Македонија
Контролор на „Дурмо турс“ доби условна казна за несреќата кај Ласкарци
Обвинет во издвоена постапка за несреќата кај Ласкарци кон средината на октомври призна вина пред судот и доби условна казна затвор од 2 години, ако во наредните 5 не го повтори делото како и забрана за работа од пет години.
Судијката Славица Андреевска го осуди гостиварецот со иницијали В.Г. за несовесно работење, бидеќи, иако знаел дека дека има вграден уред за лажирање на брзината во автобусот на „Дурмо Турс“, издал потврда за извршена проверка.
Во образложението на пресудата пишува: „И покрај тоа што пломбата која го спречува неовластеното отварање на куќиштето на тахографскиот уред била оштетена и постоел вграден уред за манипулација на реалната брзина која ја бележи тахографот, обвинетиот издал потврда дека проверката е извршена“. Обвинетиот пополнил налепница, со што потврдил дека тахографот е исправен и одговара на пропишаните барања.
В.Г. му овозможил на „Дурмо турс“ и на одговорното лице, Дурмиш Белули, да поседуваат доказ за исправноста на тахографот во автобусот за да може да учествува во сообраќајот на јавните патишта, а притоа возачите кои го управувале автобусот да избегнуваат казни за сообраќајни прекршоци предвидени во член 38 од „Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, поради пречекорување на дозволената брзина на движење на автобусот“.
Обвинетиот бил одговорен во фирмата, која е инспекциско тело со посебно овластување за вршење работи на инсталирање, проверки, контрола, поправка на аналогни тахографи и сертификат за акредитација.
„Обвинетиот делото го сторил на 05.01.2018 година, што укажува за безобѕирноста и начинот на кој функционирал превозникот „Дурмо турс“ и „Автомото Здружението Гостивар“. Не само што сами на себе дефакто си вршеле контрола на исправноста на превозните средства – автобусите, туку имале и овластување и тахографските уреди во автобусите кои сами ги манипулирале, истите врз основа на ова решение да ги оценат дали се исправни или не. Меѓутоа, и покрај тоа што оваа работа заради која што сега одговара обвинетиот, можеле сами да ја завршат, му ја доделиле на обвинетиот, тој да ја заврши и да ја „аминува“ исправноста на тахографскиот уред“, пишува во пресудата.
Обвинителот на рочиштето рекол дека причината поради која обвинетиот го аминувал таквото дејствие не се 2.500 денари колку што наплатил, туку ситуацијата во која што бил доведен – земи или остави.
„Доколку не го направел тоа, поради позицијата на евидентна и нескриена моќ на подрачјето на Општина Гостивар од страна на битни лица поврзани со превозникот Дурмо турс и „Автомото Здружението Гостивар“, ќе се соочел со последица неговата работилница да биде затворена, а работата секако сами ќе можеле да ја завршат, затоа што веќе стекнале овластување да потврдуваат дека се исправни манипулираните тахографски уреди“, пишува во образложението.
Адвокатот на обвинетиот, пак, навел дека најголема казна за неговиот клиент не е тоа што се наоѓа во судница, туку тоа што секојдневно треба да се соочува со своите сограѓани и семејствата на загинатите и повредените кои што имаат трајни последици.
Во сообраќајната несреќа кај Ласкарци, загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени. За овој настан кој ја вознемири и шокираше јавноста се води засебен судски процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дали ДУИ-зацијата на судството ќе заврши на црна листа, прашуваат од Коалцијата „Вреди“
Го поздравуваме проширувањето на американската црна листа со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Токму нејзината лична определба, наместо испорачување правда да се стави на страната на криминалците заради лични интереси, создаде предуслови да нема одговорност за политичка корупција. Оваа ознака, за жал, докажува дека политичката корупција во Северна Македонија длабоко ги внела своите корени во системот, во институциите, а особено во правосудниот систем, истакнуваат од Коалицијата „Вреди“.
