Македонија
Македонски концепт во Велес и Штип: Социјална правда и обештетување на граѓаните оштетени во транзицијата
Предизборниот караван на Македонски концепт вчера ги посети градовите Велес и Штип од Изборната единица 3.
За граѓаните на Велес изјава дадоа Петар Богојески, носител во изборната единица 1 и кандидатот за пратеник во третата изборна единица Елизабета Костова Бочварова. Пред велешани Богојески истакна што е приоритетно за градот и што е потребно за граѓаните на Велес.
„Прво што ќе понудиме на граѓаните на Велес е слобода како форма на живот, за Велес и цела Македонија, а второ е спокој, односно извесна иднина за граѓаните. Денес никој нема извесна иднина и не знае што се случува, законите се менуваат секој ден, ни граѓаните и бизнисмени не знаат што се случува. Не се знае што ќе се случи со работните места, или што следи утре. Трето е солидарно поведение каде е проектот за обештетување на граѓаните. Сите граѓани кои се жртви на транзицијата, од сите влади и политичари во изминативе 30 години, да бидат обештетени од буџетот на државата со околу 300 милиони евра годишно или 1,5 милијарда евра за следните 5 години почнувајќи од 2021 година. Овој проект ќе донесе социјална правда и правичност, проект што мора да се реализирани за да имаме барем минимална правда за граѓаните наспроти оние мал број индивидуалци што го приватизираа и ограбија целиот општествен капитал во минатото, а голем број семејства настрадаа во тој процес. Овој проект е многу корисен и важен за целата држава а посебно за Велес како град со многу стечајци”, изјави Петар Богојески.
Пред велешани приоритетите на Македонски концепт ги изнесе и Елизабета Костова Бочварова, кандидатот за пратеник со реден број 2 од изборната единица 3.
„Особено внимание во Велес треба да се обрати на заштита на животната средина а Велес се соочува со многу проблеми поврзани со животната средина. Голем проблем е жгурата позади Топилницата, која што треба да се дислоцира, како и потокот во близина на пазарот. Ќе се залагаме за што повеќе зелени површини и оплеменување на Езерото Младост после ланската катастрофа. Со еден збор ќе направиме се за нормална држава”, потенцираше Костова Бочварова.
Во Штип карванот на Македонски концепт беше пречекан од граѓаните каде проф. Војо Беловски, кандидат за пратеник во ИЕ 3, истакна,: „Убедени сме во нашата идеја и со чиста совест, продолжуваме напред, на избирачите им понудиме антимафијашка и нормална опција. Никогаш нема да прифатиме да бидеме во мафијашки раце и да бидеме неми актери на политичката сцена. Само со искреност и посветеност, со чесност и интегритет, заеднички ќе се избориме за нормална држава. Доста беше. Време е за алтернативи, народот е заситен од исти нестручни и нечесни фаци. Триесет години народот живее во апатија, депресија, да не кажам потежок збор – на граница на агонија.”
„Поддршката за бројот 10 на избирачкото ливче е последна шанса да смениме нешто во оваа наша држава“, им порача Богојески на граѓаните на Велес и Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.
Македонија
Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ-и заедницата и поткопана слобода на изразување, забележа Стејт департментот во извештајот за човекови права во Македонија
Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.
Извештајот меѓудругото нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, вели извештајот.
„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“.
Анкетите покажале силна недоверба на јавноста кон судството.
„Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.