Македонија
Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика стана член на Глобалниот систем за надзор и одговор на грип
Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје стана член на Светската здравствена организација и на Глобалниот систем за надзор и одговор на грип и глобалната мрежа на признаени национални центри за грип, соопшти Министерството за здравство.
Станува збор за многу важно признание за македонското јавно здравство. Целта на мисијата беше да се оцени усогласеноста на работата на лабораторијата со стандардите на СЗО.
„Тоа значи дека пациентите и здравствените работници може да бидат сигурни во дијагностиката и резултатите што ги добиваат од Институтот за јавно здравје. Оваа лабораторија активно е вклучена во предвидувањето на соевите инфлуенца на грип што ќе циркулираат во Северна Македонија и во Европа и во одредувањето на соевите што ќе бидат вклучени во создавањето на вакцината на грип за следната сезона. Со тоа нашата земја директно се вклучува во превенцијата на грипот“, велат од МЗ.
Од таму истакнуваат дека ова признание има пошироко значење, односно тоа е потврда на капацитетите на државата од аспект на едуциран кадар, опрема и соодветни реагенси, како и ниво на безбедност во лабораторијата за брза, навремена и веродостојна дијагноза не само на грипот туку и на други вирусни, високопатогени агенси, значајни за јавното здравје.
Во периодот од 27 до 29 мај, по барање на министерот за здравство, Венко Филипче, СЗО спроведе мисија за процена на Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика со цел да се проверат и верифицираат нејзините квалитети за да стане формален член на СЗО и глобалниот систем за надзор и одговор на грип и глобалната мрежа на СЗО признаени национални центри за грип.
Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика е формирана во 1960 година и функционира како референтна лабораторија во земјата за детекција на вирусни заболувања, вклучувајќи грип, морбили и рубеола, арбовируси, вируси на хеморагични трески и други.
Токму оваа лабораторија, предводена од доц. д-р Голубинка Бошевска и доц. д-р Шабан Мемети, како директор на Институтот, стана Национален инфлуенца-центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.