„Кога зборуваме за правосудниот систем, силно веруваме дека нашите американски сојузници лоцирале дека политичката одговорност за тоа што Мијалков брише под со правосудниот систем, за неговото ослободување од најтешките обвиненија, како и заштитата на неговиот имот од конфискација, е направена преку актери и политички експоненти на таканаречената „прогресивна“ – односно ДУИ, кои ги заробија судијата, обвинителството како и надлежните државни институции кои беа инволвирани во случајот Мијалков“, потенцираат од оваа коалиција.
Сите граѓани на Северна Македонија, како што додаваат, очекуваат американската администрација да ја истражи конкретната улога на обвинителите, судиите, експертите, истражителите и државните институционални лидери, сите избрани или именувани со политичко влијание на ДУИ, во спречувањето обвиненија, судења, спречување на пресудите како и штитење од конфискации, во сите случаи на нивниот партнер насилник – Сашо Мијалков.
Според нив, промената доаѓа. За ослободувањето на Мијалков, оценуваат дека ќе има политичка одговорност.
„Правдата ќе се врати на почитуваното место во општеството како предуслов за враќање на довербата на граѓаните во државните институции. Уставниот амандман за спречување на застарувањето на кривичните дела сторени со политичка корупција е чекор во таа насока“, велат од Коалицијата „Вреди“.
Македонија
Митрески – Ларсон Џеин: Одличните политички односи и пријателство ќе ги зајакнеме и преку сојузништвото во НАТО
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин.
Амбасадорката упати голема благодарност за подршката за членството на Шведска во НАТО имајќи предвид дека Собранието на Република Северна Македонија беше меѓу првите парламенти на земјите членки на алијансата, кое уште летото 2022 година со огромно мнозинтво го ратификува протоколот за пристап на Шведска и Финска во алијансата.
Двајцата соговорници се согласија дека во време кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, членството на Шведска ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност.
Од своја страна, Митрески изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, особено од интензивната соработка меѓу пратениците на двата законодавни дома во изминатиот период во рамките на меѓупарламентарната соработка за демократски развој. Тој искажа и уверување дека одличните политички односи и пријателство ќе бидат дополнително зајакнати и преку созујзништвото во НАТО.
Митрески се осврна и на престојните претседателски и парламентарни избори и го сподели своето верување дека и во идниот состав македонското Собрание ќе продолжи со блиската меѓупарламентарна соработка и меѓусебната подршка на меѓународен план, особено во контекст на нашиот евроинтеграциски пат.
Амбасадорката Ларсон Џеин нагласи дека Шведска ќе продолжи да дава активен и континуиран придонес кон демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку многубројни развојни проекти, а особено кон нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Ковачевски за Европскиот фронт: Дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе коалирате постизборно е одлука на политичките партии
Добро е што на претстојните избори ќе има најмалку две коалиции што се залагаат за брза интеграција на земјата во Европската Унија, рече денес лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. На новинарско прашање зошто СДСМ не е дел од Европскиот фронт, кој го најавуваше и повикуваше на поддршка, Ковачевски одговори дека партиите одлучуваат за коалиции и пред, но и по избори.
„Дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе имате постизборна коалиција или нема да имате тоа е сепак одлука на политичките партии, политичките органи“, рече Ковачевски.
Според него, СДСМ веќе има коалиција и е партија што направила најмногу за европскиот пат на земјата.
„Партијата што ги направи најголемите резултати во делот на европските интеграции и интегрирањето во НАТО, а тоа е СДСМ, исто така имаме коалиција што се залага за европски и евро-атлантски интеграции. Ние таа коалиција веќе ја имаме официјализирано. Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски веќе доби поддршка од најголемиот дел од тие политички партии и добро е што во државата ќе има најмалку два блока, две коалиции што се залагаат за брза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија и што ќе извојуваат победа, со што Северна Македонија непречено ќе го продолжи својот пат во европските интеграции“, рече Ковачевски.
Договор за заеднички настап на изборите потпишаа денеска претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и претседателот на Народното движење, Скендер Реџепи.