Македонија
Македонски концепт: Со обнова на пропаднатиот образовен систем ќе создадеме квалитетни кадри во државата
Со цел современо образование, Македонски концепт создаде долгорочна стратегија која ги подготвува сите идни генерации за полесна адаптација во модерните дигитални општества, се наведува во соопштение од оваа партија.
„Квалитетното, конзистентно и добро систематизирано образование е темелот на секое здраво општество, на нормална држава. Функционалниот образовен систем значи дека вистинските вредности управуваат со процесите во државниот систем. Образовниот кадар создава напредна сила, која ги предводи конструктивните еволутивни процеси. Македонски концепт изработи програма со која ќе создадеме образовен систем што ќе одговори на потребата од едукација, од знаење за нашите деца и нашите млади”, изјави Марија Спасовска, кандидат на листата за пратеници за втората изборна единица.
Таа нагласи и дека поради лошиот квалитет на досегашното образование, младите квалитетни луѓе масовно ја напуштиле земјата во потрага по образовен систем што може да ја задоволи нивната жед за знаење.
„Со нашите реформи предвидено е воведување на виши, практични студии со воведување двегодишно практично ниво за одредени профили, притоа додавајќи вредност на образованието која може да се преточи врз зголемување на ефикасноста на пазарот на труд. Вложување во инфраструктурата и во кадарот на училиштата, наставниците треба да добијат поддршка за обука, пред да станат одговорни за водење своја училница. Неопходно е да се создаде национална програма за училишна инфраструктура која ќе ги ажурира училишните згради, истовремено создавајќи работни места во локалните заедници. Враќање на спортот во училиштата и враќање кон основите за одгледување на храна. Ревидирање на постоечкиот материјал за учење и создавање на инвентивни курикулуми за средно и основно образование. Ставање на учителот, наставникот, професорот во центар на образованието. Овозможување на секој ученик, студент, да си ги пронајде своите силни карактеристики и да ги усовршува со тоа што кога ќе заврши неговиот период на образование ќе може да доведе до создавање на додадена вредност во општеството од поединец”, објасни Спасовска.
На крајот таа порача дека Македонски концепт ќе се залага за еднакво образование за сите, кое ќе биде јавно достапно и ќе дава еднакви можности за сите, без разлика на полот, верата, националноста и бојата на кожата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таткото на Вања ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата
Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа, укинат му е притворот и определена е мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.
„Врховниот суд ја извести јавноста дека по одржаната јавна седница, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, велат од Врховниот суд.
Претходно денес, бранителот на осомничениот Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, на седницата рече дека решението со кое е продолжена мерката притвор е донесено без доволно образложенија во кои не се наведува ниту еден доказ со кој се докажува зошто овој човек би требало да остане во притвор. Дополни дека осомничениот не може да се даде во бегство затоа што важноста на патната исправа му истекла и дека тој активно учествува во истрагата.
Ѓорѓиевски истакна дека е обвинуван за некои работи кои и ден денес не ги разбира.
„Бев прикажувани екстремно спротивно од тоа што сум како родител и татко. Сакам и јас да знам што точно се случува затоа што и јас водев истрага, знам парченца од тие делови. Би сакал да го дочекам моментот кога ќе го дознам идентитетот на тие луѓе, сите се подеднакво криви“, рече тој.
Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва на 3 декември. За делата „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција. Таткото е осомничен дека помагал во грабнувањето.
Македонија
Висок функционер од НАТО се сретна со Џафери: „Вие сте ценета членка во алијансата“
Џафери – Лапсли: Северна Македонија е ценета членка на алијансата, која посветено ги развива одбранбените капацитети
Техничкиот премиер Талат Џафери вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли, во рамките на неговата посета на Скопје.
Џафери му посака срдечно добредојде на помошникот на генералниот секретар Лапсли и воедно го потврди придонесот на Северна Македонија во НАТО, кој во континуитет се зацврстува. Достигнувањето на 2,05 % од БДП во буџетот на одбраната, од кои 30 % се за модернизација на Армијата, се силен индикатор за тој придонес.
Воедно, со учеството во колективната безбедност преку мултинационалните сили на алијансата во Романија, во Бугарија и во Латвија, како и во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, земјата дополнително се позиционира и како еден од столбовите на регионалната стабилност.
На средбата двете делегации имаа можност да разговараат за самитот на НАТО во Вашингтон во духот на 75-годишнината на алијансата, како и за актуелните одбранбени планови имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба во Европа и светот.
Воедно, двете делегации ја потврдија и поддршката што земјите членки, вклучително и Северна Македонија, ја даваат за Украина.
Од страна на помошникот на генералниот секретар Лапсли беше истакнато дека Северна Македонија е ценета членка во алијансата имајќи го предвид целокупниот придонес што досега го има дадено. Алијансата е пообединета и посилна од кога било во својата историја, а со зачленувањето на Финска и Шведска, НАТО станува гарант на безбедноста на над 1 милијарда граѓани од демократскиот свет.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.