Македонија
Лекар во Кавадарци одел на работа наместо да седи во самоизолација
Лекар од болницата во Кавадарци чија ќерка се вратила од Италија на 6 март не го почитувал упатството за самоизолација и продолжил да оди на работа.
И покрај упатствата дадени директно од страна на специјалист епидемиолог да останат целото семејство во домашна изолација од 14 дена поради патувањето на нивната ќерка, која на 6 март се вратила од Италија, обвинетиот во периодот од 10 март до 20 март продолжил да оди на работа во болницата каде што е вработен како доктор.
На 10 март заедно со неговата ќерка правеле анализи на одделот за микробиологија и биле во амбулантата за уво, нос и грло во Кавадарци.
Основното јавно обвинителство Кавадарци му предложи на Основниот суд во Кавадарци на обвинетиот да му изрече парична казна за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија во износ од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде одредена во износ од по 45 евра во денарска противвредност
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија треба да и’ врати 2,2 милиони евра на Европската Комисија кои биле злоупотребени преку „Еразмус“
Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара Македонија да врати 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус+“.
Директорот на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски објави дека во март Националната агенцијата добила известување за конечност на одлуката за поврат на средствата.
Се работи за милиони евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година, а во извештајот се наведува дека постојат наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија, беше посочено.
Ѓоргиевски рече дека заедно со Владата се обидуваат преку интензивна комуникација и во координација со релевантни европски институции, да се најде најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина.
Како што соопшти, предметот е во рацете на Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но поради предистражната постапка која се води, не може да соопшти повеќе детали.
Македонија
Вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, ќе добијат можност да се вратат во фабриката, новите газди со производството почнуваат во јуни
Речиси 600 вработени во кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ ќе добијат можност повторно да се вратат на работа во следните 90 дена. Откога во понеделникот Комерцијална банка извести дека склучиле договор за продажба на имотот на фабриката со друштва основани од холандската холдинг-компанија „Полиникел холдинг БВ“ (Polynickel Holding BV), која е дел од турската „Јулдирим груп“ (Yildirim Group), нивни претставници вчера имале состанок со Синдикатот и со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Ги известиле дека почнуваат со подготовки за рестартирање на фабриката, кое очекуваат да биде во јуни.
„Од вчера почна да тече рокот од 90 дена во кој новите сопственици на фабриката ќе ги враќаат назад вработените. Нè известија дека ќе ги преземат 120-те вработени кои останаа на работа за да ја одржуваат печката додека сопственик беше Комерцијална банка, а за другите ќе има огласи. Ова рестартирање на фабриката се разликува од последното што го направи ‘Еуроникел’, кој зеде обврска да ги преземе и сите вработени. Новите сопственици ја купија само фабриката, без вработените, но вчера нè известија дека ќе ги задржат оние што останаа да ја одржуваат печката, а другите ќе може да се јават на огласите што ќе ги распишуваат во следните месеци. Со производство, според сегашните најави, ќе се почне во јуни, кога истекува и рокот во кој рекоа дека ќе ги враќаат назад вработените“, вели Игор Ѓерасов, претседател на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството на Македонија (СИЕР), за „Макфакс“.
Многумина од вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, стравуваат дека ќе извисат и новиот газда нема да ги врати на работа оти ќе бараат работници преку оглас. Градоначалникот Јанчев, пак, уверува дека тие ќе имаат предност за вработување.
„Добивме уверување дека ќе имаат предност вработените, но и без тоа во фабриката се бараат стручни луѓе и луѓе со искуство, а никој подобро не ја знае работата отколку досегашните вработени. Новите сопственици веќе влегоа во фабриката. Ќе ги направат неопходните ремонти, ќе направат план за работа и ќе ги враќаат постепено вработените. Тие дури рекоа дека се и загрижени дека нема да успеат да ја пополнат потребната бројка работници оти многумина заминаа во странство, некои си најдоа друга работа. Добивме цврсти уверувања дека ќе почнат со производство. Веќе имаат договори за снабдување со руда од Брегот на Слоновата Коска и од Гватемала. И, денес да тргне рудата, ќе треба еден месец за да стигне, а во тој период ќе почне и постапката за враќање на работниците. Мора да оди преку оглас оти така предвидуваат законите кај нас“, вели градоначалникот Јанчев за „Макфакс“.
Побарувањата од 2,1 милиона евра за четири неисплатени плати вработените ќе чекаат да им бидат исплатени во стечајната постапка за „Еуроникел индустри“, која беше отворена на почетокот на февруари. На стечајната постапка ќе чекаат и сите доставувачи што пријавиле долгови, но приоритет за исплата имаат платите на вработените.
Градоначалникот Јанчев вели дека веќе договорил со стечајниот управник Ацо Петров, кога ќе заврши стечајната постапка, да поднесат кривични пријави против раководството на „Еуроникел индустри“, кое минатата година ја доведе до стечај фабриката.
Македонија
Тошковски од Струмица: Управните служби ќе издаваат лични документи и во сабота
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на струмичкиот крај, каде што оствари работни посети на Секторот за внатрешни работи Струмица, Отсекот за управни работи Струмица и канцеларијата за управни работи во Ново Село. Министерот Тошковски од страна на раководството на СВР Струмица беше брифиран дека, генерално, безбедносната состојба на подрачјето што го покриваат е стабилна и не се забележува позначајно зголемување на бројот на извршени кривични дела, а во тој поглед имаат солиден процент на реализација. Како проблем на чие решавање треба да се работи што побргу беше истакната слабата кадровска пополнетост, односно недостиг на човечки ресурси за работа.
„Во делот на управните служби би сакал да потенцирам дека во интерес на струмичани повторно ќе почне процес на издавање лични документи и во сабота (од наредната), а работиме на тоа да се издаваат лични документи и во текот на работната недела по 16 часот со цел луѓето, по завршување на работните обврски, да може да си ги подигнат готовите документи“, нагласи министерот Тошковски.
Што се однесува до канцеларијата за управни работи во Ново Село, и покрај опструкциите на Владата со поништувањето на наредбата на колешката, која доброволно прифати да помогне во овој дел, како што потенцира Тошковски, со почетокот на континуираното функционирање на базната станица таа опслужува граѓани од поширокото подрачје на Струмица и бројот на фотографирања на оваа територија се зголеми 32 %.