Македонија
Македонистиката има нови поддржувачи и афирматори низ светот
Македонскиот јазик, литература и култура имаат нови поддржувачи и афирматори низ светот – нови генерации посветеници на македонистиката. На јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), којашто се одржува во Охрид, и тие, како и низа истакнати странски универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, веќе искажаа не само решеност за продлабочено познавање и проучување на македонистиката, туку и подготвеност да остварат сопствен влог во афирмирањето на македонската научна мисла и македонскиот збор низ светот, преку конкретни остварувања.
Летната школа на којашто учествуваат шеесетина семинаристи од седмумнаесет држави се одвива успешно, а посебно значаен е интересот којашто таа го предизвикува кај новите, млади кадри од странските универзитети, коишто се една од гаранциите за натамошните перспективи на македонистиката во меѓународни рамки. Само оваа недела, на Школата, од страна на еминентни истражувачи од УКИМ беа одржани шест интерактивни предавања за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, беа промовирани три значајни монографски публикации и беа одбележани два значајни јубилеја – 70 години од раѓањето на Горан Стефановски и 150 години од раѓањето на Гоце Делчев. Секојдневно се одвива и лекторска настава од по четири часа дневно, при што веќе се користат новите изданија на учебниците по македонски јазик, литература и култура за странци коишто МСМЈЛК при УКИМ ги објави неодамна. Семинаристите имаа можност да посетуваат и преведувачка работилница и курс по народни ора. Тие искажуваат воодушевеност од програмата на Школата, којашто веќе се потврдува дека им овозможува нови видици и дека ги поттикнува на нови истражувачки потфати за македонистиката.
Одбележувањето на јубилејот 70 години од раѓањето на Горан Стефановски започна со предавање на проф. д-р Наташа Аврамовска, за локалното и универзалното во неговиот драмски свет, а по анализата на делови од драмското творештво во рамките на лекторската настава, дел од семинаристите имаа можност и за ексклузивен разговор со режисерот Слободан Унковски, посветен токму на опусот на Стефановски.
Ваквото одбележување беше и надоврзување на одбележувањето на јубилејот во рамките на Втората зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ.
Сто и педесет години од раѓањето на Гоце Делчев беа одбележани со предавање на проф. д-р Славчо Ковилоски за Делчев како културна икона. Преку дискусија со семинаристите во којашто беа споредени различните културолошки искуства од различни земји се дојде до заклучок за уникатноста и посебноста на рецепцијата на Делчев во македонската културна средина, во споредба со рецепцијата и односот кон централните историски фигури за други земји од Европа.
Оваа недела, на Школата беа одржани предавања и за: фонетско-фонолошките предизвици при усвојувањето на македонскиот јазик како странски од страна на проф. д-р Искра Пановска-Димкова, разговорите со истакнати македонски културни дејци, како телевизиски и издавачки проект од страна на проф. д-р Кристина Николовска, имињата и фразеологијата од страна на проф. д-р Катерина Велјановска и за македонски лингвокултуролошки материјал (дијахронија и синхронија), од проф. д-р Марија Паунова. Сите предавања се достапни и преку видезапис на каналот на МСМЈЛК при УКИМ на ЈуТјуб.
Голем интерес кај семинаристите предизвикаа и промоциите на значајните монографски публикации „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ и „Охридски раскажувачи“ приредени од проф. д-р Димитар Пандев и поетот и книжевен критичар Славе Ѓорѓо Димоски и „Македонская литература XX-начала XXI века. Очерки истории“ од академик Ала Шешкен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.
Скопје
Осум скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија АД, Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, информира дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат неколку скопски општини.
· Во периодот од 08:30 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Максим Горки, реон Дом на градежници (општина Центар).
· Во периодот од 09:00 до 14:00 часот, поголемиот дел од потрошувачите на ул.Ринхини.(општина Ѓорче Петров)
· Во периодот од 09:00 до 10:30 часот, корисниците од с.Визбегово, дел од с.Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари.(општините Бутел, Шуто Оризари и Чучер Сандево)
· Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Кавалска.(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на пат за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од Св.Петар и Павле по патот кон Долно Лисиче.(Аеродром)
· Во периодот од 09:00 до 10:00 часот, корисниците од дел од ул. 4031, село Марино.(општина Илинден)
· Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, корисниците на дел од бул.Борис Трајковски (од Техноскоп до кружниот тек пред Драчево).(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците од с.Сандево, Бањане, Горњане, Дел од с.Мирковци.(општина Чучер Сандево)
· Во периодот од 13:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на ул. Исаија Мажовски и Воин Драшкоци.(општина Ѓорче Петров)
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска, ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата, која во следниот период имаме намера дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честита за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот што е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека се гордее на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоив повеќе од 80.000 гласа. Регистриравме субјект што постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблира на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади члена, а да освоите над 80.000 гласа. Искрено, се гордеам на секој глас што дојде како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Им порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој има 100.000 гласа помалку од Гордана Силјановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстанат централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете нѐ да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата, без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.