Македонија
Лекарска комора: Во услови на пандемија да не се дозволи да страда дијагностиката на ретките болести
„Хередитарен ангиоедем: Современи тераписки и дијагностички протоколи во ерата на Ковид-19“, беше тема на неделната онлајн дискусија која со редовна динамика ја организира Лекарската комора со цел подобрување на комуникацијата и размена на стручни и релевантни информации меѓу лекарите од сите нивоа на здравствениот систем во услови на пандемија. Настанот го модерираше претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, а стручен осврт кон ова ретко генетско и потенцијално живото-загрозувачко заболување даде проф. д-р Весна Гривчева Пановска од Универзитетската Клиника за дерматологија.
Хередитарен ангиоедем се јавува поради мутација во генот кој го контролира создавањето на Ц1 инхибитор компонентата на комплемент, кој е мошне важен и учествува во регулација на комплексни биохемиски процеси кои се активираат при борбата со различни болести, воспаленија и при коагулацијата.
„Болеста се манифестира со појава на едем (оток) на екстремитетите, абдоменот, грлото, гениталиите или други органи. Едемот на дишните патишта може да биде фатален. Абдоминалниот едем најчесто вклучува болка, повраќање и дијареа. Симптомите најчесто се јавуваат во рана возраст, вообичаено до 13 година и може да се засилат за време на пубертет. Епизодите на напади може да бидат спонтани или предизвикани од физичка повреда или емоционален стрес. Најчесто постои семејна историја на ангиоедем, но голем број на случаи се јавуваат и поради спонтана мутација на ген. Болеста не реагира на антихистаминици и на кортикостероиди“, појасни проф. д-р Гривчева Пановска.
Таа даде детално појаснување за симптомите поради кои пациентите бараат лекарска помош, точно ги наведе сите аспекти на кои треба да се внимава при земање на анамнеза, дијагностичките процедури кои треба да се направат за да се постави дијагноза, како и различните форми на болеста кои може да се појават.
„Во услови на пандемија многу е важно да не се дозволи да страда дијагностиката, односно не треба да се избегнува упатување на пациентите затоа што се тешки времиња. Секогаш ќе има “тешки времиња”, a пациентот не мора да биде секогаш присутен. Може да се испрати само епрувета со крв за анализа и на тој начин пациентот воопшто нема да има контакт со лабораторија во која доаѓаат потенцијално ковид-позитивни пациенти“, истакна проф. д-р Гривчева Пановска.
Терапијата која за ова заболување се дава во случај на напад е обезбедена преку Програмата за ретки болести и е достапна за сите на кои им е потребна.
„Пациентите кај себе секогаш имаат терапија за најмалку два напади, а поради пандемијата се погриживме да имаат и поголема резерва, бидејќи еден дел од здравствените установи беа трансформирани во ковид центри. Предизвик за пациентите е давањето на терапијата, бидејќи таа се дава субкутано или интравенски. За да го надминеме тоа сите пациенти и полнолетни членови на нивните семејства ги обучивме како да даваат терапија, а исто така имаме и тим за интервентни ситуации кој доколку пациентот не може сам да аплицира терапија, реагира во рок од петнаесетина минути“, појасни проф. д-р Гривчева Пановска.
Покрај оваа терапија, постои препарат за орална профилакса одобрен од американската е од европската агенција за лекови, ФДА и ЕМА, кој поради добра соработка со производителот е достапен за приближно две третини од регистрираните пациенти со хередитарен ангиоедем.
Пристапот во третманот на ова заболување, истакна таа, треба да биде партнерски, помеѓу пациентите и здравствените работници. На пациентите треба да им се помогне јасно да ги идентификуваат симптомите преку подобрена комуникација со нивните лекари, лекарите треба редовно да го проверуваат статусот на овие пациенти, дури и кога не побарале консултација, да се едуцираат пациентите и брзо да се реагира кога пациентот ќе пријави симптоми кои се нејасни. Третманот на пациентите треба да биде со индивидуализиран режим кој ќе функционира како во стандардни, така и во нестандардни услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесено упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел појаснување на начинот на примена на правилата од Изборниот законик донесе Упатство за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.
Со Упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај Јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк особено за периодот на преклопување на двата изборни процеси.
За време на изборната кампања за Претседателските избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во Упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу седумте подносители на листи/кандидатите за претседател. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи/кандидатите за претседател кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг.
За време на изборната кампања за Парламентарните избори, радиодифузерите имаат право на дополнителни девет минути и триесет секунди за рекламирање на реален час, исклучиво наменети за ППР. По потврдувањето на поднесените листи на кандидати за пратеници од страна на Државната изборна комисија, Агенцијата соодветно ќе го дополни Упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.
