Македонија
Манчевски ја презентира надградбата на ЕНЕР
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на прес-конференција ја претстави надградбата на ЕНЕР. Фокусот е ставен на консултациите со сите засегнати страни при сите фази на креирање политики и донесување закони.
„Можноста што платформата на ЕНЕР ја нуди во изминатите 10 години е од огромно значење за целокупниот процес на консултации и подготвувањето на регулативата. Од тие причини една од првите работи што МИОА ја направи беше да го зголеми рокот за коментирање на ЕНЕР со цел обезбедување поголем простор на сите заинтересирани да доставуваат коментари. Ова резултира со голем пораст на бројот на посети на ЕНЕР, од 90.000 во 2014 на 2.360.482 посети до денеска. И тука не застануваме“, информира министерот Манчевски осврнувајќи се на досегашните придбивки од ЕНЕР.
Како што истакна министерот Манчевски, новиот ЕНЕР, покрај новиот дизајн, нуди и современи и практични модули. Досега беше возможна само комуникација на предлог-закони. Со надградбата овозможуваме комуникација и на другите материјали што институциите ги подготвуваат. Направените измени и надградби овозможуваат граѓаните континуирано да учествуваат во процесот на креирање политики. Единствено преку транспарентност и учество на засегнатите страни може да се обезбеди ефикасно креирање политики.
На прес-конференцијата се обрати и Гордана Гапиќ-Димитровска од МИОА, која ги претстави новите можности што ЕНЕР ги нуди.
„ЕНЕР сега нуди консултација на други типови документи, како и електронско поднесување иницијативи. Овој дел ќе овозможи граѓаните и која било друга засегната страна да може електронски да поднесуваат иницијативи за закони или општи предлози до министерствата. Исто така, од денеска на ЕНЕР се достапни и форум-тематските дебати. Овој дел овозможува почнување онлајн- дискусии важни како за министерствата така и за граѓаните во процесот на креирање политики“, рече Гапиќ-Димитровска. Дополнинтелно, ЕНЕР нуди простор и за граѓанските организации и нивните анализи, кои се во насока на процесот на креирање на политиките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бојмацалиев: Една година ФРОНТЕКС – прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и државната секретарка, Магдалена Несторовска, оствари работна средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ по повод одбележувањето една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија, а со цел промоција на соработката помеѓу претставниците на ФРОНТЕКС во локалниот координативен центар и одговорните старешини од РЦ за ГР ЈУГ, како и промовирање на европскиот пристап на координирање на сите заеднички активности и справување со предизвиците.
„Одбележуваме една година од работата на макеоднската полиција заедно со ФРОНТЕКС, со цел да ги одбраниме нашите и границите на ЕУ од прилив на мигранти. Тоа успешно го правиме од 2015 до денеска. Договорот е од историска важност, тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише со Европската Унија и ја отвори вратата за поинтензивна оперативна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување“, истана Бојмацалиев во изјава за медиумите заблагодарувајќи се до Тасевски и Несторовска за напорите што ги направија договорот да биде на македонски јазик и успешно да функционира во нашата држава.
„Со тоа уште еднаш покажуваме дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции, заедно работиме и од неодамна имаме барање од други полиции да вршиме обуки на нивните службеници како се справуваме со миграцијата. Од земја што бараше помош од другите држави за справување со миграцијата, сега нудиме помош“, рече Бојмацалиев.
Македонија
Ковачки ги повика неопределените да гласаат: „ Да се обединиме за идејата ‘Македонија повторно твоја’“
Народот е подготвен и обединет за промени, приклучете се кон ВМРО-ДПМНЕ за да ја поразиме оваа ненародна и криминална влада на СДС и ДУИ, порача Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 3.
„Денеска сме во Кратово, Ранковце и Крива Паланка. Тука сме да презентираме проекти од Платформата 1198, ќе поразговараме со сите граѓани. Ги повикувам сите граѓани кои сеуште не се определиле и кои што ја чувствуваат позитивната енергија која што доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, да се обединиме околу идејата за Македонија повторно твоја, да се обединиме околу проблемите“, рече Ковачки.
Како што додаде вчерашниот митинг во Охрид покажал дека народот е подготвен и обединет за промени, а ВМРО-ДПМНЕ е партија за македонско национално единство.
Македонија
Успешна сложена дентална операција – изведена транспозиција на нерв
Вчера, успешно заврши сложениот хируршки зафат – транспозиција на нерв на пациент од земјата.
Оваа комплексна техника ја изведе искусен хируршки тим под водство на професор Мазен Тамими од САД, роден во Јордан.
Интервенцијата се изведе во присуство и во приватната специјалистичка ординација на реномираниот орален хирург и имплантолог од овие простори – Дијана Бојковска. Пациентот е во стабилна состојба, се чувствува добро, но претстои период на целосно заздравување по извршување на операцијата поради прилично атрофираната долна вилица.
Видеоприказ од интервенцијата ќе биде емитуван во рамките на меѓународниот имплантолошки конгрес, кој почнува денес во хотелот „Хилтон“ во Скопје, а ќе трае до 20 април. Напредната хируршка техника првпат ќе биде споделена со пошироката стручна јавност од земјата, но и од светот, бидејќи на конгресот ќе учествуваат врвни стоматолози, орални и максилофацијални хирурзи од четири континенти.
Дигитализација во стоматологијата и новите трендови во имплантологијата се дел од темите што ќе бидат во центарот на вниманието на овој конгрес. Конгресот предвидува теоретски, практичен дел и презентирање напредна хируршка техника во делот на имплантологијата.
Еминентни стоматолози специјалисти од Македонија исто така ќе земат активно учество на конгресот: д-р Митко Франгов, орален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Златко Вршковски, максилофацијален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Недим Касами, максилофацијален хирург и имплантолог, д-р Петар Вршковски, орален хирург и имплантолог, д-р Дијана Бојковска, орален хирург и имплантолог.
Во Македонија првпат стоматолозите учесници на конгресот ќе бидат дел од меѓународно акредитирана имплантолошка едукација и ќе добијат CME – европски кредит-поени.