Македонија
Лалиња и книги за здравствените работници по повод Националниот ден на Холандија
Повеќе од 1.000 лалиња и голем број книги од холандски автори, преведени на македонски и албански јазик, денеска беа подарени од холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп преку Министерството за здравство до Институтот за јавно здравје и другите јавноздравствени установи во кои се лекуваат пациенти со Ковид-19 по повод Националниот ден на Холандија. Оваа година овој ден се одбележува во знак на пожртвуваноста на здравствените работници.
Амбасадорот на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Дирк Јан Коп, му го предаде подарокот на заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, во присуство на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„Денот на кралот во Хoландија е симбол на сплотеноста, а оваа година нè научи дека само доколку работиме заедно, можеме да го надминеме глобалниот предизвик со кој сме соочени. Здравствените работници се во првите редови на борбата со вирусот и со овој гест сакаме да им оддадеме почит за нивната неуморна посветеност, како и да внесеме позитивна енергија во нивната напорна работа“, изјави амбасадорот Коп.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, упати благодарност до холандската амбасада во Северна Македонија, а кој беше поканет да биде дел од одбележувањето по повод холандскиот национален празник – Денот на кралот.
„Оваа година со оглед на околностите предизвикани од пандемијата, се одлучија да го одбележат на еден креативен начин со најзаслужните, вработените во здравствениот сектор на Северна Македонија, подарувајќи им над 1.000 лалиња, како типично холандско обележје и поголем број преведени книги од повеќе холандски автори. Со овој симболичен гест, освен што се оддава признание за работата на здравствените работници, исто така е и знак во духот на досегашната солидарност и поддршка од холандска страна. За потсетување, Холандија даде поддршка за Северна Македонија и преку набавка на тестови на коронавирус базирани на нуклеарна технологија, кои се развиени од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија и Светската здравствена организација“, потенцира министерот Димитров.
Заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, му се заблагодари на Кралството Холандија за севкупната поддршка на здравствениот систем.
„Она што нè обединува сите е истата мисла и истата цел – што поуспешно справување со коронавирусот, па оттука и денешните лалиња и книги се само една симболика и за благодарноста, но и за бескрајната почит кон здравствените работници, кои овој период го даваат својот максимум за лекување и третман на пациентите со Ковид-19. Холандија има огромна и континуирана поддршка во нашиот здравствен систем и затоа се заблагодарувам за грижата. Искрени честитки до амбасадорот Дирк Јан Коп и до Амбасадата на Кралството Холандија по повод одбележувањето на Денот на кралот или Националниот ден на Холандија“, изјави заменик-министерот Арслани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сајкоски: Вчера докажавме дека Македонија не толерира некој да ја тероризира– граѓаните во нас препознаа луѓе кои ќе донесат правда во државата
„Вчера докажавме дека само заеднички, единствени како никогаш досега можеме да успееме. Можеме да успееме заеднички и да прегазиме секој противник, секој оној којшто прави штета на нашата држава и затоа ќе го снајде она што го снајде овој наш противник вчера. Ќе го снајде истото и на 8 мај. Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Mакедонија“, голема победа на македонските граѓани и македонскиот народ. Почитувани кичевчани вие го покажавте револуционерниот дух. Тој никогаш не згаснал во вас. Покажавме дека можеме и дека ќе направиме се, дека имаме храброст, дека имаме елан да се спротивставиме и дека ние сме победнички расположени. Победнички за да ја донесеме Македонија онаму каде што и е местото Им дадовме јасно до знаење дека Кичевчани не толерираат повеќе изживување врз нив. Дека Македонија не толерира повеќе некој да ја тероризира! Ние не толерираме да лажат и крадат. Ние таквите ги казнуваме“, истакна на вечерашниот митинг во Кичево носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој исто така повика на уште помасовна излезност на 8 мај за да се донесе историска победа за Македонија.
„Сакам исто така да ве повикам на 8 мај да излеземе во што поголем број и да донесеме историска победа на Македонија. Да донесеме историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, потенцираше Сајкоски.
Тој истакна и дека оваа е историска победа бидејќи граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаа луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија.
