Македонија
Лефков: Аферата „Броило“ покажува како Ковачевски и неговиот кум свртеле 26 милиони евра
Фирми основани од Димитар Ковачевски и негови семејни врски вртат милионски суми во енергетскиот бизнис, и тоа додека Македонија е на колена, а народот осиромашен се бори секој ден да преживее, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков говорејќи за аферата „Броило“ што од вчера ја најавуваше опозициската партија.
„Пиксел груп – фирма основа од Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов, заедно со фирмата КМГ ЕОЛ Квазар, фирма само на кумот Паунов, се вмешани во бизниси во вредност од 26 милиони евра! Во Соларниот Картел, Ковачевски и неговиот кум Паунов, по основањето на Пиксел груп, во 2018 година градат фабрика за производство на фотоволтаични панели во Кочани. Фирмата станува централна во бизнисот, околу која се вртат 26 милиони евра. Аферата БРОИЛО е шема која покажува како преку Пиксел груп и фирмата КМГ ЕОЛ Квазар Соларниот Картел ги свртеле парите“, рече Лефков.
Само од државни тендери во изминативе неколку години, како што додаде, овие фирми инкасирале 1.8 милиони евра.
„Во 2021 година, кога Димитар Ковачевски е заменик министер за финансии, КМГ ЕОЛ Квазар склучува договор со ЕВН, врз која сега Ковачевски како премиер има мандатна сопственост преку државниот удел во ЕВН, и тоа договор за изведба на работи и испорака на фотоволтаични панели, во вредност од над 2 милиони евра. Аферата броило зазема димензии од десетици милиони евра, кога пред месец и половина, Пиксел груп најави дека влегува во фаза на инвестиција во фабрика за производство на соларни панели во индустриската зона во Тетово, во вредност од 54 милиони евра. Ова е зона во која инвеститорите имаат даночни и царински ослободувања, а според написите во медиумите се очекува да потпишаат и договор за државна помош. Фирмата е регистрирана под името АЕ Солар АД Тетово, како заедничка на Пиксел груп која поседува 40%, и 60% поседува фирма од Бугарија. Горанчо Паунов, кумот на премиерот Димитар Ковачевски веќе е поставен како еден од двајцата извршни директори на АЕ Солар АД Тетово. Инвестицијата на Пиксел груп треба да биде 21.6 милиони евра, соодветно на процентот на учество.
Со тоа, Ковачевски како премиер, ќе му потпише договор за државна помош, на кумот Горанчо Паунов како извршен директор на фирмата, во која 40% од сопственоста е на Пиксел груп, основана заедно со Ковачевски!“, рече Лефков.
Додаде дека сето ова се случува во период откако друга бугарска фирма најави инвестиција во ФЕЦ Осломеј, каде државата е партнер со 18.5 отсто, а за која инвестиција бугарската фирма партнер на Пиксел груп се пофали на нивната интернет страница.
„Оттука се поставува прашањето дали панелите произведени во фабриката во Тетово ќе завршат во ФЕЦ Осломеј, каде државата е застапена со 18.5 отсто? И каква е улогата на Ковачевски кој се јавува како основач на фирмата која е во кругот на бизнис интересите од оваа шема, но сега и како премиер? И второ, дали со фабриката во Тетово, во која Пиксел груп основана од Ковачевски е сопственик ќе се монополизира пазарот на производство и продажба на фотоволтаични панели? Сето ова се случува во услови кога постојано се најавуваат нови поскапувања на електричната енергија за граѓаните, а бизнисот во Македонија плаќа двојно поскапа електрична енергија од бизнисот во регионот“, рече Лефков.
Опозициската партија најави дека во наредниот период целосно ќе откријат како во аферата броило фирми блиски до Ковачевски стигнале да свртат 26 милиони евра.
Го повикаа Ковачевски да не чека да ги објават деталите, веднаш да каже каква е неговата вмешаност во сите бизниси на овој соларен картел и веднаш да си поднесе оставка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прв круг за претседател е избран само Киро Глигоров со освоени 715.087 гласа, Силјановска-Давкова и Пендаровски вторпат одат во втор круг
По вчерашниот прв круг од седмите претседателски избори, Киро Глигоров остана единствениот претседател избран во прв круг, од осамостојувањето до денес. На првите претседателски избори во 1994 година Глигоров, како кандидат на СДСМ освои 715.087 гласови или 78,4 отсто од гласовите. Негов противкандидат тогаш беше Љубиша Георгиевски од ВМРО – ДПМНЕ, кој освои 197.109 гласа или 21,6 отсто од гласовите.
На изборите во 1994 година Глигоров го доби вториот претседателски мандат. Првиот го доби од Собранието на 27 јануари 1991 година, само два дена откога беше изгласана Декларацијата за сувереност на државата. На овие избори имаше само двајца кандидати за претседател.
Во 1999 година на вторите претседателски избори за претседател беше избран Борис Трајковски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во вториот круг. Трајковски во првиот круг имаше помалку гласови од неговиот противкандидат Тито Петковски. Трајковски доби 219.098 гласа или 21,1 отсто од гласовите, а Петковски 343.606 односно 33,1 отсто, но во вториот круг ги заменија местата и Трајковски победи со 582.808 гласа што сочинуваа 53,2 отсто од гласовите. Петковски во вториот круг освои 513. 614 гасови или 46,8 отсто.
