Македонија
Маричиќ во Брисел, почнува билатералниот скрининг за „Правосудство и фундаментални права“
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел ќе го отвори билатералниот скрининг состанок за Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални вредности“.
Во следните два дена работната група за преговори, преку 24 презентации, ќе ја претстави позицијата и нивото на усогласеност на правниот систем на Северна Македонија во однос на европското право во областа на судството, антикорупциската политика, основните права, правата и заштитата на малцинствата и правата на граѓаните на ЕУ, пред експертите од Европската комисија.
Дел од македонскиот преговарачки тим е и државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања и заменикот на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, а членовите на работата група за преговори се претставници од кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, Агенција за аудио и аудиовизуелните медиумски сервиси, Агенцијата за заштита на личните податоци, Агенцијата за катастар на недвижностите и Секретаријатот за европски прашања.
Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални права“, ги покрива областите на правосудство, антикорупциска политика и фундаментални права. Европските принципи за фундаментални права се утврдени во Повелбата за фундаменталните права, која со стапувањето на Лисабонскиот договор во сила е правно обврзувачка за земјите членки. Во оваа област фокусот на Европската Унија е ставен на борбата против дискриминацијата, расизмот и ксенофобијата, слободата на изразување, заштитата на личните податоци, како и на заштитата на ранливите групи, како што се децата, жените и малцинствата, информираат од Секретаријат за европски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.