„Ние почитувани испишуваме историја. Испишуваме историја затоа што првпат од позиција на опозиција води некој политички субјект во Македонија со 180 илјади гласови. Испишуваме историја затоа што во нас препознаа македонските граѓани луѓе коишто се чесни, коишто се трудољубиви и луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија“.
Тој упати порака и до оние кои не излегоа на гласање дека ако сакаат да живеат во подобра Македонија треба да се придружат во големата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако сме согласни дека треба да имаме подобро здравство, подобро образование, дека инфраструктурата во ИЕ 5 е катастрофална и дека треба да направиме комплетно нова, придружете се. Придружете се во голема победа за Македонија. Придружете се и само така, само единствени може да победиме и може да донесеме влада којашто никој не може да ја уценува и може да донесеме премиер што испорачува. Да испорача да имаме одлична инфраструктура, да бидеме први во регионот наместо последни и да направиме економски бум“, истакна Сајкоски и додаде:
„Поканете го секој, разговарајте со секој затоа што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се политички субјекти којшто мислат добро за сите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го заслужува вашиот глас, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ беше и остана браник на македонската државност“.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на 8 мај да излезат масовно и да дадат поддршка за Пендаровски и СДСМ
Со исправена глава, поставени на вистински европски пат кој е единствена опција за суштинска промена во нашата држава. Во тоа име ве повикувам масовно, ги повикувам сите граѓани на Македонија масовно да излезат на избори, на 8 мај и својот глас да го дадат за нашиот претседател Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и коалицијата за европска иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на митинг на коалицијата за европска иднина во Чучер Сандево.
-Сакам да ве поттикнам да разговарате со секој ваш пријател, роднина, сосед, до 8 мај, да кажете дека ДА, разбравме каде сме грешеле, дека имаме јасна програма и план како сето тоа да го поправиме и исто така да кажете дека ние сме таа партија која ги обезбеди сите овие прогресивни работи за државата и кои ја ослободија државата од канџите на само една политичка партија која имаше се во свои раце во цела една декада. Ве повикувам никогаш да не се откажете во она што веруваме и да се бориме да успееме за се она што сме го напишале во програмата да стане реалност и државата да стане многу подобра од она што е денес, рече Ковачевски.
Јас заедно со моите другари како денес, со Санела, Сузана, Оливер, Фатмир ќе бидеме секој ден меѓу граѓаните. Во секој град, секое село, секоја куќа, со секој граѓанин, додаде Ковачевски.
-Ве повикувам и вас, да ни се придружите и заедно да ја пренесеме пораката за напредна држава, пораката за држава која напредува, за држава во која сите се почитуваат и пораката за држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината и од борбата за напредна и прогресивна Македонија, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Македонија
Мицкоски: Разликата по вчерашниот изборен ден е цунамито кое се крева, народот се излеа и тој бран на промени ќе ја порази оваа власт
Над 180 илјади разлика е доволен показател за само едно, народот е на нозе и народот се крена против оваа власт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кичево.
„Оние кои што се удираа во гради дека ќе сме се сокриеле после изборниот ден, јас денес не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски разликата по вчерашниот изборен ден е толку изразена, што е поголема од вкупниот број на гласови на Пендаровски освоен на изборите.
„Ова е цунамито кое се крева и кое ќе се удри од главата на оваа власт. Народот се излеа и тоа незадоволство и тој бран на промени ќе ги порази. Сакам да предупредам дека работата не е воопшто завршена. Потребно е жолтиот картон да стане црвен. На 8 мај потребно е масовно да се излезе и да се гласа за промени“, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа дека е многу важно разликата да биде уште поголема.
„Затоа што добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и тие да планираат такви сценарија, народот уште пожестоко ќе ги казни. Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите“, кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека двете сценарија им се за тоа како ДУИ и СДСМ да извлечат некаква полза, за сметка на пропаста и назадувањето на државата.
„Тоа нема да го дозволам. И затоа одговорот е масовна излезност на 8 мај“, порача Мицкоски кој заклучи: „да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, и да бидеме пример на сите идни генерации“.