Покрај Трајковски и Петковски, кандидати за претседател беа и Васил Тупурковски од Демократска алтернатива, Муарем Неџипи од Демократската партија на Албанците, Стојан Андов од Либералната партија и Мухамед Халили од Партијата за демократски просперитет.
На третите претседателски избори во 2004 година за претседател во вториот круг беше избран Бранко Црвенковски од СДСМ. Во првиот круг тој освои 385.347 гласа, односно 42,5 отсто од гласовите, а во вториот круг доби 550.317 гласови или 62,6 отсто од гласовите. Негов противкандидат во вториот круг беше Сашко Кедев од ВМРО – ДПМНЕ кој во првиот круг доби со 309.132 гласа освои 34,1 од гласовите, а во вториот круг за него гласаа 329.179 граѓани односно 37,4 отсто.
На овие избори имаше уште двајца кандидати, Гзим Острени од Демократската унија за интеграција, формирана две години претходно и Зуди Џелили од Демократската партија на Албанците.
Претседателските избори во 2009 година, четврти по ред, имаа седуммина кандидати, исто како и сегашните. За претседател во вториот круг беше избран Ѓорѓе Иванов со освоени 453.616 гласови или 63,14 отсто од гласовите. Во првиот круг Иванов освои 345.850 гласа. Неговиот противкандидат, Љубомир Фрчковски, во првиот круг освои 202.691(20,54%), а во вториот круг 264.828 гласови или 36,86 отсто. Во првиот круг порази беа Имер Селмани од Нова демократија, Љубе Бошкоски како независен кандидат, Агрон Буџаку од Демократската унија за интеграција, Нано Ружин од Либерално демократската партија и Мируше Хоџа од Демократската партија на Албанците.
Во 2014 година, на петите претседателски избори, кога првпат за претседател се кандидираше Стево Пендаровски, Ѓорѓе Иванов го доби вториот мандат, повторно во втор круг. Во првиот круг тој освои 448.303 гласа (51,65%), а во вториот беше избран со 534.910 гласови (55,28%). Пендаровски во првиот круг освои 326.069 гласови (37,57%), а во вториот 398.076 (41,14%). На овие избори имаше четворица кандидати. Покрај Иванов и Пендаровски, кандидати беа Зоран Поповски од ГРОМ и Халими Илјаз од Демократска партија на Албанците.
Гордана Сиљановска – Давкова првпат се појави како претседателски кандидат на изборите во 2019 година. И тогаш, како и сега, нејзин противкандидат беше Стево Пендаровски. Тој победи во вториот круг со освоени 435.656 гласови (51,65%). Во првиот круг Пендаровски имаше 322.581 глас (42,81%).
Сиљановска – Давкова во првиот круг на претходните избори освои 318.341 глас (42,25%), а во вториот имаше 377.446 гласови (44.75%). Заедно со нив кандидат за претседател беше Блерим Река од Алијанса за Албанците и Движење Беса, но не влезе в вториот круг.
По првичните, и се уште неофицијални, резултати од вчерашните избори, Сиљановска – Давкова и Пендаровски вторпат ќе се борат за функцијата претседател на државата во вториот круг. Сиљановска – Давкова вчера освои 362.847 гласа или 40,08 отсто од гласовите, а Пендаровски е зад неа со освоени 180.386 гласа, односно 19.93 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање.
По првиот круг отпаднаа Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од Демократската унија за интеграција, Билјана Ванковска-Цветковска, поддржана од Левица, Арбен Таравари кандидат на коалицијата ВЛЕН и Максим Димитриевски од ЗНАМ.
Вториот круг од седмите претседателски избори ќе се одржи на 8 мај мај, заедно со парламентарните избори.
Македонија
(Видео) Стојаноска од Јегуновце: Оваа криминална власт вчера го доби жолтиот картон, а црвениот и следува на 8 мај
Од победничко Јегуновце, најпрво се заблагодарувам и им честитам на сите граѓани на Република Македонија, особено на тие од изборната единица шест, затоа што вчера ја направија Македонија горда, кажа Дафина Стојаноска, носител на ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 6.
„Вчерашниот датум, 24 април, оваа криминална власт го доби жолтиот картон, а црвениот и следува на 8 мај.
Денес продолжуваме со стисок на рака повеќе и барање на глас повеќе, заедно да се обединиме против криминалот“, порача таа.
Ова политичко зло, како што рече, „да го испратиме во пензија и Македонија повторно да ја направиме ваша и повторно горда“.
Македонија
Милица Џаровска се прости од својот татко: Не ти кажав, ама ти знаеше дека ми беше идол
Велибор Џаровски-Џаро, познатиот менаџер, почина денес на 75-годишна возраст по кратко боледување, а веста за неговото заминување ја објави ќерка му Милица.
„Чао, Благојче мој, знам дека и горе ќе се снајдеш и ќе најдеш некоја сигурица за играње. Не ти кажав, ама ти знаеше дека ми беше идол“.
Тој зад себе ги остави сопругата Виолета, внуците Лара и Лука, но и единствената ќерка Милица, позната естрадна новинарка. Таа минатата година ја издаде книгата „Живот на коцка“, која му ја посвети токму нему.
Џаро соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгоевиќ, „Бјело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Беше познат и како крал на местенките во фудбалот.