Македонија
Лазаревски: Прислушуваа луѓе од МВР, логовите „Директор”, Г. Г. и Н.Н. следеа само таргети кои нелегално беа прислушувани
Врз основа на прецизни пресметки дојдов до тоа кој оператор на кој таргет му пристапил и колку пати во одреден временски период. Секој репродуцент мора барем 10 пати да пристапи за да обработи еден разговор. Врз основа на тоа заклучив дека логовите за влез во системот се идентични со иницијали на вработени во УБК. Операторот Г. Г., Н.Н и операторот „Директор” комплетно беа концентрирани кон таргети кои сметав дека се нелегални, а сите останати оператори пристапуваат само до таргети кои се легални, сведочи Ѓорги Лазаревски, поранешен вработен во УБК кој ги извади нелегално прислушуваните разговори од МВР.
Претпоставувам, вели Лазаревски во судницата, дека под акаунтот „Директор“ стоеше Сашо Мијалков, под иницијалите Г.Г. Горан Грујевски, а под Н.Н. стои лицето Надица Николиќ.
Заклучокот беше дека во нелегалните таргети има броеви од многу јавни личности, политичари од опозицијата и запомнив дека има еден министер, а тоа е Миле Јанакиески, додаде Лазаревски.
„Тој заклучок за Јанакиески го сфатив подоцна бидејќи не го знаев неговиот број, тоа беше кога опозицијата ги објави материјалите, Јанакиески беше потпишан под псевдонимот Тугин“, посочи Лазаревски.
„Со тие сознанија, кои за мене беа изненадување, почнав да размислувам што да правам. Од сите со кои се советував никој не беше изненаден дека е толкав обемот на личности кои се во системот на МВР за прислушување, а нема причина да бидат под таква обработка. Со тоа сознание живеев во наредните 2 години без да преземам нешто бидејќи знаев дека не можам да го докажам“, сведочи Лазаревски.
Во случаен разговор со колегата Звонко Костовски, кој е исто така сведок во случајот, Лазаревски дознал дека не бил прислушуван само Јанакиески од тогашната власт туку на листата биле и други функционери.
„Го прашав дали е вистина дека се прислушуваат актуелни министри, реакцијата на Звонко беше дека нема кој не се прислушкува. Го замолив да почне да собира докази кои кога-тогаш ќе се употребат за подоцнежна судска разврска за нелегалното прислушување“, вели Лазаревски.
На прашањето на обвинителот Трајче Пеливанов кој го вршел незаконското следење на комуникациите, Лазаревски одговори дека нема сомнеж оти прислушувањето е направено во рамките на Vernit-системот и јасно е дека секој таргет е вклучен од одреден оператор маркирач. Нема дилема дека сите тие луѓе кои имале пристап до системот за прислушување се дел од структурата на МВР и ниту еден од иницијалите не ми беше непознат и нејасен затоа што идеално се поклопуваа, вели тој.
Копираните логови Лазаревски ги чувал и се обидувал да опомене дека се случува нелегално прислушување.
„Не најдов ниту едно лице кое ми посочи што да правам за тоа што го поседувам да биде дадено како судски доказ. Така тоа остана како моја лична архива, а подоцна, кога почнав да работам со Верушевски, и на крајот на 2010 година му ги предадов нему“, рече Лазаревски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.
Македонија
Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ-и заедницата и поткопана слобода на изразување, забележа Стејт департментот во извештајот за човекови права во Македонија
Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.
Извештајот меѓудругото нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, вели извештајот.
„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“.
Анкетите покажале силна недоверба на јавноста кон судството.
„Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.