тие правила ќе се функционира веројатно долг период, не само оваа година, туку и следната. Сметам дека е важно сите општествени чинители активно да се вклучат во пренесување на вистинската информација, а тоа е додека вирусот е тука меѓу нас, мерките кои се воведени мора да се почитуваат. Со почитување на мерките, маска, дистанца, дезинфекција, се штитиме самите себеси, и сите околу нас“, рече Филипче.
Соработката со сите лекари и епидемиолози, давањето точни информации, контакти, додаде тој, е клучно за да се лоцираат сите коишто се во опасност, во спротивно може да предизвикаат дополнителна опасност за околината за ширење на вирусот.
„Уште повеќе економски оператори почнуваат да работат, но условот секако е тие строго да се придржуваат до донесените протоколи и препораки, затоа се изготвени тие препораки, кои досега ги почитуваат најголем дел од компаниите коишто добија дозвола да работат. Апелирам апсолутно до сите целосно да се почитуваат овие протоколи заради тоа што така ќе се заштитат и клиентите и вработените“, изјави министерот Филипче.
Министерот Филипче упати апел до политичките партии и сите актери во изборите.
„Мерките да се почитуваат без исклучок – сите партии да бидат пример со почитување на мерките и да не дозволат кампањата да биде ризик за граѓаните. Од нив се очекува тие да дадат пример како се штити здравјето на граѓаните. Мерките не се тешки, а се исклучително ефикасни и потврдени од многу земји во светот- да се носи заштитна опрема, да се одржува физичката дистанца, да се одржува лична хигиена и да се почитуваат протоколите за работа на економските оператори“, рече министерот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.