Економија
Лазаров до премиерите на Бугарија и Северна Македонија: Напишете ја новата економска историја
Претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора во Република Северна Македонија, Кирил Лазаров, преку писмо се обрати до премиерите на владите на Бугарија и на Северна Македонија.
Почитувани премиери на владите на Бугарија и на Северна Македонија, господин Кирил Петков и господин Димитар Ковачевски,
Преку ова отворено писмо сакам од мое лично име како претседател на Македонско-бугарската стопанска комора и од име на сите оние што партиципираат во неа да го изразам задоволството од најавената средба, која има можност да биде и историска ако двете страни имаат поглед кон иднината.
Ги имате почитта и поддршката од целата Комора да пристапите кон суштинските проблеми што ги тиштат двете општества и да најдете решенија што на двата народа ќе им донесат прогрес, иднина, работни места, економија и поврзување.
Имате историска должност кон сите оние што живеат денес и ќе продолжат да живеат и утре, или по 10, 30 или 50 години, затоа што денес ги пишувате иднината и новата историја, историја во која ќе пишува дека вие двајцата лидери сте нашле решение во кое ќе има нови автопати, нови гранични премини, во кое ќе профункционира железничката трансверзала, ќе имаме директен лет Скопје – Софија и решение во кое ќе дефинирате иднина во која ќе се разговара колку многу наши драги соседи од Бугарија ќе дојдат во Охрид или Маврово, а колку Македонци ќе отидат во Банско или на Сончев Брег.
Создадете иднина за која ќе се зборува со силни емоции, со среќа и љубов за двата народа, за благосостојба на нашите деца. Создадете енергија за нашите народи да се почитуваат, поздравуваат и да се прегрнуваат каде и да се сретнат.
Нели сме братски народи со заедничко минато и уште позаедничка иднина? Да зборуваме за гасоводи, автопати, ветерници, хидроцентрални, фотоволтаици, да ги споиме нашите народи во земјоделството, туризмот, одбраната и образованието.
Имаме толку многу заедничко, а толку малку разлики, можеме многу повеќе во економијата и трговијата.
Посејте го семето на пријателството наместо на омразата, тоа впрочем им го должиме на нашите деца и поколенија.
Запрете го миграцискиот пустош, кој ни се случува во двете држави, и договорете се да останеме тука и да живееме едни покрај други во хармонија наместо некаде далеку, да бидеме Mакедонци и Бугари во Македонија и Бугарија наместо странци во Англија и Германија.
Нашите економии и трговска размена имаат огромен потенцијал за нашиот капитал и работници да останат тука.
Сѐ друго е ризик за нашите држави бидејќи живееме во најтурбулентните времиња што носат многу неизвесности и опасности изразени преку наголемата енергетска, пандемиска и економска криза.
Вие доаѓате од бизнисот, исто и јас, знаеме што се бирократија, корупција, блокади, пречки и знаете што треба да направите за да го елиминирате сето тоа.
Во пресрет на денешната средба и заедничката иднина ја имате целокупната нашата поддршка. Ве чека многу работа, но иста цел! Направете чекори што ќе нѐ зближат, а ние како народи ќе знаеме да го почитуваме тоа!
Бидете оние што ќе ја напишат новата економска историја и за кои ќе се зборува многу долго од денес па натаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.