Македонија
Котевски: Ќе поднесам оставка, зборот на премиерот е последен
Директорот на истражниот затвор во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, ќе го послуша премиерот кој од него побара оставка по вчерашниот инцидент во кој беа нападнати ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Оставката најави дека ќе ја поднесе во понеделник до кога очекува да заврши и внатрешната истрага за одговорноста на лицата вработени во затворот.
„Зборот на премиерот е последен збор. Ако е прв меѓу еднаквите, треба да се почитува неговиот збор. Јас дополнително ќе разговарам со премиерот бидејќи би сакал ако може да имам простор да ја завршам истрагата и со комплетен извештај да истапам и пред Управата за извршување санкции, пред Министерството за правда и министерката Рената Дескоска и пред премиерот. Ќе ја почитувам одлуката во однос на побараната оставка. Барам само да ја завршам истрагата“, изјави за „Макфакс“ директорот Котевски.
Ѓоко Котевски на функцијата директор во затворот дојде по локалните избори 2017 година откако дотогашниот директор Александар Наумовски стана градоначалник на Општина Ѓорче Петров. Пред да биде назначен за директор на затворот, Котевски беше директор на Управата за водење матични книги.
Тој тврди дека со внатрешната истрага утврдиле нови детали кои ќе ги соопшти откако ќе заврши истрагата. Смета дека се работи за монтиран случај.
„, Министри, директори на УБК и други јавни функционери имало и во минатото во затворот но немало проблеми. Ова што се случи вчера е класична монтирана ситуација. Има извештај од Градска болница дека нема повреди има и наш извештај за тоа, 14 лица кои сведочеле на тие настани“, објаснува директорот Котевски.
Ексминистрите Јанакиески и Ристовски по инцидентите се под постојан надзор, а сместени се во хашкиот оддел во затворот. Во истражниот затвор се од завчераноќ откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги осомничи дека се дел од шестемина што ги организирале насилствата во Собранието на 27 април 2017 година. Одреден им е 30 – дневен притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.