Македонија
Макрон: Лично сум вклучен да се најде решение со Бугарија
Франција го поддржува процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, време е да се конкретизира без да се губи време. Ваков е заклучокот од средбата што вчера во Елисејската палата ја оставри претседателот на Владата, Зоран Заев со претседателот на Република Франција, Емануел Макрон.
„За нас е многу важно што Франција го поддржува процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, со јасно поставени стандарди и без да се губи време. Пред нас е Самитот на Европскиот Совет во јуни, што е вистинска можност за чекор напред и за решение кое ќе ја оттргне блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решенија, а најважното просперитетно решение пред нас е решението за почеток на преговорите кој ќе биде одобрен од сите земји членки на ЕУ“, истакна премиерот Заев во својата изјава.
Тој потенцираше дека предложените решенија на португалското претседателство се добра основа и дека земјата е подготвена за билатерален дијалог кој ќе донесе разумен и взаемно прифатлив договор во рамките на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, потенцирајќи дека прашањата за македонскиот јазик и идентитет не може да бидат на преговарачката маса.
Претседателот на Франција Емануел Макрон го истакна напредокот на Северна Македонија кој го нарече дека е исклучителен.
„Европската Унија донесе одлука уште во март минатата година да ги отпочне преговорите со вашата земја и сега е време таа одлука да се конкретизира и Франција активно го поддржува тоа. Северна Македонија заслужува да ги отпочне преговорите без одложување. Јас сум лично вклучен да се најде решение со Бугарија“, рече претседателот Макрон во изјава пред работната вечера.
Премиерот Заев изрази посебна чест и благодарност до претседателот Макрон за кој рече дека има посебно место во развојот на француско – македонското пријателство, особено преку јавната поддршка за референдумот за Договорот од Преспа во 2018 година, со што се докажа поддршката на реформската агенда на Северна Македонија и регионот.
„Посебна чест е можноста да ја оствариме оваа работна вечера во Елисејската палата. Денешната средба ги збогатува нашите пријателски билатерални врски, во годината кога одбележуваме 28 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Франција“, истакна премиерот Заев и додаде дека со отворањето на канцеларијата на Француската агенција за развој во Скопје се очекува нова динамика на соработка и огромни можности за проширување на економската и трговската размена, како и инвестициите особено во областите инфраструктура, енергетика, воена индустрија, постројки за третман на отпадни води и во други области.
Во рамки на посетата, премиерот Заев и владината делегација во состав на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи остварија работна вечера со претседателот Макрон во Елисејската палата во Париз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.
Македонија
Тошковски: Мислам дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека досега нема никакви нарушувања на гласањето а МВР веќе ги има распоредено сите полициски службеници ширум државата кои треба да се грижат за спроведување на фер и демократски процес.
„Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес. Денот е убав, се надевам дека граѓаните ќе можат да го остварат своето гласачко право, на едни демократски избори. Покриени се сите сектори за внатрешни работи со технички услови. Се постапува според утврдените насоки од изборниот штаб“, додаде Тошковски.
Тошковски смета дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Во Северна Македонија се одржуваат седмите претседателски избори.