Македонија
Македонија на седмото место во светот според индексот за политиките за дроги
Македонија е рангирана на 7. место во рамките на опфатени 30 земји, според првиот индекс за политиките за дроги во светот.
Пред Македонија се Грузија на шесто место со ист број бодови, потоа Канада, Австралија, Велика Британија,Португалија, Нов Зеланд и Норвешка на прво место. Од европските земји кои се полошо оценети од Македонија се Унгарија на 12. место и Русија на 20. место.
„Ова 7. место не треба да се гледа како успех за Северна Македонија која беше оценета со 55 од 100 можни бодови. Во секој учебник индексот 55 не се оценува како добро постигнување. Посебно ако се земе предвид и друштвото, односно групата на земји кои беа оценувани од кои поголемиот дел се познати по своите лоши политики за дроги. Овој индекс треба да се чита во насока дека македонската влада и институции имаат уште многу работа за креирање содветна политика за дроги која ќе се базира на здравјето и човековите права“, изјаувуваат од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Првото издание на Глобалниот индекс на политика за дроги кој беше објавен во ноември 2021 од страна на Конзорциумот за намалување штети (Harm Reduction Consortium), коалиција на граѓански и здруженија од заедницата, во партнерство со академици, открива дека најголем број од земјите во светот не успеале своите национални политики за дроги да ги усогласат со препораките на Обединети нации. Тие упатуваат итен апел до владите, реформите во оваа област да бидат нивен приоритет.
Во 5 од 30-те земјите опфатени во Индексот (Бразил, Колумбија, Киргистан, Мексико и Северна Македонија), вклученоста на војската или специјалните безбедносни сили во операциите за контрола на дрогата се смета за ендемична за пристапот на земјата кон спроведување на законите поврзани со дрога.
Според извештајот, загрижувачки е тоа што во податоците на Индексот се нагласени широко распространетите прекршувања на човековите права направени во име на контрола на дрогата во рамките на казнено-правниот апарат, вклучително и насилство и тортура извршени од полицијата и произволни апсења и притворања, при што само мал број земји известиле дека тоа се ретки појави. Во Авганистан, Кенија и Киргистан, на пример, насилството од страна на полицијата се смета за широко распространето во напорите за контрола на дрогата, додека тоа се смета за ретка (или многу ретка) појава во само 6 земји (Костарика, Унгарија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Норвешка и Обединетото Кралство). Слично на тоа, случаите на произволно притворање се сметаат за ретки во само 3 од 30-те испитани земји: Нов Зеланд, Португалија и Обединетото Кралство.
Во однос на правото на правично судење за лицата осомничени за прекршоци поврзани со дрога, можноста да им се гарантира фер судење се смета за неверојатна во Авганистан, а Северна Макеоднија е во групата од 12 земји со значителни ограничувања во пристапот до правично судење: Грузија, Гана, Кенија, Киргистан, Мексико, Мароко, Мозамбик, Непал, Северна Македонија, Русија, Тајланд и Уганда. Пристапот до правично судење се смета за гарантиран само во 7 земји: Австралија, Канада, Костарика, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија и Обединетото Кралство.
Индексот ги оценува достигнувањата на владите во однос на достапноста и употребата на алтернативи за апсење, обвинување, осудување и/или казнување за дела поврзани со дрога. Австралија, Јамајка, Нов Зеланд, Северна Македонија и Португалија добија највисоки оценки (85/100) во обезбедувањето алтернативи за апсење, обвинување, осудување и/или казнување, а најнискорангирани се Колумбија, Грузија, Кенија, Мароко, Мозамбик и Уганда.
Само 9 земји вклучително и Северна Македонија (Австралија, Костарика, Јамајка, Киргистан, Мексико, Нов Зеланд, Северна Македонија, Португалија и Русија) понудиле алтернативи во сите три фази (апсење, обвинување, осудување и/или казнување)
Уште позагрижувачки, само 11 земји нудат низа опции за третман врз основа на потребите и претпочитувањата на луѓето (Авганистан, Австралија, Канада, Гана, Унгарија, Јамајка, Нов Зеланд, Северна Македонија, Португалија, Сенегал и Обединетото Кралство).
Само 1 земја (Канада) има одредба за спроведување програми за размена на стерилни игли и шприцеви во затворски услови, иако покриеноста е многу ограничена. 15 од 30-те испитани земји обезбедуваат ОАТ (Третман за одржување со опиоидни агонисти) во затворите, но во пракса само 3 земји (Северна Македонија, Португалија и Обединетото Кралство) имаат обезбедено пристап до Третман за одржување со опиоидни агонисти за повеќе од 40% од луѓето кои се корисници на дроги во затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.