Македонија
Манчевски: Намалување на администрацијата за 20 отсто и укинување на патните трошоци за пратениците
Ред, правда и дисциплина во сите институции во новиот мандат, намалување на администрацијата за 20 осто, како и укинување на патните трошоци за пратениците, најави денеска на прес-конференција потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Тој оцени дека структурата на институците и нивната поставеност е далеку од оптимална и создава бесконечни лавиринти.
„Наместо да ги штитат правата на граѓаните и да ја помагаат економијата, стануваат нивни кочничари. Затоа во новиот мандат фокусот ќе ни биде ова да го промениме, со промени во струкурата, квалитетот и големината на администрацијата. Ја намалуваме администрацијата за 20 проценти. Во администрацијата ќе работат тие што се подготвени да им служат на граѓаните и уште годинава започнуваме целосна реорганизација на јавниот сектор“, рече Манчевски.
Тој најави нов концепт за средниот менаџмент, со јасни критериуми за назначување и разрешување, појаснувајќи дека повеќе нема да има раководители до пензија.
„За вработените во администрацијата се предвидени повисоки плати, но како награда за резултат, како и унифицирање на платите за иста работа. Тие носат индивидуална одговорност, но ќе бидат оценувани како тим“, рече Манчевски.
Потпретседателот на СДСМ најави и укинување на патните трошоци за пратениците во Собранието, коментирајќи дека системот на патни трошоци покажал можност за злоупотреби и затоа ќе го променат од корен.
„Воведуваме законска обврска за јавна објава на сите службени трошоци на сите функционери во извршната, локалната и судската власт. Ќе донесеме измени во Кривичниот законик со кои ќе се заостри казнената политика за дела поврзани за носители на функции. Ќе ги намалиме привилегиите на јавните функционери, а со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата“, додаде Манчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Инспекторатот ќе контролира дали работодавците ја почитуваат владината одлука за неработен ден
Државниот пазарен инспекторат им укажува на сите работодавци дека во согласност со заклучокот на техничката Влада деновите на изборите – 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) – се неработни за сите граѓани.
„Работодавците во наведените денови не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние кај кои работните процеси поради својата природа не може да се прекинат“, порачаа од Инспекторатот.
За наведените денови, Државниот пазарен инспекторат ќе воведе дежурства и преку државните пазарни инспектори ќе контролира дали заклучокот на техничката Влада се почитува од страна на работодавците.
Македонија
ДИК објави упатство за гласање на претседателските избори
Пред утрешното гласање на првиот круг од претседателските избори, Државната изборна комисија (ДИК) на својата официјална веб-страница објави повеќејазично упатство за гласање.
УПАТСТВО ЗА ГЛАСАЊЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ
1. Гласањето се врши лично на гласачките места во Република Северна Македонија и во ДКП/КК.
2. Избирачкиот одбор на гласачите им го објаснува начинот на гласање и им овозможува да гласаат.
3. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.
4. Гласачот го приложува документот за лична идентификација – важечка лична карта или патна исправа, односно лична
карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.
5. Гласачот става отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација, а доколку
гласачот нема десен показалец се зема отпечаток од показалецот од левата рака или во случај на гласачот да му
недостигаат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака.
6. Доколку гласачот нема две раце гласачот се внесува во техничката опрема со пребарување преку неговиот единствен
матичен број (ЕМБГ).
7. Доколку УБИГ не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прсти со отпечатокот од прсти на гласачот во
електронскиот избирачки список, гласачот се внесува во УБИГ преку отчитување на личниот документ на МРЗ скенерот
или преку внесување на единствениот матичен број (ЕМБГ), а потоа гласачот става отпечаток од прст на УБИГ.
8. По потврдувањето на идентитетот, гласачот го става својот потпис во изводот од Избирачкиот список.
9. Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, му задолжително се става печат на предната страна
на местото определено за печат и потоа му се дава на гласачот.
10. Гласачот добива едно гласачко ливче.
11. Гласачот гласа сам, тајно зад гласачки параван.
12. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот/името на листата со хемиско
пенкало со мастило во сина боја.
13. Превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија.
14. Гласачот го подигнува документот за лична идентификација.
15. Гласач кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Изборниот
законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако не доведе со себе лице кое ќе му
помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на гласачите. Лицето не смее да
влијае врз одлуката на гласачот.
16. Забрането е семејното и групното гласање, како и гласањето за друго лице.
17. Забрането е фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање.
18. Забрането е носење оружје на гласачкото место.
Македонија
Беќаровски навести дека си оди од Токсикологија: Дон Кихот, конечно, го напушта оклопот
Доктор Нико Беќаровски навести дека ќе си замине од Клиниката за токсикологија.
Во статус на социјалните мрежи Беќаровски порача дека е време на приватните клиники да се отвори одделение за детоксикација и клиничка токсикологија.
„35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кохот, конечно, го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, пишува Беќаровски.
Ова се случува откако вчера на прес-конференција заедно со уште пет докторки од стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно ја прозваа економската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, дека не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо, тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица што немаат соодветно образование.
Беќаровски, кој е раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката, рече дека едниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборант – барал урина во која имало наркотици да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето јазици – со оглед на тоа што македонскиот не го зборува, а Беќаровски се обидел да комуницира со неа на англиски јазик.
Министерот за здравство, Илир Демири, најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и на економската директорка бидејќи немал сознанија за прекршок.