Македонија
Конгресменот Ејнџел во писмото до Помпео: Поддршка за интеграциите на Македонија
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на неколкудневна работна посета на Вашингтон, имаше посета и на американскиот Конгрес , каде што, меѓу повеќето средби, оствари работна средба и со новиот претседавач со Комитетот за надворешна политика во Конгресот на САД – Елиот Ејнџел.
Конгресменот Елиот Ејнџел му го предаде на Османи писмото, со кое тој како претседавач на комитетот за надворешна политика на американскиот Конгрес, заедно со конгресменот Мајкл Меккол, кој е исто така член на комитетот, му се обраќаат директно на државниот секретар Мајкл Помпео, за поддршка на Македонија во нејзините евро-атлантски аспирации, за што во писмото наведуваат дека претставува директен интерес на САД и нејзините сојузници.
Османи во рамки на средбата истакна дека како никогаш порано, целиот регион на Западниот Балкан се наоѓа по влијание на засилен европски и евро-атлантски моментум, во кој Македонија, со своето однесување и евро-атлански успех, има важна улога во засилување на ова влијание. Тој му заблагодари на конгресменот Ејнџел, чија улога во создавањето на западната ориентација на целиот балкански регион е недвосмислена.
„Со вашето присуство, залагање и поддршка оставивте неизбришлива трага во имплементирањето на западните вредности на регионот на целиот Балкан, на чии основи е изграден и денешниот успех во напредокот на целиот регион, како и во нашиот успех да ја оствариме нашата основна амбиција – членството во НАТО“, истакна Османи на средбата, упатувајќи притоа честитки за новата позиција до конгресменот Елиот Ејнџел, како претседавач со Комитетот за надворешна политика во Конгресот на САД.
„Оваа нова функција нѐ упатува на натамошна идна соработка за што, како добар познавач на регионалните прилики, очекувам да има уште поголемо позитивно влијание врз имплементацијата на западните вредности на Балканот“, истакна Османи.
Претходно Османи учествуваше и на традиционалниот молитвен појадок во организација на американскиот претседател, Доналд Трамп, а во рамките на посетата на американскиот Конгрес оствари средби со конгресменот Стив Стилерс, кој до јануари оваа година ја вршеше функцијата претседател на Националниот републиканскиот комитет во Конгресот на САД, а во рамките на посетата на Сенатот, Османи оствари средба и со сенаторот Рон Џонсон, кој воедно е претседавач и со Комитетот за домашна безбедност и владини прашања при Сенатот на САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување на билатерален Договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција Н.Е. Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција, со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на министерството за внатрешни работи, за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот, за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот Договор за соработка во областа на безбедноста кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори, ќе им биде презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Низ дружење со претставници и членови од мото клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење на електрични превозни средства“, велат од општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на факултетот ќе бидат Клиничката болница – Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ – Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид , Специјалната болница за нефрологија – Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти, кои ќе станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места да студираат во своето место. Значително ќе придонесе во создавањето нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.