За време на изборниот молк за Претседателските избори, на 23 и на 24 април (до 19 часот) 2024 година, продолжува изборната кампања за Парламентарните избори, но запира медиумското покривање во вестите и во посебните-информативни емисии на учесниците во изборните кампањи за двата изборни процеси.
Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост.
Упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024 е достапно на веб страницата www.avmu.mk.
Македонија
МТЕЛ со нова понуда за стриминг-платформата Move TV, корисниците одсега имаат избор од над 250 канали
Неспоредливо забавно патување со Move TV, стриминг платформа со најголем број на ТВ канали во Македонија
Подгответе се да се нурнете во свет на бескрајни можности за забава бидејќи стриминг платформата на МТЕЛ, Move TV отсега е со најголем број ТВ канали понудени од кој било телеком провајдер во Македонија. На и досега широкиот избор од ТВ канали компанијата додава бесплатно нови ТВ канали.
Со ова корисниците добиваат избор од над 250 канали вклучени во претплатата кои опфаќаат различни жанрови, јазици и култури, избор што може да воодушеви секој.
„МТЕЛ како компанија не само што го редефинира уживањето во квалитетната телевизиска понуда, тука на самиот корисник му даваме моќ да ја преземете контролата врз своето искуството со стриминг платформата. Без разлика дали сте спортски ентузијаст, љубител на филмови или љубители на ТВ серии, нашата разновидна палета на понуди гарантира дека има по нешто за секого. Во три различни пакети по особено поволни цени за корисници во Македонија се вклучени Арена спорт каналите, ХБО, Суперстар, Еуроспорт, БлицТВ“, велат од компанијата.
Покрај изборот од над 250 ТВ канали, МОVE TV нуди и видеотека со над 10 000 филмови и серии, можност за слушање на најдобрите домашни и регионални радио-станици. МОVE TV може да се користи на телевизиски уред (обичен со MOVE Android Box или смарт телевизор), на телефон и таблет.
Една од главните придобивки за корисниците е можноста за паузирање и премотување сите телевизиските канали во реално време, до 7 дена наназад. Освен тоа, со МОVE Android Box секој телевизиски уред станува паметен, а МOVE TV може да се користи на 5 уреди истовремено во зависност од избраниот пакет. А, сите ваши активности на платформата се синхронизираат на различните уреди на кои ја користите. Повеќе информации може да добиете на телефонскиот број 15010 или на mtel.mk.
ПР
Македонија
(Видео) Мицкоски: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ застанува зад бранот промени за стабилна и силна Македонија
Денес потпишавме Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја Македонија“. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ е најбројната досега коалиција составена од 24 политички субјекти и организации кои застануваат зад бранот на промени кои треба да обезбедат стабилна и силна Македонија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека при реализацијата на програмата за претседателските и парламентарните избори во 2024-тата година, целосно и недвосмислено ќе се водиме од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување. Свесни за девастирачкиот карактер на политиките на неодговорната владејачка клика, обзнануваме дека развојот на економијата, економскиот раст, домашните и странски инвестиции, како услов за отворање на нови работни места и подобар живот на граѓаните, се врвни приоритети на партиите – членки на коалицијата „Твоја Македонија“. Недвосмислена и цврста борба против корупцијата и намалување на обемната бирократијата се наш носечки предизвик бидејќи цврсто веруваме дека праведноста во општеството е основен предуслов за вкупен развој на татковината. Оттаму, длабоко свесни за истакнатото, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницираме и ќе поддржиме акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт“, нагласи Мицкоски.
Според него, основниот концепт за развој на приватната иницијатива е почитување на економската слобода и развој на креативноста на личноста.
„Нагласувајќи го разорното дејство на криминалот и корупцијата на актуелната владејачка клика, остануваме посветени на економската модернизација на татковината. Во таа насока се обврзуваме дека ќе генерираме нови политики во функција на финансирање на изградба на меѓународните и локалните патишта, железничките коридори, електраните, гасоводните системи, далноводите, училиштата, болниците како и други инфраструктурни проекти. Манифестираме јасна, непоколеблива и цврста решеност да реализираме реформи кои ќе обезбедат долгорочен економски раст и напредок на Македонија бидејќи цврсто веруваме дека борбата за подобри економски постигнувања значи борба за подобар живот и подобар стандард на македонските граѓани“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Апелира да има масовна излезеност на овие избори бидејќи, како што рече, неизлегувањето на овие избори подразбира поддршка на неодговорната и криминална власт.