Македонија
Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок за состојбата со Ковид-19
Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок, на кој, како што најави министерот за здравство, Венко Филипче, ќе бидат слушнати предлозите и согледувањата по последните анализи на состојбата со Ковид-19 во државата.
Инциденцата во последните две недели е зголемена 28,5 проценти, а бројот на лица хоспитализирани поради Ковид-19 е зголемен 15 проценти, изјави Филипче.
„Ваквиот раст може да се каже дека е очекуван и ако споредиме со претходните бранови, процентот на хоспитализирани лица е намален, најверојатно поради фактот што има поголем број млади лица што се заболени, но има и лица што се вакцинирани, а заразени“, рече Филипче.
Во моментот поради Ковид-19 се хоспитализирани 518 пациенти, што е 6,4 отсто од активните случаи. Во следната недела ќе се прави секвенционирање за да се види со кој сој се заразени активните случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.