Македонија
Манчевски: Дигиталната трансформација го зголемува квалитетот на живот на нашите граѓани
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прес- конференција се осврна на проектите реализирани од 2017 година до денес, во насока на дигитална трансформација на нашата држава.
Како што посочи тој, по само два месеца од пуштањето на употреба на порталот за електронски услуги uslugi.gov.mk, граѓаните веќе ги чувствуваат придобивките. Речиси 9.000 граѓани се регистрирани и секојдневно користат 128 електронски услуги. Дополнително, на порталот во Каталогот на услугите веќе се достапни сите информации за добивање 744 услуги. На овој начин ги заменуваме шалтерите со услуги што се добиваат електронски, а Каталогот претставува единствен извор на податоци за тоа како, во кој рок, во која процедура се добива секоја од овие 744 услуги.
„Она што го затекнавме во 2017 година беше голем број институции меѓусебно неповрзани, а дигитална комуникација помеѓу граѓаните и институциите не постоеше. Единствено, имаше платформа за интероперабилност, но повеќето од институциите не беа воопшто поврзани. Ова не е видливо за граѓаните, но ефектите ги чувствуваа сите граѓани. Губење време по шалтери, нејасни процедури, разни лични податоци во разни институции…“, потсети министерот Манчевски.
Како што рече министерот Манчевски, по две и пол години посветена работа, ситуацијата денеска во сферата на дигитализацијата е поинаква.
„Централно место има новиот портал за е-услуги, поврзан со Регистарот на населението и со Каталогот на услугите, со обезбедено дигитално потпишување, пополнет ИСУЧР, нова платформа за управување со административни постапки и нов ДМС-систем. Со други зборови, имаме целосно поставен правен и технички систем за сите интитуции да може своите услуги да ги нудат по електронски пат на граѓаните“, информира министерот.
Дополнително, тој се осврна и на новото решение на „Мастеркард“ за дигитално потпишување, кое се имплементира во Северна Македонија како прва држава во светот каде што ќе се развие ова решение.
На овој начин се овозможува имплементација на решение со кое се олеснува докажувањето на идентитетот на граѓаните при користење за приватните или јавните електронски услуги.
Предвидени се 5 бесплатни потпишувања за првите 150.000 корисници на е-владини услуги во текот на првите 12 месеци. За реализација на ова, „Мастеркард“ одвојува 3 милиони евра.
„Од земја што значително заостануваше, денес Северна Македонија има целосно воспоставен систем за дигитален јавен сектор. Во одредени решенија не само што сме лидери во регионот туку и пошироко во европски и светски рамки, а тоа го увидоа и големите мултинационални компании како ‘Мастеркард’. Нашате политика не е да ги следиме светските трендови, туку да ги водиме. Тоа и ќе продолжиме да го правиме“, заклучи министерот Манчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.