Македонија
Кој е кој од осомничените во „Империја“
Отворената истрага на СЈО со кодно име „Империја“ влезе во лавиринтот на голем број сестрински поврзани фирми, од кои дел се поврзани со фамозната „Ексико“, која се крие во Лугано, Швајцарија, но и други компании во даночните раеви. Компаниите во кои фигурираат осомничените лица се поврзани со големи акционерски друштва, а за дел од овие фирми можеше да се слушне во аудиоснимките што ги објавуваше СДСМ во 2015 година.
„Макфакс“ дознава дека станува збор за еден од најобемните предмети кои го работеле повеќе обвинители и дека станува збор за шема на перење пари и измама која траела од 2002 до 2013 година.
Па така, Владислав Стајковиќ е сопственик на НВСП, фирмата која во аудиоснимките беше споменувана како дел од шемата за набавка на израелска опрема за прислушување. Стајковиќ е поранешен директор на фирмата „Финзи“, а потоа го наследува сега покојниот Коста Крпач, кој беше сведок за специјалното јавно обвинителство, а изврши самоубиство во 2016 година. Стајковиќ инаку е газда на НВСП и поранешен директор на „Мобико“, фирма каде што сопственик е Жарко Луковски, поранешен главен оперативен директор на „Македонски телеком“, кој е во кумски врски со Сашо Мијалков.
Фирмата НВСП е сопственик на два медиума – Радио Слободна Македонија и телевизија „Три“ Куманово, и е прв сопственик и на агенцијата за обезбедување СГС, која се поврзува со Сашо Мијалков.
Ненад Јосифовиќ е еден од долгогодишните бизнис-партнери на Орце Камчев, кој уште од 2001 година работи како комерцијалист во „Орка спорт“, референт во „Орка холдинг“, Мала Богородица, фирмата „МОНТ“, „Кара“ – сите фирми поврзани со Камчев. Тој е десна рака на Камчев и воедно член на Надзорен одбор на Стопанска банка АД Битола.
Ратка Куновска Камчева е мајка на Јордан Камчев, а меѓу осомничените е и неговата сестра Кристина Камчева- Стојческа.
Зорица Арсовска (сметководител) и Лилјана Гајдовска (правник) се јавуваат како овластени лица во повеќе фирми поврзани со бизнисменот Орце Камчев.
Цветан Панделески е директор на Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ АД Битола и татко на Дејан Панделески, директорот на „Пелистерка“. Камчев, Панделески и ЗК „Пелагонија“ во 2015 влегоа во сопствеништвото на една од најголемите фабрики за млеко и за млечни производи „Здравје Радово“.
Тодор Мирчевски е директор на офшор компанијата „Ексико“. Заедно со Камчев, Мирчевски е член на управни одбори во повеќе сестринско поврзани компании како „Бетон Штип“, „Жито Полог“ и ЗК „Пелагонија“.
Ванче Мијалчев е извршен директор на градежната компанија „Бетон – Штип“, каде Тодор Мирчевски е неизвршен член, Дејан Панделески е претседател на Одборот на директори, а Камчев е неизвршен и независен член.
Неизвесно е која била улогата во „Империјата“ на Дејан Јанев и на Јованче Тасковски.
СЈО ги сомничи овие лица за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Според предистрагата, обезбедени се доволно докази за кривичните дела.
„Во текот на денешниот ден од страна на ова Јавно обвинителство, во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство. Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела, а во насока на обезбедување на имотно-правните барања од оштетените лица и обезбедување на предметите кои потекнуваат од кривичните дела ќе бидат побарани и мерки за привремено обезбедување на имот“, изјавија од СЈО.
Во судот во моментов се пристигнати двајца од осомничените, Ненад Јосифовиќ и Цветан Панделески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Османи: Европскиот фронт е голема идеја чие време е дојдено
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вечерва на митинг пред граѓаните на Кичeво изрази благодарност до лидерите на Европскиот фронт и коалицијата која, како што вели Османи, е продолжение на битките во континуитет една по една, за разбивање на замоците на етничките монополи.
„Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, истакна Османи.
Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.
„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател. Значи, браќа и сестри, се натпреварувам, на 24 април да ја разберете тежината на оваа мисија, дека вашиот глас не е само за мојата кандидатура, вашиот глас, вашата поддршка е за да ја разбиете последната тврдина на етничкиот монопол и за заокружување на еднаквоста на сите заедници во нашата заедничка држава“, заклучи Османи.
Македонија
Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково
Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково. Ќе го поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме во агробизнис, грантови и земјоделци Ќе ги поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме повеќе во агробизнисот, во грантови за земјоделците и во економски развој за да ја вратиме некогашната репутација на земјоделството и производството на регионот на Липково и Куманово. Ова беа дел од пораките кои претседателскиот кандидат Арбен Таравари ги испрати вечерва од општина Липково. Оваа општина ја донесе ДУИ на власт а како награда добива само штета, неправда и лошо владеење.
„Наместо да се привилегира и развива овој регион кој некогаш важеше за кризен регион, лошото владеење на ДУИ го втурна во повеќекратни кризи. Економска и земјоделска криза, невработеност и миграциска криза, но и безбедносна криза и монтирани случаи. Никој повеќе од жителите на овој крај не ги почувствувал последиците од лошото владеење на ДУИ“, нагласи Таравари во својот говор.
Но, според него, оваа состојба ќе заврши со гласот на самите граѓани, кој ВРЕДИ и ќе ја донесе долгоочекуваната промена.
„Ќе донесеме повеќе правда, прво за политичките монтирани случаи, каде што ќе се заложиме за правда и обештетување за оние Албанци кои неправедно се држат во затвор. Никогаш не го забораваме војникот на слободата и жител на овој крај, Реџаил Ќерими, кој неправедно беше држен во затвор 13 години и почина во ќелијата кога отворено се знаеше дека нема врска со она за што го обвинуваа, изјави Таравари.
Меѓу другото, Таравари од Липково повтори дека со доаѓањето на ВРЕДИ на власт ќе се забрани коцкањето, а ќе се простат и долговите од фирмите за брзи кредити кои исто така рече дека ќе се затворат.
Македонија
Кои се седнатите на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти, прашува Силјановска-Давкова
Ги нема сликите низ весниците кои се најдобар доказ, бидејќи сликите понекогаш повеќе кажуваат од зборовите, за тоа кој е кој во ова корупциско и криминално гнездо, вели професорката Горданa Силјановска -Давкова вечерва од Велес.
„Колку претседатели сте виделе, колку премиери сте виделе, колку министри за внатрешни работи сте виделе седнати на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти? Може да се сликате со некого на улица, ама на софра да бидете тоа значи дека сте во спрега. Значи, во право е претседалот на ВМРО-ДМПНЕ кога вели дека, не само со чинење, не само со криминални активности, туку и со замижување пред криминалот и корупцијата вие сте соучесник во нив, посочи Силјановска Давкова и додаде:
„Во овие избори има нешто специфично, до ѕидот сме доведени. Вие заслужувате власт соодветна на вашето достоинство, власт од којашто нема да се плашите и срамите, туку ќе се гордеете“, порача вечерва од Свети Николе, кандидатката за претседател на државата, поддржана од ВМРО – ДПМНЕ и коалициските партнери