Македонија
(Видео) Манчев: Автопатот Скопје – Тетово не е црна точка
Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот за „Макфакс“ изјави дека автопатот Скопје – Тетово не се смета за црна точка во сообраќајот, односно дека на овој пат се многу ретки сообраќајните незгоди.
„Во теоријата нема термин кој дава дефиниција за она што е црна точка, но сите знаеме дека тоа е критично место на патот каде што обично се случуваат голем број незгоди. Според тоа, местото на тешката автобуска несреќа не спаѓа во ризични патишта“, вели Манчев.
Понатаму, како што кажа тој, оваа сообраќајна незгода покажува во каква состојба е сообраќајниот систем во земјата и дали таа има капацитети да се справи, да превенира сообраќајни незгоди.
„Треба да се направи темелна анализа и да се увидат капацитетите на надлежните, дали може да превенираат и да се справат со последиците од ваквите незгоди. Во 2018 година 129 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 6.700 биле повредени. Според број на загинати на 100000 жители, Македонија не е во листата на земји со голем број жртви во регионот. Но, на европско ниво, бројката е висока“, вели Манчев од РСБСП.
Според него, заштитниот појас е една превентивните мерки кои може да спречат несреќа. Во земјите во ЕУ, меѓуградските автобуси треба да имаат фабрички градени појаси на сите седишта, но Манчев рече дека кај нас не е така.
„Според правилникот за техничка исправност на автобуси од типот Ц3, односно кои сообраќаат меѓуградски, во државата појас треба да има вградено на седиштата кај возачот, совозачот и патниците на предните седишта и патникот е должен да го врзе. Во земјите од ЕУ со директива, фабрички треба сите седишта да имаат појаси. Македонија како аспирант за влез во ЕУ, ќе треба да го направи тоа. Во моментот во државата речиси нема автобус кој има безбедносни појаси на сите седишта“, рече Манчев.
Професионален возач не смее да вози повеќе од 8 часа во период од 24 часа. Во конкретниот случај, дали возачот на автобусот возел предолго, односно дали една од причините бил заморот, треба да покаже истрагата, вели Манчев. Професионалните возачи спаѓаат во групата на ризични учесници во сообраќајот, но, сепак, бројот на несреќи е многу мал каде возачи биле тие, покажуваат податоците со кои располага РСБСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време, температури до 26 степени
Претежно сончево и топло со слаб јужен, а вдолж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Продолжува периодот на сончево и топло време со мала до умерена облачност. Од вторник ќе има извесно зголемување на облачноста со благо опаѓање на дневната температура.
Македонија
Државниот пазарен инспекторат ги демантира објавите на Фејсбук од министерот Тошковски
Државниот пазарен инспекторат, ги демантира објавите на Фејсбук страната на техничкиот министер на МВР Панче Тошковски и Фејсбук страната на Министерството за внатрешни работи, каде се вели дека инспектори од Државниот пазарен инспекторат ја злоупотребиле својата службена положба и не постапиле во согласност со Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност.
„Во период од 03- 06 месец 2023 година, од страна на МВР – СВР – Скопје од началникот на Единица за економски и компјутерски криминал, во повеќе наврати беше побарано од Државниот пазарен инспекторат спроведување на координирани акции. Имајќи предвид дека во ваков случај, координатор на акциите е МВР – СВР Скопје, Единица за компјутерски и економски криминал, пазарните инспектори не знаат во кои субјекти ќе вршат надзор се до време на започнување на надзорот кај субјектите. По насоки и во присуство на полициски службеници од Единицата за економски и компјутерски криминал, постапи пазарниот инспекторат во менувачници кои беа одредени од страна на Единицата за економски и компјутерски криминал. При надзорите е констатирано дека дел од субјектите се регистрирани во согласност со Законот за трговски друштва, а дел од нив биле нерегистрирани за што пазарните инспектори изрекле глоби во согласност со важечкиот Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и го известиле Државниот девизен инспекторат за понатамошно постапување како надлежен врз работењето на менувачниците“, велат од инспекторатот.
Од страна на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат е постапено во согласност со своите законски овластувања, непречекорувајќи ги своите надлежности, со што не извршиле злоупотреба на својата службена положба и овластување.
„Изрично укажуваме дека пазарниот инспекторат нема надлежност да одзема парични средства кои се предмет на работење, ниту пак да проверува дали субјектот има лиценца од НБРСМ. Надлежностите за вршење надзор кај резидентити кои вршат менувачко работење има Државниот девизен инспекторат во согласност со Законот за девизна инспекција и Законот за девизно работење, каде е наведено дека девизниот инспекторат има надлежност кај резиденти кои вршат менувачко работење без лиценца од НБРСМ, да врши надзор, да одзема предмети и парични средства, според член 43, 46 и 51 од Законот за девизно работење“, велат од инспекторатот.
Државниот пазарен инспекторат ги повикува сите надлежни институции вклучувајќи го и обвинителството да постапат согласно нивните надлежности и да го решат овој случај до крај“, велат од Пазарната инспекција.
Македонија
Левица им поднесе кривични на членовите на ДИК и АВМУ
Левица им поднесе кривични на членовите на ДИК и АВМУ.
,,Правниот тим на Левица спрема кривична пријава за поттикнување на сторување кривично дело, Злоупотреба на средства од изборна кампања’ против сите членови на ДИК и АВМУ – поименично“, се вели во објавата на претседателот Апасиев.
Како што посочува лидерот Апасиев, тоа е прв чекор кон барање на она што законски следува.
„Ќе има и други.”, завршува тој.